Култура
„Галеб“ на Армискиот театар од Софија во недела на Охридско лето
Сцената на Големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид утревечер резервирана за настапот на актерите од Театарот на армијата од Софија, кои ќе ја изведат воодушевувачката претстава „Галеб“ на Антон Павлович Чехов, во режија на легендарниот Крикор Азарјан
Како што вели самиот режисер, „Галеб“ отсекогаш за него бил една од најатрактивните драми пишувани од Чехов.„Чехов гледал на луѓето, на светот, на нештата во животот, со полифоничен поглед. Неговата камера не го следи настанот, како што е на пример во делата на Шекспир, тој прикажува неколку точки на гледање. Секогаш има работи кои се преклопуваат и ова преклопување е особен близок поим за мене“, вели Азарјан. Тие контрасти: висок – низок, силен – слаб, голем-мал, за режисерот прават импликации кои се многу поважни од значењето на изговорените зборови. И ова е театар!, нагласува тој. „Зошто „Галеб“? Тоа е фундаментален дел од еден комплекс на вечните теми. Тоа е претстава за љубовта, за смртта, за креативноста; згора на тоа, за конфликтот меѓу генерациите, родителите и децата. Целата суштина е тука, претставата е за повеќето универзални теми, и тие се вткаени во нивните органски врски, заклучува Крикор Азарјан.Според селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Ѓорѓи Јолевски, „една од големите болести на нашето време е дека е тешко да бидеш некој, тешко е да се биде личност. Во ерата на безличното постоење, личност како Азарјан е поддршка и инспирација истовремено“.Јолевски најаввува дека како вовед на утрешната изведба на „Галеб“ вечерва од 19 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде проектиран документарниот филм на Лиља Абаџиева, насловен „45 степени Азарјан“, дело што говори за театарските претстави, филозофијата на животот, работата на режисерот Азарјан и неговото присуство во бугарската театарска сцена.„Филмот ја следи работата во творечкиот процес за создавање на претставата „Галеб“ на А. П. Чехов со ансамблот на Театарот на Армијата. Документацијата на еден репетиционен процес кој е воден од режисерот Азарјан ќе ни овозможи да ја разгледаме историјата на една претстава како педагошки, естетски и филозофски роман“, појасни Јолевски.На проекцијата е најавено присуство на сопругата на Крикор Азарјан, режисерката на филмот Лиља Абаџиева, аудиториумот ќе го поздрави Благоја Стефановски, а слово за Азарјан ќе чита Јордан Плевнеш.Режисерот Азарјан е добитник на повеќе реномирани филмски награди од кои, Награда за режисерско деби за документарен филм на филмска академија во 2010, Награда на филмската Академија за најдобар документарен телевизиски филм за 2009-та, Гран-при Осман Муза на медиумите фестивал Османи МУЗА и многу други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.