Култура
Ревиски концерт на ДММ во чест на Шпато
Со концертот на Ревискиот оркестар на МРТ синоќа беа отворени 34-тите Денови на македонска музика. Диригент на оркестарот во музичката вечер, која во целост беше посветена на творештвото на Драган Ѓаконовски – Шпато, беше Кире Костов
На отворањето на Деновите на македонска музика во салонот на МОБ присуствуваа Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, министерката за култура на РМ, Елизабета Канческа – Милевска, композитори, музичари и почитувачи на творештвото на музичката легенда Драган Ѓаконовски – Шпато.„Вашето присуство потврдува дека оваа манифестација е епицентар на културниот живот во македонската престолнина, и дека престојуваат денови во кои ќе бидат презентирани врвни уметнички вредности“.Македонската публика ќе има можност да ужива во сето она што во изминатиот период е создадено на македонската музичка сцена и да направи аналитички пресек на впечатливите тенденции и правци.„Го обележуваме започнувањето на 34-тите Денови на македонска музика, но се навраќаме и на ликот и делото на големиот Драган Ѓаконовски – Шпато, како и неговиот придонес во создавањето на мозаикот на македонската современа музика, музичка култура, неговата оригиналност, инвентивност, естетика и изведувачко мајсторство. Несомнено дека неговото дело го збогати македонскиот музички трезор со музика за сите времиња и сите генерации“ – нагласи Елизабета Канческа – Милевска, министерка за култура на РМ, на отворањето на 34. Денови на македонска музика.Со Ревискиот оркестар на МРТ настапија познати музички вокални солисти, како Драган Мијалковски, Ѓоко Таневски, Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, Тамара Тодевска, Горан Начевски, Влатко Лозановски, Маријан Стојановски, Здравка Мирчевска и квартетот „Вокали“. Како солисти настапија и Живојин Глишиќ, на гитара, и Кирил Рибарски, на тромбон. Темата „Еден бакнеж“ ја диригираше композиторот Александар Џамбазов.Со овации на отворена сцена беше примен настапот на Мартин Ѓаконовски, син на Шпато, кој специјално за оваа прилика од Германија допатува во Скопје.Со монографијата за Шпато македонската културна ризница доби уште едно капитално дело, кое претставува сведоштво за животот на еден од основоположниците на македонската современа музика, како што е Драган Ѓаконовски – Шпато.На промоцијата на монографијата „Шпато – музичка легенда“ од Ванчо Димитров и компакт-дискот со музика од Драган Ѓаконовски – Шпато (во издание на БМФ, СОКОМ и МРТ), која се одржа пред концертот, говореа професорот Кирил Темков и Оливер Белопета, директор на Скопје џез-фестивал.„Се собравме да се потсетиме на делото и личноста на еден од најзначајните музичари на Македонија и културен деец кој придонесе музичката изведба да се подигне на повисоко ниво“.„Станува збор за Драган Ѓаконовски – Шпато, музичар, диригент, басист, аранжер, композитор и човек кој ја унапреди забавната и џез-музиката во Македонија, ја унапреди дејноста на музичарите, а најмногу покажа дека музичарите се луѓе со големо срце, радост, амбиција, творечки импулси, енергија и придонес за културата на еден народ“ – изјави Кирил Темков на промоцијата на монографијата за Шпато.Монографијата за Шпато е составена од четири дела. Во првиот дел се изложени моментите од животот на Шпато. Вториот дел е музиколошки и ги опфаќа неговите музички стремежи. Во третиот дел се собрани искажувања на педесетина музиколози, современици, пријатели и наследници на Шпато. Четвртиот дел содржи документациони факти, каде се изложени податоците за концертите, емисиите, ансамблите и сите собрани композиции, снимки и музички аранжмани на Шпато.На промоцијата на компакт-дискот, Оливер Белопета нагласи дека изданието е убав гест, но ни оддалеку не го претставува сето она што на музички план Шпато го создаде за време на својот краток живот.„Со Шпато се запознав во првата половина на 70-тите години на 20. век и до крајот на неговиот живот ја имав таа среќа со него да се дружам многу интензивно. Веќе тогаш знаев неколку работи. Пред сè, знаев дека неговата најголема мана беше што самиот тој не сакаше насила да ја турка својата кариера, бидејќи до крајот на животот остана целосно искрен човек и до крај вљубен во музиката“ – изјави Белопета, кој говореше за големиот број снимки од музиката на Шпато кои се загубени, за неможноста да се соберат сите материјали кои некогаш ги имало во фонотеката на Македонското радио, и дека темите ставени на компакт-дискот се само капка во морето композиции и аранжмани на Шпато.Според програмата на 34. Денови на македонската музика, вечерва, во концертната сала „Империјал“ во МОБ ќе настапи џез-квинтетот „Шулцинг“ од Германија со дела од Кире Костов, Илија Пејовски, Живојин Глишиќ, Владимир Николов, Александар Пејовски, Петер Евалд и Штефан Шулце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

