Култура
Изложба на Лешоски во Вевчани
Центарот за Современи уметности Скопје, во рамките на пректот Култура во руралните заедници и авторот Симун Лешоски од Вевчани ја организира изложбата „Минијатури од раката на Лешоски“ чие отворање ќе се случи во денеска, 7-ми јули во 18 часот во просторот на „Веслов дрен“ во Вевчани
„Минијатури од раката на Лешоски“ е збир на дела во мал формат кој што е дел од најновото творештво на авторот. На изложбата ќе бидат презентирани седумдесетина слики во мал формат во различни техники, во кои доминираат мотиви од сеќавањата и имагинацијата на авторот и старата вевчанска архитектура. Во своите дела Лешоски нуди решенија за поставување на паралелни алтернативни системи, и ги застапува установите на науката во целина. Оттаму циклусот минијатури цели кон осовременување и доплнување на методите на уметноста, и кон нивно радикално менување, а на свој сопствен начин, обезбедува можност за делотворно соочување со творечката и критичка практика на уметноста. Циклусот минијатури на Лешоски е само простор за изразување поставен врз идеалот на една самосвојна наука. Тој идеал е болката на знаењето којашто е легитимација на слободата.Во повеќето од делата авторот ги фокусира своите напори со научна прецизност врз одделни сегменти. Една од неговите омилени стратегии е апропријација или цитат на наследството. Токму методите што ги користи ја вклучуваат неприкриената апропријација, односно цитат на познати дела од локалното наследството кои најчесто се и самите извори на клутурата. „Ги соѕидав со четче, мали-како кутивчиња. Токму такви ние можеме да ги носиме во нашите срца“ вели авторот Симун Лешоски. Лешоски е автор на вевчанските личници, грбот и знамето на Вевчани. Досега имал две самостојни и повеќе групни изложби. Изработува мозаици со камчиња од вевчанските извори. Илустрирал и десетина книги.Изложбата е дел од активностите на проектот Култура во руралните заедници финансиранa од Швајцарската програма за Култура на западен Балкан и Институтот отворено општество – Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.