Економија
ММФ одобри пакет помош за Украина од 17 млрд долари
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри во средата двегодишна програма за помош на Украина во износ од 17 милијарди американски долари.
Пакетот помош од ММФ ќе овозможи моментално исплаќање на 3,2 милијарди долари за прозападната влада во Киев и деблокирање на кредитите од други извори во износ од 15 милијарди долари со цел да се стабилизира економијата на земјата којашто влезе во најголемата криза од прогласувањето на независноста во 1991 година.
Извршната директорка на ММФ, Кристин Лагард прозна дела програмата на помош на ММФ е соочена со ризици вклучително и поради проблематичната способност да ги спроведат политички непопуларните мерки и реформи коишто се неопходни за воспоставување на финансиски ред во земјата.
„Натамошната ескалација на тензиите со Русија и немирите на истокот од земјата особено претставуваат значителен ризик за економските прогнози”, истакна Лагард во соопштението.
Во меѓувреме проруските поборници на федерализацијата на Украина коишто не ги признаваат прозападните власти во Киев под контрола ставија нови згради на локалните власти во источните области, што е нов сигнал дека Киев нема контрола врз индустриската област којашто се граничи со Русија.
Кризата во Украина избувна, по започнувањето на безредијата во ноември 2013 година откако поранешните власти го суспендираа потпишувањето на спогодбата за придружување со ЕУ, која Украина ја потпиша во март 2012 година, а договорија и сеопфатна спогодба за слободна трговија. Брисел сакаше да ги потпише овие договори на самитот Источно партнерство што се одржа на 28-ми и 29-ти на ноември 2013 во Вилнус, меѓутоа претседателот Виктор Јанукович и премиерот Микола Азаров решија привремено да го суспендираат потпишувањето на Спогодбата, правдајќи ја својата одлука со лошата економска состојба на земјата.
Според нив, на Украина тогаш и’ беше потребна помош до 20 милијарди евра, а Јанукович оцени дека ветените 610 милиони евра од ЕУ условени со потпишување договор со Меѓународниот монетарен фонд се недоволни за да ги покријат загубите што ќе бидат предизвикани од намалувањето на трговијата со Русија, и недоволни да ја спасат Украина од банкрот. Веќе во декември тогашната украинска влада во Москва потпиша договор со кој од Русија доби заем од 15 милијарди долари од кои првата транша од милијарди долари беше уплатена веднаш, а цената на рускиот гас за украинските потрошувачи беше намалена за третина.
Меѓутоа тоа предизвика револт кај опозицијата која го обвини Виктор Јанукович дека ја свртува Украина кон Русија и ја оддалечува од Европската унија, којашто организираше масовни протести кои завршија со насилна пресметка со власта во којашто загинаа околу стотина лица и опозицијата ја презема власта.
Откако дојдоа на власт, новите власти во Киев не го исплаќаат долгот за гас кон Русија ниту по намалени цени, а Москва во меѓувреме ги укина сите попусти за оваа земја, така што сега Украина должи најмалку 2,2 милијарди долари за гас.
Украинската економија, исто така, може дополнително да страда и поради затворањето на рускиот пазар, како поради западните санкции, кој е главната дестинација за украинските производи кои немаат пласман на западните пазари.
„Сé што ја поткопува економската ситуација во Украина го загрозува спроведувањето на програмата што воедно е и причина поради којашто силно ги поттикнуваме страните да преговараат и да се договорат”, изјави Лагард за медиумите по седницата на бордот на ММФ кој го одобри пакетот помош за Украина.
ММФ во средата ги намали процените за раст на руската економија предупредувајќи дека санкциите ги одбиваат инвеститорите и руската економија ја буткаа кон рецесија. Истовремено, Фондот за Украина предвиде економски пад од околу 5 отсто за 2014 година, додека новите власти во Киев предвидуваат пад од 3 процента. Според ММФ, следната 2015 година Украина би требала да забележи економски раст од 2 отсто, односно 4 до 4,5 отсто во следните години. Надворешниот долг во 20114 година би требало да порасне околу 100 отсто до бруто домашниот производ (БДП) поради кредитите и девалвација на валутата.
Одлуката на ММФ треба да и’ овозможи на Украина да продолжи да ги исплатува долговите а со првата транша од две милијарди долари би требало да ги „закрпи” буџетот, се наведува во анализата на Reuters, при што се додава дека иако новата власт во Киев се обврзала на реформи како предуслов за помошта од ММФ, спроведувањето на тие мерки ќе биде отежнато поради политичката нестабилност во земјата.
Претходните две програми за помош на Украина, ММФ ги суспендираше откако украинската влада не ги исполни ветувањата.
