Култура
Отворен 23-тиот Саем на книгата
Саем на книгата се одржува од денес до 17 април во „Метрополис арена“ на Скопски саем.
Саем на книгата се одржува од денес до 17 април во „Метрополис арена“ на Скопски саем.Мотото на годинашниот Саем на книгата, 23-ти по ред, е „Подари книга, подари богатство“, поддржувајќи ја токму книгата како најсоодветен подарок за сите пригоди: родендени, имендени, јубилеи, празници. Со помасовно подарување книга, сите засегнати страни во процесот на подарување добиваат: оној што подарува – подарува вредна работа, оној што го добива подарокот – добива нешто што останува, нешто што облагородува.„Со текот на времето одредени симболи станале синоним за луксуз. За луксузен комфор се оди во хотел со пет ѕвезди, ако ни треба престижен транспорт може да се вози мерцедес, за луксузна гозба ќе помислиме на кавијар и шампањ, но, како што вели Хенри Милер, само читајќи книга ѝ овозможуваме луксуз на душата. Книгата има некоја натприродна моќ која може да ни овозможи патувања, рефлексии, емоции, дилеми и потврди“ – нагласи Гвидо Омладиќ, претседател на управата на групацијата ЕРА и претседател на Управниот одбор на Скопски саем.На синоќешното отворање на саемот присуствуваа премиерот Никола Груевски, министрите за култура и за образование Елизабета Канческа – Милевска и Никола Тодоров, Матеја Матевски, лауреат на годинашниот Златен венец на Струшките вечери на поезијата, амбасадори, пратеници во Собранието на РМ, издавачи и книжевни дејци.„Во книгата се стапува како во драг дом, како во куќа на пријател на кого му ги носиме како подарок нашата приврзаност, љубов и љубопитство, а таа ни дарува сеќавања на неа, препознавање на самите нас дека сме биле во неа и дека уште сме. Саемот на книгата е свеченост на создадениот и соопштениот збор во неа. Збор што ни е упатен на сите. Тој збор тука и насекаде каде што се наоѓа ги отвора ширум своите благородни врати, замрсените и измешаните древни јазици од приказната „Кула вавилонска“ тука говорат јасно, секој со својот глас. Говорат за себе и за сите во заеднички разговор и разбирање. За тоа сме и благодарни на книгата, на обединителката што има добра мисла и убав збор за секого“ – изјави поетот и академик Матеја Матевски на отворањето на Саемот на книгата.На 23-тото издание на Саемот на книгата, 4.000 квадратни метри ќе бидат исполнети со издавачи преку Здружението на издавачи и книжари, Здружението на албански издавачи, изданија на голем број домашни и странски автори преку издавачите и нивните застапници од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Албанија, Италија, Велика Британија.„Книгите со својата вечна убавина насекаде низ светот, па и кај нас, се основа на националната култура и богатство кое ни ги отвора животните хоризонти, која ни ги доближува светот на непознатото и нè облагородува со духовни вредности и знаење. Саемот на книгата е водечки настан за љубителите на пишаниот збор во Македонија. Пред нас се денови во кои читателската јавност ќе има можност да ги почувствува сите кулминации и еквилибриуми на бројните македонски и светски автори, голем број изданија од најновата книжевна продукција, стручна и научна литература, белетристика, едукативни книги и прирачници проследени со бројни промоции, тематски средби и пригодни изложби“ – изјави премиерот Никола Груевски.„Оваа година на Саемот на книгата се одлучивме да го претставиме македонското творештво и богато културно наследство. На промотивен штанд домашната читателска јавност ќе може да се запознае со сите литературни изданија кои се реализирани под слоганот „Откријте ја Македонија – Македонија вечна“, а се дел од неколку крупни проекти кои во изминатиот период ги реализираше Владата на Република Македонија. Тука се делата од проектот „130 тома македонска книжевност“, дела од проектот „Превод на литературни дела на добитници на Нобелова награда за литература“, како и голем број книги и учебници од големиот проект за превод на илјада стручни и научни книги кои се користат на врвните и најреномирани универзитети во САД и Велика Британија, а од областа на правото во Франција и Германија“ – нагласи премиерот Никола Груевски.Покрај веќе реализираните проекти, започна и проектот со кој делата објавени во рамките на „130 тома македонска книжевност“ ќе бидат преведени на англиски јазик, со што најдоброто од македонската книжевност ќе биде достапно до светската јавност. Првите десет книги од овој проект ќе бидат промовирани во рамките на годинашниот Саем на книгата.Во промотивниот центар во галеријата на „Метрополис арена“ на Скопски саем до 17 април секојдневно ќе се одржуваат промоциите на новите изданија на издавачите кои учествуваат на Саемот.Во рамките на акцијата која се реализира со мото „Подари книга, подари богатство“, на синоќешното отворање на 23-тиот Саем на книгата, Гвидо Омладиќ, претседател на управата на групацијата ЕРА и претседател на Управниот одбор на Скопски саем им подари комплети книги на премиерот Никола Груевски, на министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, како и на академик Матеја Матевски, лауреат на годинашниот Златен венец на Струшките вечери на поезијата.Саемот на книгата и годинава се одржува под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија. /крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Една битка по друга“, „Хамнет“ и „Адолесценција“ доминираа на Златните глобуси
Во неделата беа доделени престижните награди Златен глобус. Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another) беше прогласен за најдобар филм – мјузикл или комедија, што е една од вкупно четирите награди што ги освои, додека „Хамнет“ (Hamnet) ја доби наградата за најдобар филм – драма.
