Култура
Промовиран првиот албум на Старовски

Денеска во Скопје на прес-конференција беше промовиран првиот албум на Старовски, музичко-поетската читанка насловена „Прашинка љубов“.
Денеска во Скопје на прес-конференција беше промовиран првиот албум на Старовски, насловен „Прашинка Љубов“. Од масата на која „долго и долго седеше и беседеше, бдееше, немееше и самееше, пиеше и пееше, копнееше и поначесто чемрееше Петре М. Андреевски“ во познатата скопска Гостилница кај Јоле, „Старовски“ ги поздравија своите пријатели, подджувачи и присутни новинари. Верица Андреевска Спасовиќ, член на „Старовски“ порача дека нивната цел е да ги пренесат копнежот, љубовта, радоста и тагата кои ги чувствуваат читајќи ја оваа поезија и дека доколку барем едно дете слушајќи ја нивната музика посака да прочита уште нешто од овие големи луѓе, за нив ќе претставува успех во промовирањето на вистинските вредности и богатството на македонската култура. Сергеј Андреевски, уметник и син на Петре М. Андреевски, чија поезија е дел од албумот, ја претстави музиката на Старовски како „творба која го содржи надреалното на поетите од ковот на Петре, Гане Тодоровски, Блаже Конески“. Прес-конференцијата „Старовски“ ја затворија парафразирајќи ги зборовите на уште еден великан на македонската литература, Гане Тодоровски: „Во бликотот на таквата чудеснина, со своевидна почит и’ се преклонуваме на паметта на овие луѓе за да разгласиме дека ќе бидат вечно живи се’ додека не’ движи човечката добрина и смислата за самопочит. Оваа сознајба ни кажува дека ќе бидеме и силни и мудри и како национален етнос и како државен субјект и институт доколку умееме да паметиме“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.