Македонија
Сообраќајот на обиколницата на Битола сè уште во прекин заради свлечиште
Поради појава на свлечиште на патниот правец А3 Прилеп – Ресен на обиколницата на Битола, сообраќајот е сè уште во прекин. Возилата се пренасочуваат низ градот Битола.
На патниот правец Прилеп – Витолиште Р-1107, стационажа 35-ти километар, поради свлечиште на патот сообраќајот се одвива отежнато.
На патниот правец Прилеп – Македонски Брод Р-1303, на 27-ми километар, поради слегнување на асфалтот на патот сообраќајот се одвива отежнато. Поставена е соодветна патна сигнализација.
Патниот правец Охрид- Ресен преку Галичица (врска со Р1307 (Царина)-врска со А3 и Р1301 (Трпејца)), од месноста Корита до зимскиот центар Отешево е расчистен за сообраќај за сите возила. Се препорачува внимателно управување со возилата поради остатоци од снег и можна појава на одрони.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините. /крај/амсм
Извор: АМСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.