Тимоти Шаламе триумфираше во една од најконкурентните категории, освојувајќи ја наградата за најдобар актер во филм – мјузикл или комедија за улогата на професионален пингпонг-играч во филмот „Марти Суприм“ (Marty Supreme).
Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another), продукција на „Ворнер Брос Дискавери“, кој ја следи приказната за група пропаднати револуционери, се смета за фаворит и за Оскар за најдобар филм. На доделувањето, режисерот Пол Томас Андерсон ги освои наградите за најдобар режисер и најдобро сценарио, додека Тејана Тејлор ја доби наградата за најдобра споредна актерка.
Филмот „Хамнет“ (Hamnet) нуди замислена приказна за тоа како Вилијам Шекспир и неговата сопруга се справувале со смртта на нивниот 11-годишен син Хамнет. Историчарите веруваат дека токму оваа трагедија го инспирирала драматургот да ја напише драмата „Хамлет“ (Hamlet).
Бразилскиот филм „Тајниот агент“ (The Secret Agent) беше прогласен за најдобар филм на странски јазик, а неговата ѕвезда Вагнер Моура ја освои наградата за најдобар актер во филм – драма.
Стелан Скарсгард го доби Златниот глобус за најдобра споредна машка улога во норвешката семејна драма „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value).
„Не бев подготвен за ова, бидејќи, секако, мислев дека сум престар“, изјави 74-годишниот актер на сцената.
Песната „Злато“ (Golden), од анимираниот феномен „Кеј-поп ловци на демони“ (KPop Demon Hunters), беше прогласена за најдобра оригинална песна.
Во телевизиските категории, серијата „Пит“ (The Pitt) ја освои наградата за најдобра ТВ серија – драма, додека „Студиото“ (The Studio) беше прогласена за најдобра ТВ серија – мјузикл или комедија.
Мини-серијата „Адолесценција“ (Adolescence), која ја раскажува шокантната приказна за тринаесетгодишно момче обвинето за убиство на соученик, ја освои наградата за најдобра мини-серија или антологиска серија.
Актерите Стивен Грејам, Овен Купер и Ерин Доерти ги освоија наградите за најдобар актер во мини-серија, најдобар спореден актер на телевизија и најдобра споредна актерка на телевизија.
Култура
„Парусион“ во МКЦ: Авторски фјужн звук во срцето на живиот ритам
Групата „Парусион“ на 28 јануари, со почеток во 20:15 часот, ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, најавувајќи вечер посветена на авторската музика, современиот фјужн израз и ритамот како главен носител на музичката мисла.
Формиран во 2003 година во Скопје, ансамблот „Парусион“ е предводен од Михаил Парушев – композитор и тапанар чија музичка визија се движи низ различни жанровски слоеви, од акустични и електрични звучни пејзажи, преку полиритмија, до современ фјужн пристап што ги спојува импровизацијата, јасната форма и живата сценска енергија. По повеќе од две децении активна концертна работа, „Парусион“ функционира како отворен колектив во кој секој музичар активно учествува во обликувањето на заедничкиот звук.
Во актуелната концертна постава, покрај Михаил Парушев на тапани, како постојан член од 2003 година се издвојува гитаристот Зоран Костадиновски, чиј израз комбинира ритмичка стабилност и експериментален пристап. Останатите музичари се приклучуваат на „Парусион“ во различни периоди, носејќи свои индивидуални сензибилитети и проширувајќи ја звучната палета на ансамблот преку труба, саксофон, пијано, бас и перкусии.
Звучната слика на ансамблот ја надградува трубата на Трајче Велков, која внесува јасни мелодиски линии и динамична боја, додека саксофонот на Петар Колевски се движи меѓу џез-фрази и слободна импровизација. Гитарскиот слој на Костадиновски се движи меѓу прецизна ритмика и истражувачки пристап, а пијаното на Јован Цветковиќ претставува хармонски и структурен столб на ансамблот. Бас линијата на Иван Бејков ја заокружува целината со длабока и стабилна основа, додека Горан Трајков со тарабука и перкусии дополнително го проширува ритмичкиот спектар, внесувајќи етно и ориентални нијанси во фјужн контекстот.
![]()
Роден во 1976 година во Скопје, во семејство на музичари, Михаил Парушев уште од најрана возраст го гради својот однос со ударните инструменти. Ритамот станува негов прв јазик уште на четиригодишна возраст, а на шест години тапаните веќе се негов примарен израз. Своето формално музичко образование го заокружува со дипломирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, што му овозможува стабилна основа врз која развива слободен, истражувачки и авторски пристап.
Неговиот талент е рано препознаен – во 1992 година е прогласен за најдобар тапанар на Скопскиот рок фестивал, а од 1989 година па сè до денес континуирано настапува на домашната и меѓународната сцена, искуство што директно се влева во звукот и сценската енергија на „Парусион“.
Авторскиот фокус на Парушев е потврден и со солистичкиот албум „Агол“, издаден во 2022 година, кој дополнително го нагласува неговиот интерес за ритамот како самостоен, но и фјужн елемент во поширок музички контекст. Во рамки на концертот во МКЦ, ансамблот ќе изведе авторски композиции што постојано се трансформираат на сцена, оставајќи простор за импровизација, дијалог и жив контакт со публиката.
Паралелно со тековните настапи, „Парусион“ продолжува да работи на нов авторски материјал и современи обработки на традиционални македонски песни, истражувајќи ја тенката линија меѓу музичкото наследство и модерниот фјужн израз.
Концертот во МКЦ е наменет за публиката што бара авторска, современа и жива музика – каде фјужнот не е стилска формула, туку процес во движење, а ритамот колективен јазик што се создава во моментот.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.

