Македонија
Експертска група на земјите од ЈИЕ ќе се справува со нелегалната трговија со оружје
Ефективната борба против недозволената трговија со оружје наложува постојан, приоритетен институционален и меѓудржавен ангaжман и ми претставува особено задоволство што иницијативата на Кралството Данска и Република Македонија прерасна во регионална исклучително важна иницијатива – воспоставување на експертска група на земјите од Југоисточна Европа за справување со нелегалната трговија со оружје.
Ова го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Горанче Савовски на денешното потпишување на Меморандумот за соработка меѓу полициите на Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово, за воспоставување на експертска група за преземање мерки против недозволената трговија со оружје во ЈИЕ, како и за регулирање на начинот за заемната соработка, што се одржа во Охрид.„Во изминативе неколку години, овој регион не е само крстопат за меѓународни канали на нелегална трговија со оружје, туку неретко и регион на потекло и крајна дестинација на нелегалното оружје. Токму во оваа насока, денешното официјализирање на воспоставувањето на експертска група за недозволена трговија со оружје ќе ги подигне на едно повисоко рамниште – превенцијата, ефикасноста, оперативноста и соработката во справувањето со овој вид криминал“, нагласи директорот Савовски.Според него, постоењето на оваа група експерти ќе овозможи брза размена на криминалистички и разузнавачки информации, стандардизирање на начинот на собирање и обработка на статистички податоци и изготвување анализи кои се однесуваат на производство, складирање и трговија со огнено оружје и муниција. Но истовремено ќе овозможи и развивање поефективни истражни и разузнавачки стандарди, развивање на заедничка наставна програма и организирање на заеднички обуки за полициски службеници кои работат директно на терен во насока на сузбивање на овој вид криминал. Притоа, како што нагласи првиот човек на БЈБ, функционирањето на експертската група ќе даде конкретен придонес и во зголемување на оперативната соработка и доверба и меѓу земјите во регионот, но и со земјите членки на Европската унија./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