Сега ММФ очекува од Украина реформа на енергетскиот и финансискиот сектор, вклучително и зголемување на цената за гасот за домаќинствата, а конечната цел е да се санира долгот на државната компанија „Нафтогаз” до 2018 година. Оваа компанија увезува огромни количества енергенси од Русија за потребите на домашните потрошувачи и го продаваше досега по пониски цени имајќи ги предвид руските попусти, но откако Москва ги укина создаде голем долг. Украинската влада затоа најави дека наскоро ќе ја зголеми цената на гасот за 50 отсто.
„Украина изминатите неколку седмици покажа дека може да преземе сеопфатни реформи и да се занимаа со некои долго време отворени прашања. Веруваме дека Украина има можност да ја напушти досегашната практика во даночната, монетарната и управувачката сфера”, истакнала Лагард./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 % во однос на одлуката од 18.11.2024 година.
Од 26.11.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,737 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,50 ден/лит и сега ќе изнесува 72,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,029 ден/кг и сега ќе изнесува 44,737 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,489%, кај дизелот за 3,554%, кај екстра лесното масло за 2,215% и кај мазутот намалувањето е за 2,312%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7524%.
Економија
Мицкоски: Грчевито се бориме да нема покачување на струјата, но ако мора, еве нека биде во третиот и четвртиот блок
Владата ќе се бори да не дојде до покачување на струјата, ниту за најавените до три проценти по Нова година. Премиерот Христијан Мицкоски денес на поставувањето камен-темелник за нова градинка во Расадник, Кисела Вода, одговарајќи на новинарски прашање, рече дека доколку мора, покачување ќе има, но само во поскапите блокови.
„Ќе направиме сè за да ја оптимизираме и да нема покачување на цената на електричната енергија, ниту до тие три проценти. Ако мора, еве да се покачи во некој од блоковите, оние повисоките, третиот и четвртиот. Можеби таму би имало некакво интервенирање. Тоа го правиме затоа што навистина сакаме на граѓаните да не им го отежнуваме и онака тешкиот живот. Замислете ние ако постапуваме неодговорно и не се бориме и да ги покачиме сметките 20-30 проценти, сè ќе поскапи. Замислете каков шок ќе биде тоа во делот на инфлацијата. Ќе се бориме до последно да ги нема и тие три проценти. Тоа е максимумот што може да се случи во третиот и четвртиот блок, а во првиот и вториот да нема никакво покачување, каде што се најголемиот број од потрошувачите“, рече премиерот Мицкоски.
Објасни дека е изводливо да нема поскапување на струјата оти успеале да ги намалат трошоците за 15-20 проценти на старите долгови оти побарале и добиле попуст, а новите тендери биле 15-20 проценти поевтини од оние порано, со што успеале да ги оптимизираат и производното и приходното портфолио. Каде оделе тие 15-20 проценти досега, премиерот Мицкоски вели дека точно се знае, а набргу и јавноста ќе дознае.
„Тоа што го наследивме во енергетиката е апокалиптична ситуација. Колку што сум информиран, и Финансиската полиција и МВР и други институции се занимаваат со тоа што се правело во годините претходно. Многу бргу од денеска ќе се излезе со јасни информации“, рече премиерот Мицкоски.
Драматичен пораст на цената на струјата не очекува ниту претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, оти цената на електричната енергија е стабилизирана.
Економија
Промоција на станбениот кредит од Халкбанк
Со цел да им обезбеди на клиентите уште поатрактивни услови за реализација на нивните станбени планови, Халкбанк АД Скопје воведе дополнителна промоција на својот станбен кредит кој е со фиксна каматна стапка почнувајќи од само 3,0 отсто за првите 5 години, односно 3,4 проценти за првите 10 години, и променлива за останатиот период на отплата.
Со почеток од 20 ноември, па се до 31 декември 2024 година, станбениот кредит на Халкбанк ќе се издава БЕЗ нотарски трошоци, БЕЗ надомест за полисата за осигурување за првата година и БЕЗ трошок за проценка на недвижниот имот. А фиксниот надоместок за обработка на апликацијата изнесува 3.000 денари.
Максимален износ на средства кои можат да се добијат е до 300.000 евра, со максимален рок на отплата до 30 години, а постои можност и за добивање грејс период во отплатата од 12 месеци. Кредитот може да се користи за купување на стан, купување на куќа, како и за рефинансирање на изложености во други банки по основ на станбен кредит.
Искористете ја атрактивната понуда која трае до крајот на годинава и нека Халкбанк стане вашиот партнер на патот кон обезбедување сопствен дом.
За повеќе информации за условите и аплицирањето за станбениот кредит, посетете ја веб страната на банката или најблиската филијала.
(ПР)