Македонија
Македонија го одбележува 11-ти Октомври, Денот на народното востание

Македонија во недела одбележува 74 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.
Организираното востание почна во 1941-та година, кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12-ти октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
Денот на народното востание е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција, Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.
Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.
За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58 илјади лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети. Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.
Традиционално по повод празникот, во недела во Собранието на Република Македонија ќе бидат врачена државната награда „11-ти Октомври“. Во текот на денот бројни делегации ќе положат цвеќе на спомениците и паметниците на народните херои.
Во Прилеп кадешто и започнува антифашистичкото востание ќе биде одбележан празникот со низа манифестации. Честувањата започнаа уште во петокот, а централната манифестација ќе се одржи во недела со импровизиран напад на градот и огномет, а ќе им биде оддадена и достојна почит на дејците, борците, народните херои и жртвите што градот ги дал во народноослободителната војна./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани и Суперти со заедничка заложба за напредок на реформите и отворање на првиот Кластер

Во рамките на дводневна работна посета на институциите на Европската Унија во Брисел, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска оствари средба и со Валентина Суперти, директорка во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија.
Дискусиите се одвиваа во контекст на напреднатата фаза на подготовките за отворање на Кластерот 1 (Фундаментални вредности), при што посебен акцент беше ставен на исполнувањето на одредниците за отворање кои се предуслов за отворање на овој кластер, дефинирани во Преговарачката рамка. Министерот Муртезани информираше дека Владата на Северна Македонија веќе ги финализира суштинските стратешки документи: Патоказот за владеење на правото, како и придружниот Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците и Патоказот за реформа на јавната администрација; со што практично се заокружува исполнувањето на условите и се отвора патот кон формално отпочнување на преговорите почнувајќи со отворање на првиот Кластер, известува Министерството.
Муртезани нагласи дека овие документи се резултат на темелна координација со Европската комисија и вклучување на релевантните чинители од институционалниот, граѓанскиот и експертскиот сектор, вклучително и јавни презентации пред надлежните собраниски тела. Финалната верзија на документите се усогласува со Европската комисија, пред нивното формално усвојување од Владата.
Дополнително, на средбата беа разгледани тековните активности поврзани со имплементацијата на Реформската агенда 2024–2027 и Планот за раст за Западен Балкан, вклучително и процесот на евалуација на првото Барање за исплата на средства, доставено до Европската комисија на 14 март годинава. Се разговараше и за реформите планирани за реализација до јуни 2025 година, особено во областа на енергетиката, дигиталната трансформација, деловното окружување и владеењето на правото.
Суперти ја поздрави посветеноста на Владата во исполнувањето на своите обврски и проактивниот пристап во градење функционална институционална структура за управување со евроинтегративниот процес. Соговорниците ја истакнаа важноста од редовна и отворена комуникација, како предуслов за кредибилна европска перспектива и остварување на јасни резултати во приближувањето кон ЕУ, се наведува во соопштението на Министерството.
Македонија
МВР со апел до граѓаните: Внимавајте на лажни е-пораки – фишинг линкови

Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи периодов констатираше зачестена појава на така наречени фишинг напади преку електронска пошта во која се злоупотребуваат имињата на повеќе македонски компании со цел неовластено прибавување на податоци од нив. Овие пораки лажно тврдат дека сте сториле повреда на авторски права и содржат фишинг-линкови до наводна документација или барања за преземање на активности, велат од МВР.
Важно и значајно е граѓаните односно компаниите да знаат дека пораката не е испратена од вистинската компанија, да не кликнуваат на линковите или прилози во пораката, да не одговараат на пораката, да не споделуваат лични информации и веднаш да ја избришат пораката.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами. Доколку сте примиле ваква порака или сте жртва на слична интернет измама, веднаш пријавите го случајот во најблиската полициска станица.
Обидите за фишинг обично доаѓаат преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС порака или со телефонски повик.
Оттаму, Министерството за внатрешни работи со цел заштита на граѓаните, на нивните лични податоци и можните злоупотреби и последиците што можат да произлезат, апелира внимателност при добивање на ваквите пораки, да не наседнуваат на измами од ваков тип и нивните лични податоци да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет, со цел спречување на нивна понатамошна злоупотреба, соопштуваат од МВР.
Македонија
„И оние малку што останаа во Влен не смеат да молчат пред систематското отстранување на Албанците од клучните државни позиции“, велат од ДУИ

„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за последните случувања во МВР и АРМ, каде што на континуиран и систематски начин се врши деградација и исклучување на припадници на албанскиот народ од раководни позиции“, велат од ДУИ.
„Последниот случај на разрешување на сите заменик-шефови Албанци и именувањето на блиски роднини на градоначалникот на општината во Полициската станица Бутел претставува не само институционален скандал, туку и опасен сигнал за враќање на ексклузивноста и дискриминацијата во најчувствителниот сектор – безбедноста.
Особено загрижува фактот што ова се случува токму во Бутел – една од најизразените мултиетнички општини во главниот град, каде што Албанците претставуваат значителен дел од населението.
Едноетничките и партиски назначувања во безбедносните структури, како и понижувачките деградации на професионални полициски кадри од албанска етничка припадност, го уриваат принципот на инклузивност – клучен столб на Охридскиот рамковен договор.
Токму присуството и фер застапеноста на Албанците во полицијата и армијата беа предуслов за стабилизирање на меѓуетничките односи по 2001 година. Денес, сведочиме спротивен процес: демонтирање на механизмите на рамнотежа, што води кон обнова на недовербата и чувство на исклученост кај цела една заедница.
ДУИ апелира до Владата на Република Северна Македонија, до Министерството за внатрешни работи, како и до меѓународната заедница, особено до гарантите на Охридскиот договор, да реагираат веднаш и без двосмислености.
Секторот за безбедност не смее да биде инструмент на етничка доминација и политички реваншизам. Ова не е само прашање на внатрешна кадровска политика – ова е прашање на стабилност, доверба и иднина на заедничката држава“, соопштуваат од ДУИ.