Култура
Нов роман од Владимир Плавевски
Книгоиздателството „Македонска реч“ од Скопје деновиве го објави најновиот роман на Владимир Плавевски „Последниот сплавар на Вардар“, чија фиктивна конструкција се темели на некои вистински настани поврзани со неговиот прадедо и конкретни настани и личности од првите години на дваесеттиот век
Во овој роман авторот го воведува читателот во галерија специфични ликови и случувања од предилинденскиот период. Главните ликови се сплаварот Јован и неговиот помошник Арсение, кои плават со сплав по Вардар од Велес до Солун. Во својата одисејска пловидба тие запаѓаат во низа драматично-онирични состојби. Владеењето на османлискиот закон на посилниот и пеколните услови на тогашниот ропски живот, Плавевски ги опишува со возбудлива нарација, во чија заднина изнурнуваат буревесниците на македонскиот историски пресврт, гемиџиите и илинденските комити. Сижејниот котелец на романот авторот го ткае со архаичен дијалог, еклектичен на Цепенковиот наративен стил, со што постигнува невообичаено типизирање на ликовите, чии судбини пловат по текот на нивната трагична животна река.Владимир Плавевски кој по занимањето на неговиот праддедо централната личност на последнито негов роман го носи презимето, досега објавил седум книги: „Папарацо – феномен на денешнината“ (1997), „Градител на боговите“ (1997), „Фотографија“ (1998), книгите со раскази: „Играч на фанта“ (1999), „Амкање“, (2001), „Ловец на самовили“ (2004), „Поплава“ (2006) и романот „Цена од Ново Маало (2009).“Автор е на сценарија, според кои за Македонската радио-телевизија досега се снимени повеќе од 40 епизоди од играните серии „Еурека“, „Прекалени“, „Светски бајки“, „Македонски бајки“ и „Златни басни“. Сценарист е и на ТВ-филмовите: „Состојба пред инфаркт“ (1987 год., режија З. Младеновиќ – Окан), „Бог да ги убие шпионите“ (1993 год., режија А. Алексов) и „Вампирџија“ (2002 год., режија Г. Тренчовски). Преку Советот за радиодифузија во 2005 год. е реализиран неговиот проект „Бои во времето“, во режија на Стефан Шашков, кој на Астер фест 2006 ја доби специјалната награда „Златен проектор“; во 2007 год. е снимен ТВ-филмот „Нави“ по негово сценарио, а во 2008 год. го режираше ТВ-филмот „Мултиплеј“ по свое сценарио.За Македонското радио му се снимени девет радиодрами. Неговите драмски текстови „Пипа ритам“ (1986), „Балерината“ (1994), „Кралот Хамлет“ (1995) и „Каста Дива“ (1997), детскиот драмски текст „Трагачи по виножитото“ (1988) и „Министерот и јас“ (2002 год.) се поставени на сцената на Турскиот театар во Скопје; драмата „Раскол“ во Народниот театар во Куманово (1998); драмата „Операција Лир“ во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица (2002).Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 год., член на ДЛУПУМ од 1983 година, како и член на Друштвото на филмските работници на Македонија. Бил предавач по предметот „Фотографија“ на ФДУ во Скопје во 1993/94 год. Учествувал на голем број групни фотоизложби во Македонија и во странство и е добитник на повеќе награди и признанија. Одржал 23 самостојни изложби на уметничка фотографија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.
Култура
Новогодишен концерт „Кадифено“: Зарина Првасевда ја исполни Филхармонијата со традиција и современ звук
Во саботата, 20 декември се одржа новогодишниот вокалната уметница и интерпретаторка на традиционална музика Зарина Првасевда, со наслов “Кадифено”. Во преполната сала на Филхармонија, беше отсвирен репертоар кој вклучи македонски традиционални песни, но и песни од албанската, турската, влашката традиција, односно песни кои се дел од културата на нашите простори.
Гости на концертот беа перкусионистот Ахмет Алан, како и гитаристот Џенк Ердоган, кој по неколку минутниот аплауз од публиката, повторно се вратија на бис.
“Бев многу среќен на концертот, најмногу поради комуникацијата која се оствари меѓу нашите култури и традиции. Многу ми се допадна музиката која ја отсвиревме, ми се допаднаа и приказните зад секоја од композициите, особено бидејќи Зарина беше доволно љубезна да ја раскаже приказната зад секоја од песните. Со тоа, јас дополнително се внесов во интерпретацијата на секоја од нив, бидејќи ги бирав акордите во зависност дали е љубовна песна или песна со трагичен крај. Целиот амбиент, салата, декорацијата на бината направи да се чувствувам како дома, како да седиме со моите пријатели и свириме од срце. Би сакал да дојдам повторно, се радувам на таа идеја” – изјави Џенк Ердоган, виртуозот на фретлес гитарата од Турција кој е Греми награден артист и еден од гостите музичари на концертот.
„Настапот со уметници со светско значење како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони претставува исклучителна чест и задоволство. Концертот отвори можност традиционалната музика да се согледа од поинаков агол и пред публиката да се претстави еден современ пристап кон народното музичко наследство. Особено ме радува што публиката имаше можност преку овој настан да се поврзе со светот и да доживее музичко искуство исполнето со нова енергија и чувствителност. Атмосферата беше навистина магична, а големата посетеност и бројните пораки исполнети со топлина, мекост и милина кои ги добив по концертот потврдуваат дека оваа идеја беше препознаена и прифатена.Искрено сум благодарна на сите кои со својата посветеност и поддршка придонесоа за успешната реализација на овој концерт.“ – изјави Зарина.
На концертот настапија и професорот и музичар Тони Арслан, македонскиот виртуоз на виолина како и младата и надежна контрабасистка, Андреа Мирческа.
„Кадифено“ е концертен настан што создава дијалог меѓу традиционалната музика, модерниот звук и интернационалната музичка извонредност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт претставува само почеток на концертниот циклус на Зарина, кој ќе продолжи и во текот на следната година, кога се планирани снимање и издавање на нов албум, како и нов концертен проект.
Фотограф: Стефан Рајхл, соопштение „Друга страна“
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасковски
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасковски.
„Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасковски почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!“, наведуваат од Драмски театар.
Манасковски е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.

