Култура
Премиерата на „Мајки“ од Манчевски во Торонто

Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Мајки“ е завршен. На престижниот филмски фестивал во Торонто (09-29 септември) филмот ќе биде прикажан во програмата „Специјални презентации“
На прес-конференцијата во среда закажана од македонскиот дистрибутер „МанакиФилм“, режисерот не се појави. На пресот присуствуваа неколку членови од екипата на филмот меѓу кои директорот на фотографија Влатко Самоиловски, актерите Диме Илиев и Владимир Јачев, кастинг директорката Маја Младеновска и директорката на „МанакиФилм“, Татјана Ќурчинска Пепељугоска.Интересно е што никој од присутните се уште немал прилика да го види целиот филм, па така, на поставените новинарски прашања тие дадоа штури изјави само за својот дел на ангажманот во филмот.„Мајки“ е најавуван како филм со експериментална структура, кој е составен од три дела снимени во играна и во документарна форма. Филмот е копродукциски проект на Македонија, Бугарија и Франција. Снимен е на локации во Македонија, во Мариово, Кичево, Тетово и Гостивар. И според кастингот а се чини и жанровски, „Мајки“ се навестува како извесно продолжение на „Сенки“ со нагласена микстура на вистина и фикција. Провокативно звучи што структурата на филмот се повикува на потмодернистичките влијанија на Марсел Дишан, Раушенберг, Јозеф Бојс…Од дистрибутерот „МанакиФилм“ не можевме да го дознаеме датумот на македонската премиера на „Мајки“.„Мајки“ е четвртиот филм на Милчо Манчевски, македонско-француско-бугарска копродукција. Снимањето се одвиваше на погорее наведените локации во Македонија, , а монтажата беше завршена летово во пост-продукциските студија во Париз, Лондон и Минхен. Главните улоги ги толкуваат Ана Стојановска, Димитар Ѓорѓиевски, Владимир Јачев, Ратка Радмановиќ, Салаетин Билал, Диме Илиев, Марина Поп Панкова, Петар Мирчевски, Горан Трифуновски, Благоја Спиркоски, Борис Чоревски, а првпат на филм се појавуваат Емилија Стојковска и Милијана Богдановска. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, продукциски дизајнер Дејвид Манс, костимограф Елизабета Монталдо, дизајнер на маска Марио Микисанти, монтажер Жаклина Стојчевска, дизајнер на тонот Питер Балдок, кастинг директор Маја Младеновска, а музиката е на Игор Василев Новоградска. Продуцент е Кристина Калас, а копродуценти се Тиери Ленувел, Мари-Пјер Масиа и Методиус Петриков. Покрај „Мајки“ на Маневски кој, како што рековме ќе ја има светската премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, кој е еден од најголемите фестивали во светот од А-категорија, во престижната програма „Специјални презентации” на јубилејното 35-то издание, други филмови кои во Торонто ќе ја доживеат својата светска премиера се новите филмови на Роберт Редфорд, Вуди Ален, Емилио Естевез итн.Како што рече за Форум продуцентот на филмот, за „Мајки“ бил заинтересиран лично директорот на Фестивалот во Торонто, легендарниот Пирс Хендлинг. Тој самиот го гледал и го ставил во програмата. Хендлинг е автор на текстот за „Мајки“ во каталогот за фестивалот, каде анведува дека станува збор за „еден од најдобрите филмови што ги видел во последните години, како поради храбрата, експериментална синематска структура, така и поради содржината“.осегашните филмови на Милчо Манчевски се прикажани на повеќе од 110 фестивали и дистрибуирани се во над 50 земји под уставното име на државата. Тие имаат освоено над 30 престижни награди, меѓу кои и Златен лав во Венеција, Номинација за Оскар, награди на УНЕСКО и ФИПРЕСЦИ, Индепендент спирит, Давид ди Донатело, Сребрен кондор, итн, а Њујорк тајмс го вброи „Пред дождот“ на листата на илјада најдобри филмови на сите времиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Да изградиме индустрија што ќе создава игри со македонски печат и глобален потенцијал

Денес во Скопје беше отворена првата конференција за развој на видеоигри во Македонија „Game Dev Rev 2025“, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (MGI).
Со своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека оваа конференција не претставува само промоција на видеоигри, туку е симбол на креативноста, младинската енергија и новата културно-економска реалност за Македонија.
„Дали знаете што имаат заедничко една добра видеоигра и една успешна културна политика?“-праша министерот во своето обраќање. Двете почнуваат со идеја, момент на инспирација, што, ако е поддржан на вистински начин, може да прерасне во нешто големо. Некогаш дури и светски“, рече Љутков.
Министерот посочи дека индустријата за видеоигри денес е една од најбрзорастечките културни и економски гранки во светот, со годишен приход што го надминува оној на филмската и музичката индустрија. Таа индустрија, како што истакна, претставува спој на уметност, технологија, наратив и дизајн, и создава нови можности за младите.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на асоцијацијата и за сите професионалци, ентузијасти и визионери вклучени во неа.
„Ова не е само конференција, туку повик до нашите млади креативци, дизајнери и програмери да го препознаат својот потенцијал, да се поврзат, да учат и да создаваат. Тука се гради иднината на македонската гејминг-индустрија,“ рече министерот.
Во своето излагање, министерот се заложи за поголема поддршка на новите културни индустрии, особено оние што го поврзуваат младинскиот потенцијал со глобалните трендови и носат нова економска вредност за земјата.
„Да го искористиме овој почеток за да создадеме заедница што ќе расте и ќе создава игри со глобален потенцијал–но со македонски печат,“ рече Љутков.
На конференџијата особено значајно беше присуството на претставници од Европската федерација за развој на видеоигри, како и поддржувачи од целиот регион и Европа, што претставува силен сигнал дека Македонија се позиционира како активен чинител на дигиталната и креативна мапа на Европа.
Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш покажа и докажа дека театарската моќ допира до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.
Култура
Наградена со Стериина награда, славена во Белград – претставата „Народен пратеник“ на МНТ сега патува за Брчко

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе настапи на претстојните 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Фестивалската програма се одржува од 16 до 24 октомври, а МНТ ќе настапи на втората фестивалска вечер, утревечер, на 17 октомври.
Фестивалот „Брчко Дистрикт“, со речиси половина век традиција, важи за еден од најрелевантните во регионот, познат по специфичниот пристап кон продукцијата, селекцијата и наградувањето на претставите и поединците.
Селектор на годинашното издание е култниот и харизматичен актер и режисер, Ирфан Менсур.
Летово, претставата „Народен пратеник“ доби Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад и е сè поактуелна во регионалниот театарски простор.
Веднаш потоа беше изведена и во Народно позориште во Белград, каде Менсур фасциниран од актерската игра ја вклучи претставата во официјалната селекција на фестивалот во Брчко, со зборовите „Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.
Режијата на Савин ја задржува суштинската визија на Нушиќ, избегнувајќи радикални режисерски интервенции. Наместо тоа, фокусот е ставен на колективната актерска игра и јасната критика на политичкиот театар, испорачана интелигентно, духовито и трезвено.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Ова е трето учество на МНТ на фестивалот во Брчко. Во претходните години, театарот има учествувано со претставите „Народен непријател“ и со „Нема да биде крај на светот“ и двете во режија на Нина Николиќ.