Македонија
ХК бара од судиите да не определуваат притвор за приведените демонстранти
Невладината организација за заштита на човековите права Хелсиншки комитет во Македонија апелираше во понеделникот до судиите кои одлучуваат за определување и продолжување на мерките за обезбедување присуство, односно претвор, да го земат предвид фактот дека се работи за полесно кривично дело за кое не треба да се изрекуваа мерката притвор или куќен притвор, како и фактот што во најголем дел се работи за ица кои претходно немаат сторено кривично дело.
Комитетот смета дека со повикувањето на лицата кои учествуваат на протестите се врши заплашување на лицата повикани на разговор, меѓутоа и на останатите кои учествуваат и ќе учествуваат на протестите. Укажуваат дека решенијата за куќен притвор, особено влијаат на ограничување на правото на протест, поради фактот што како причина за определување на оваа мерка е наведено дека притворените можат да го повторат кривичното дело со оглед дека има нови најавени протести.
Од досегашните информации со кои располага Хелсиншкиот комитет, во врска со тековните протести, на 13-ти април годинава биле приведени 13 лица, од кои на 11 им е изречена прекршочна санкција за сторен прекршок од член 14 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, поради наводно постапување спротивно на наредбата на надлежен државен орган или на овластено службено лице на државен орган за забрана да се пристапува или задржува на определено место.
Две лица се изведени пред судија на претходна постапка и им е определен куќен притвор во траење од осум дена. Сите 13 лица биле држени во полициска станица до 24 часа, иако лицата на кои им била изречена прекршочна санкција поради сторен прекршок согласно член 50 став 3 од Законот за полицијата можеше да бидат задржани максимално, уверуваат од невладината организација.
Во дописот до медиумите, исто така, се наведува дека до Хелсиншкиот комитет се обратиле дел од лицата што учествувале на протестите и известле дека минатата седмица повеќе лица биле повикани на информативен разговор во полициска станица.
„За оваа група информирани сме единствено од едно лице дека е осомничен дека извршил кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ од член 385 ст.1 од КЗ, поради што му е определена мерка куќен притвор во времетраење од 8 дена. За ова кривично дело предвидена е парична казна или затвор до 3 години, што се смета за полесно кривично дело, за кое во принцип не треба да биде определена мерката куќен притвор, односно посоодветно би било изрекување на поблаги мерки на претпазливост (на пр. обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице). На одлуката за определување на мерката куќен притвор ОЈО Скопје вложило жалба, која била одбиена од страна на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје“, се наведува во писмената изјава.
Во однос на случувањата во понеделникот, од Хелсиншки комитет известуваат дека на информативен разговор биле повикани повеќе лица кои учествувале на протестите на кои Хелсиншкиот комитет им обезбедил застапување од страна на адвокат на Здравко Савевски, кој беше повикан на информативен разговор во полициска станица и е одведен во Основното јавно обвинителство Скопје.
„Исто така, одлуките за притвор или куќен притвор како и за поведување на кривични постапки против овие лица може да се сметаат и како предупредување за останатите граѓани кои сакаат да земат учество во протестите кои се одржуваат во овој период. Овие дејствија се спротивни на член 21 од Уставот на РМ, со кој член се пропишува дека граѓаните имаат право да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола и користењето на ова право може да биде ограничено само во услови ни воена и вонредна состојба, што не е случај во оваа ситуација. За споредба, Комитетот имаше набљудувачи за време на насилните протести пред Општина Центар, кои се одржаа во 2014 година, за кои против учесниците не беше покрената судска постапка, поради што сметаме дека постои селективна правда“, се додава./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.

