Македонија
Судот не може да постапува по предлозите за „Трезор“, не можеле да го отворат УСБ-то
Специјалното обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) крие докази од Основниот суд Скопје 1 – Скопје, па заради тоа трите предлога кои во текот на средата од страна на СЈО беа доставени до судот, следниот ден од страна на судиите на претходна постапка, кај кои беа распоредени, се вратени во обвинителството, соопштија во четврток од Основниот суд Скопје 1.
Како што појаснија од судот, СЈО до судот поднесло три предлога за определување мерки за претпазливост за четири лица, а доказите заедно со само еден писмен акт – документ, кои согласно законот треба да се достапни за судиите при одлучување во врска со предлозите, беа доставени во електронска форма на пренослива меморија (УСБ) кое судиите на претходна постапка, кои согласно законот, веднаш по добивање на предлозите започнаа со постапување, не можеа да го отворат, бидејќи меморискиот стик е кодиран.„Со оглед на новонастанатата ситуација, службено лице кое во судот ги заведува предметите го извести СЈО дека не може да се пристапи до наведеното УСБ, бидејќи истото е кодирано на што е добиен усмен одговор од обвинителството дека доказите ќе може да се разгледуваат само и исклучиво во нивно присуство и дека само тие ќе имаат право да пристапат до нив.Нејасно е како судиите на претходна постапка треба да постапуваат по предлозите и да ги разгледаат доказите пред да постапат по нив, како би ги повикале странките, меѓу кои и овластениот обвинител, ако претходно не го разгледаат писмено образложениот предлог и основите што ги навел поднесувачот на предлогот, односно доказите, кое нешто е јасно предвидено во Законот за кривична постапка“, се вели во соопштението од судот.Појаснуваат дека согласно Законот за кривична постапка во секој предлог на странките истите се должни, заедно со предлогот, да достават и правно релевантни докази, во соодветна писмена форма, врз основа на кои судот би можел да постапува и одлучува. „Ова е преседан во досегашното постапување пред овој суд. Дали на ваков начин обвинителството се обидува да ги заштите лицата против кои го поднел предлогот, а вината за непостапувањето и одолговлекувањето на постапката, се обидува да ја префрли на судот, е нешто што треба да го одговори обвинителството“, велат од Судот. Во четврток, СЈО, најави дека работи на нова истрага под кодно име „Трезор“, во која се сомничат раководни лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и од Министерството за внатрешни работи дека при набавка на опрема за комуникации го оштетиле Буџетот на Македонија за повеќе од 800.000 евра.Најавија дека од судот ќе бараат да се изречат мерки за обезбедување присуство на осомничените и замрзнување на нивниот имот./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Заклетвата на младите питомци не е само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност и истрајност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената заклетва на питомците од 29. класа и слушателите на Курсот за офицери и штабни службеници на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.
Таа истакна дека со денешниот чин младите питомци стануваат чувари и гаранти на македонската слобода, сигурност и безбедност. За неа, заклетвата е не само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност, истрајност, одлучност и верност.
Во своето обраќање, претседателката се осврна на современите безбедносни предизвици, нагласувајќи дека идните офицери, како дел од македонската, но и од НАТО-армијата, имаат обврска да ги негуваат највисоките професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, асиметрични и хибридни.
Сиљановска-Давкова потсети дека униформата е симбол на одговорност и доверба, додавајќи дека да се биде дел од македонската армија е посебна привилегија што обврзува на чесна и посветена служба и порарвен
Според неа, Воената академија е водечка образовна институција од областа на одбраната, а ликот и делото на генерал Михаило Апостолски се симбол на знаење, скромност, храброст и посветеност, извонредност.
На претседателката и беше врачена плакета во знак на признание за нејзината посветеност во развојот и афирмацијата на Воената академија.
Македонија
Николовски: Мега-скандалот со ИПАРД се потврди, ќе поднесе ли сега конечно Трипуновски оставка?
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, укажува на сериозноста на состојбата со ИПАРД програмата, по официјалната потврда дека е донесена одлука за суспендирање на сите исплати од ИПАРД 3 програмата, истакнувајќи дека Владата со денови ја држела јавноста во незнаење.
„Се потврдува она што го говорам неколку дена – дека е донесена одлука за суспендирање на ИПАРД, а Владата и Министерството за земјоделство се обидуваа да ја сокријат. Суспензија имало два пати и тоа само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, во 2011 и сега во 2025 година“, вели Николовски.
Тој оценува дека ова е тежок удар врз македонското земјоделство и доказ дека партизацијата, клиентелизмот и корупцијата ја разориле довербата во институциите.
„Суспензијата е, пред сè, срам за Владата и доказ дека партизацијата, корупцијата и девијантните појави се широко распространети во Агенцијата – нешто на што укажував од самиот почеток“, порача Николовски.
Според него, ИПАРД програмата во времето на СДСМ била најуспешната европска приказна во земјоделството, со рекордни 2.369 реализирани и контролирани инвестиции и целосна искористеност на европските пари. Николовски бара одговорност од актуелната власт.
„Сега Владата треба да одговори: Кој ќе понесе политичка одговорност за овој мега-скандал? Кој ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат земјоделците и инвеститорите? Ќе поднесе ли конечно Цветан Трипуновски оставка или ќе продолжи да се преправа дека ништо не се случило? Со кој кредибилитет ќе излезе пред земјоделците?“, вели тој.
Николовски посочува дека оние кои се гонат за корупција се луѓе директно поставени од Владата и блиски соработници на Трипуновски, што дополнително ја потврдува политичката одговорност на ВМРО-ДПМНЕ за овој случај.
„Време е конечно со чесни, посветени и професионални луѓе, а не со партиски поставени кадри, да се изгради системот и да се врати довербата“, нагласи Николовски.
Македонија
Утре променливо облачно време, претпладне со повремен локален дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.

