Култура
Студентска изложба за Драгутин Аврамовски – Гуте
Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“ традиционално ја организираат студентската изложба на графика
Со поддршка од Министерството за култура и во соработка со Националната галерија на Македонија, годинава изложбата ќе биде поставена во галерискиот простор Чифте Амам, каде ќе бидат доделени и годинашните награди.На изложбата која ќе биде отворена денес во 12 часот, ќе бидат претставени графики на студенти од 3-та и 4-та година, како и селекција графики на студенти од 1-ва и 2-ра година од Катедрата по графика на ФЛУ. На изложбата ќе биде доделена еднократна парична награда од Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“ и награда – стипендија, со поддршка на „Сетком трејд“, на студент/ка за најдобро изведено графичко дело во учебната 2010/11 година.Графичката изложба на студентски трудови, на која Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“ од 1988 година ја доделува истоимената награда, повеќе од две децении го привлекува вниманието на студентите, но и на пошироката јавност. Од самиот почеток нејзин покровител е семејството на авторот, односно Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“, а од 1990 година парична награда и годишна стипендија за најуспешна студентска графика изработена во тековната година е поддржана од „Сетком трејд“.Досегашни добитници на наградата се: Виолета Чаповска, Валентина Стефановска, Дејан Стојановиќ, Александар Прилепчански, Гордана Даутовска, Оливер Мусовиќ, Весна Величковска, Давид Георгиевски, Милан Андов, Александар Тасески, Александар Димовски, Јован Јовановски, Марија Најденовска, Даниела Јордановска, Гоце Трајковски, Елена Стојанова, Никола Арсовски, Македонка Величковска, Андријана Начевска, Маја Ковачевска и Горан Трпков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.