Култура
Сашо Коцев повторно во „Џубокс“
По две средби со Весна Бејби која пред публиката во Џубокс отвори скокотливи „домаќински“ теми од женски аспект, на ред повторно доаѓа актерот Сашко Коцев
На 1-ви и 8-ми декември со почеток од 22 часот заинтересираните повторно имаат можност да се дружат со омилениот stand up комичар, кому на сцена ќе му се придружат и неколку нови таленти кои со нетрпение ја исчекуваат реакцијата на публиката на нивните деби настапи.Со оглед на тоа што и кај Сашко и кај Весна во публика најбројни беа девојките може да заклучиме дека stand up comedy вечерите во Џубокс се двоен предизвик за претставниците на посилниот (и во случајов, посрамежливиот) пол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Мултимедијален проект „Мечтаење помеѓу празното и празнината“ на Билјана Петровска и Марина Цветановска
Денеска, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи мултимедијалниот проект „Мечтаење помеѓу празното и празнината“ – солистички концерт на авторска музика на Билјана Петровска (соло пијано) и сценска визуелна инсталација на Марина Цветановска-Мартиновска.
За проектот:
Потребата да се дополнуваат музиката и визуелното во просторот е карактеристика на наведените уметнички во претходните уметнички настапи, од каде и произлегува оваа идеја. При тоа наоѓајќи ја заедничката фреквенција преку современ пристап и обработка на заедничка тема мечтаењето, желбите и потребите на луѓето во секојдневието. Всушност создавајќи ги своите форми за сценската инсталација, Марина ги работи под инспирација на музиката на Билјана Петровска.
Музиката на албумот на Билјана е инспирирана од мелодии и мотиви фолклорни песни, од она за кое се претпоставува сите го имаме запишано во нашиот код. Самиот стил на компонирање, амбиентален и медитативен донесува моменти во кои се чувствува инспирацијата од уметничките композиции и форми на Марина.
Современата релаксирачка и амбиентална музика на Билјана Петровска уште повеќе го оформува невидливото, исполнувајќи го празниот волумен со изведба на пијано звуци во современиот стил. Во целина, композициите создадени во умерено темпо, со мелодиски линии и хармонски подлоги со музикална, концептуална структура и позадина, поседуваат приемчивост и слушливост. Употребата на мелодијата и изедначените ритмизации во хармонската основа во нив, остваруваат наизменично прелевање на тонски бои со изразена суптилност. Нивното преплетување и дијалог во разните гласови и регистри, вообичаениот вовед, наместа вметнатите разработки на тематските мотиви во композициите, доведуваат до создавање на чувствено-контемплативни и медитативни расположенија, ја дополнуваат креацијата на Марина Цветаноска – Мартиновска и создаваат чувство на исполнетост, релаксираност и современо естетско визуелно и музичко оплеменување на просторот и доживување кај реципиентите.
Програма
Самовила (Fairy) оп. А
Сон ( dream ) оп. A
Исчекување (Anticipation) оп. A
Носталија (Nostalgy) оп. Ц
Вечно твоја (Forever yours) оп. A
Сеќавање (Memory) op. 1
Молк (Silence) оп.A
Единаесеттиот час (Тhe eleventh hour) – Никола Стојковски, аранжман за пијано Билјана Петровска
Мечтаење (Daydreaming) оп. A
Жед (Thirst) оп. A
Култура
„Блесок“ годишен концерт на ФМУ во Македонската филхармонија
Факултетот за музичка уметност – Скопје со најава за годишниот концерт „БЛЕСОК“ по повод Денот на основањето на Факултетот, кој оваа година слави 58 години од своето постоење. Концертот ќе се оддржи на 6.12.2024г. со почеток од 20:00ч. во Македонската Филхармонија.
