Култура
Почнува 44-от меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура
Четириесет и четвртата летна школа на меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ почнува од 27 јуни во Охрид и ќе трае до 12 јули.
Четириесет и четвртата летна школа на меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ почнува од 27 јуни во Охрид и ќе трае до 12 јули. На семинарот ќе земат учество странски слависти, македонисти, балканисти, историчари, етнолози, универзитетски професори, научни работници, преведувачи и студенти по македонистика, славистика и балканистика низ светот. „Оваа година на 44 традиционална летна школа ќе учествуваат 112 учесници од 24 земји, меѓу кои Австралија, Албанија, Босна, Германија, Кина, Кореја, Словачка, САД, Србија, Турција, Унгарија, Финска , Франција итн.“ вели ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје проф.д-р Велимир Стојковски. Покрај тоа, наставата ќе се одржува со секојдневни лекторски вежби, курсеви по избор од македонскиот јазик, македонска литература, старословенски јазик, археологија и курсеви по народни ора и песни. Програмата на летната школа опфаќа литература, историја, етнологија, фолклор, но и организирана екскурзија за запознавање со природното и културното богатсво на Македонија. Исто така, ќе биде одбележана книжевноста и меморијата посветена на познати македонски писатели: Блаже Конески, Коле Чашуле, Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски. „Она што е важно е да ги претставиме сите научни институции во Охрид, бидејќи славистите немаат можност да посетат конгрес. Така што сите институции ќе бидат присутни со свои преставници и презентации на нивната дејност и ќе им помогнат на семинаристите да преведуваат и да лекторираат “ изјави директорот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура проф.д-р Максим Каранфиловски. Досега УКИМ има 11 ректорати во странство и 19 катедри кадешто се изучува македонскиот јазик.„Исто така имаме една добра новина од следната академската 2011/2012 година: од 1 октомври ќе започне со работа нашиот нов ректорат во Киев. Подготовките се завршени, а програмата е акредитирана во Министерството за образование на Украина“ вели Стојковски. Тој додаде дека се прават напори за обновување на ректоратот во Мелбурн со цел повторно да се изучува македонскиот јазик, литература и култура. „Нашите лектори во 11 ректорати и останатите 19 центри каде се изучува македонскиот јазик имаат навистина една зголемена активност. Стратегијата на нашите лекторати не е само изучување на македонскиот јазик на неговата граматика и специфика, туку и насока да предаваат дополнителни изборни предмети кои се поврзани со Македонија“ рече Стојковски. Како и секоја година по завршувањето на летната школа на 14 и 15 јули ќе се одржи и 38-ма меѓународна научна конференција од областа на македонистиката.Буџетот за меѓународниот семинар изнесува вкупно пет и пол милиони денари. Министерството за култура финансира еден милион, министерството за образование 500 илјади, и четири милиони денари обезбеди УКИМ. /крај/макфакс/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

