Култура
Промовирани Собрани дела од Васил Куноски

„Собрани дела“ од Васил Куноски, еден од доајените и основоположниците на македонската литература за деца денес беа промовирани во винскиот клуб „Воденица“
Ова тритомно издание, со преку 750 страници исполнети со песнички, гатанки и раскази посветени на детските згоди и незгоди ќе биде подарено на училиштата и библиотеките ширум Македонија. Со овој чин издавачката куќа „Три“ и Министерството за образование делата од Куноски ќе ги направи достапни на сите сегашни и идни генерции. „Огромна е честа на еден издавач, во својата продукција да вброи Собрани дела од основоположникот на македонската литература за деца. Благодарение на семејството Куноски, целокупното творештво на Васил Куноски го имаме на едно место. Оваа книга немаше ни од далеку да изгледа вака без вредната рака на Александар Сотировски кој на фантастичен начин успеа да ја илустрира и оживее поезијата на Куноски.“ изјави Александар Саздов од издавачкиот центар „Три“. „Како врвен педагог и како човек кој целиот свој живот го посвети на разбирањето на потребите на децата знаеше да ги следи нивните желби, да се прилагодува на нивните барања и знаше да направи спој на она што ќе претставува содржина која на децата ќе им биде забавна но истовреме и поучна како и да го развива чувството за убавото. Тој детето го сфаќаше сериозно и токму таа сериозност го тераше да не се брани до новото туку традицијата, онаа која е создадена преку литературата на Прличев и Цепенков да ја поврзе со текот на современото живеење.“ изјави министерот за образование Никола Тодоров.„Литературата за деца е мошне сериозен сегмент на секоја национална литература, а на детето како обновувач на една заедница не смееме да гледаме како на несериозен читател. Авторите кои го носат приматот на вистински автори за деца сфаќаат колку е тешко да се пишува за нив. Литературата за деца е страшен и сериозен предизвик за талентот на еден писател. Како што вели Егзипери, авторот на култната книга „Малиот принц“, писателот треба да се сети како му изгледал светот кога бил дете. Така и Васил Куноски, никогаш не заборавил како изгледал светот кога бил дете и никогаш не се спуштил лажно до самите деца. Неговото детство како и детството на неговите деца и внуци му го надградија талентот. Таа негова свртеност кон детството станува обележје на целокупната поезија, но и стил на живеење,“ истакна во критичкиот осврт Весна Мојсова-Чепишевска. Куноски е значајно име во македонската литература бидејќи учествувал во подготвувањето на првиот македонски буквар. Поголемиот дел од својот работен век го поминал како уредник на литература за деца во издавачките куќи „Македонска книга“ и „Детска радост“, каде ги објавил и своите први стихови. Голем дел од неговите песни се објавени и надвор од Македонија. Беше член на ДПМ од 1949 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Со средбата „Продуценти со продуценти“ почна „МакеКоПроДокс форум“

Со целодневна програма што се отвора со средбата „Продуценти со продуценти“, на која учествуваат филмски продуценти од Франција, Балканот и Вишеградскиот регион, на 25 август во Младинскиот културен центар почна седмиот МакеКоПроДокс форум.
Во текот на првиот ден од работата на форумот ќе се одржи презентација на ИДФА и ИДФА Берта фонд, како и презентација и промоција на интернационалните копродукции поддржани од францускиот CNC, Чешкиот филмски центар и Хрватскиот аудиовизуелен центар, додека активностите на Агенцијата за филм на Северна Македонија ќе ги претстави в.д. директорот Сашко Мицевски.
МакеКоПроДокс форумот е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан. Од своето основање во 2019 година, во рамките на 10-тото издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во витално место за средби на филмски режисери, продуценти, професионалци од индустријата и претставници од филмските центри во регионот.
– Седмото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 25-ти до 27-ти август 2025 година во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика. Годинашното издание го поставува прашањето „Кому му е гајле за реалноста?“, истражувајќи ги креативните и етичките предизвици на раскажувањето во денешниот медиумски заситен свет – истакнува Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
На вториот ден на форумот ќе се одржат низа пичинг-сесии, како и средби „еден-на-еден“ помеѓу филмски автори и продуценти, а на крајот од денот ќе бидат доделени награди за најдобрите проекти во развој. Форумот ќе заврши на 27 август со презентација на проекти во развој што учествувале со Мини-слејт апликации на програмата „Креативна Европа“.
МакеКоПроДокс форумот е организиран и поддржан од „МакеДокс“, Агенцијата за филм на Северна Македонија, Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје – Фонд Екип Франција при француското Министерство за Европа и надворешни работи, Институтот за документарен филм, Интернационалниот Вишеград фонд, Гете институт Скопје, Грчкиот филмски центар, Документарната асоцијација на Европа, фестивалската мрежа „Док араунд Јуроп“, „Сани сајд оф д’док“, МК Деск на „Креативна Европа“ и Младинскиот културен центар во Скопје.
Култура
Врачени највисоките фестивалски признанија на Струшките вечери на поезијата

Со врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ и меѓународното поетско читање „Мостови“ вчера вечер на Мостот на поезијата во Струга заврши 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
Наградата „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка му ја врачи директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш.
Уметничкиот директор на Фестивалот, Мите Стефоски на полскиот поет Матеуш Шимчик му го врачи признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга на македонски јазик издадена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на добитничката Јулијана Величковска и ја врачи претседателот на жири-комисијата Санде Стојчевски.
На 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, учествуваа 70 поети од сите меридијани. Фокусот на годинашната манифестација е глаголицата. Фестивалот почна во четвртокот со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест лауреатот и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата.
Манифестацијата се одржа под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, а финансирана од Министерството за култура и туризам.
Култура
Јулијана Величковска со „Рајсфершлус“ ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“

Поетската книга „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска, издадена од ПНВ Публикации, е добитник на престижната награда „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објави денеска претседателот на жирито, Санде Стојчевски.
Жирито посебно го истакна уникатниот стил на Величковска, која во книгата користи песни во проза и го истражува прашањето за граничните области меѓу жанровите.
„Авторката не ги пишува своите лирски записи, туку ги компонира од разговорни фрази и наслушнување на лексички единици, создавајќи автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект“, нагласи Стојчевски.
Првиот дел од книгата се карактеризира со игра со јазичниот материјал, еуфонија и внимание кон формата, додека вториот дел внесува нов семантички слој, зумирајќи врз природата, историските хероини и современата цивилизација.
„Книгата се издвојува како многу ферментирана поетика и пример за долготрајна творечка посветеност“, додаде Стојчевски.
Величковска наградата ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловски.
„Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Многу ме радува што генерациите се доближуваат и се гледаме како заедница и пријатели, а не како конкуренција“, изјави авторката.
Во најтесен избор се најдоа и книгата „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски, но жирито едногласно ја избра „Рајсфершлус“ како победник.