Alma mater на најголемите имиња од музичката и балетска сцена во државата, регионот, па и светот, Факултетот за музичка уметност – Скопје
е врутокот од кој произлегуваат речиси сите кадри кои се дел од колективите на најголемите музички и музичко-сценски институции и неизоставен дел од образовниот процес на сите нивоа, се истакнува во информацијата.
„Ве покануваме да го проследите настапот на нашиот Симфониски оркестар, трет во државата, мешаниот хор „Драган Шуплевски“, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, Оркестарот на народни инструменти и проф. Драган Даутовски, студентите од Катедрата за балетска педагогија и Катедрата за џез и популарна музика, ансамблот перкусионисти под диригентските палки на проф. Цанев, проф. Татарчевски и доц. Спироски“, информира организаторот.
Влезот е слободен, резервации до 4.12.2024г. на: [email protected]
Култура
Станчевска-Ѓоргова на работилница: Се фокусираме на безбедносна заштита на културното наследство
Државната секретарка во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, денеска во Музејот на македонската борба се обрати на тридневната работилница која е посветена на примената на законодавството во Северна Македонија за засилување на борбата против нелегалните активности насочени кон културното наследство.
Станчевска-Ѓоргова упати благодарност за заложбата и поддршката за реализација на оваа работилница, што произлегува од успешно одржаната обука во јули годинава во Скопје во рамките на проектот „Борба против недозволената трговија со културни добра во Западен Балкан“, финансиран од Европската комисија и имплементиран од УНЕСКО преку Регионалното биро за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, и Канцеларијата во Сараево.
„Со проектот, чија примарна цел е координација и интегриран пристап меѓу сите чинители во борбата со нелегалната трговија со културното наследство на регионално и на меѓународно ниво, уште еднаш ја потврдуваме нашата посветеност и обединетост за заштита и зачувување на културното богатство што го поседуваме“, истакна пред присутните државната секретарка во Министерството за култура и туризам.
Нагласувајќи дека учесниците на претходната работилница дојдоа до заклучок дека на национално ниво не се преземени сите мерки за координиран и интегративен пристап кој ќе обезбеди поголема безбедносна заштита на културното наследство, Станчевска-Ѓоргова информираше дека се започнати активности насочени кон зајакнување на институционалните капацитети и втемелување меѓуресорска мрежа, преку која координирано ќе се преземат активности за спречување на уништувањето на културното наследство. Таа најави дека во претстојниот период, Владата и ресорното Министерство ќе дадат фокус на засилување на безбедносната заштита на културното наследство.
„Со зацврстување на капацитетите за борба против нелегалните активности со културни добра, применувајќи јасни законски одредби, работилницата ќе придонесе за создавање меѓуресорска мрежа во која ќе дејствуваат Министерството за култура и туризам, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Царинската управа, заводите, музеите, галериите и конзерваторските центри“, рече Станчевска-Ѓоргова, акцентирајќи дека значајна компонента во борбата со нелегалната трговија со културното наследство, но и во спречувањето и казнувањето незаконски активности против културното наследство, се и обвинителствата и надлежните судови.
Таа ја посочи и имплементацијата на меѓународните конвенции од областа на заштитата на културното наследство.
„Ќе нагласам дека нашата земја, кандидатка за членство во Европската Унија, демонстрира сериозна посветеност во почитувањето на меѓународните конвенции, како и на други важни европски документи од областа на заштитата на културното наследство“, рече Станчевска-Ѓоргова.
На отворањето на работилницата, присутните ги поздравија и Алма Мрган-Слипичевиќ од Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа и Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство.
Тридневната работилница е посветена на градење капацитети за подобрување на законодавните рамки за културното наследство за различните категории на клучни институционални партнери и други национални чинители. Присутни се домашни експерти, претставници од: Министерството за култура и туризам, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за внатрешни работи (т.е. полициската служба), Царинската управа, Јавното обвинителство и судството, како и стручни лица вработени во заводите, музеите, галериите, конзерваторските центри и експерти од релевантните невладини организации.