Култура
Магичната сцена на Народниот театар Битола ги одушеви битолчани
Театарот, играта, танцот, поезијата, песната, музиката беше во силниот потенцијал на актерите на Народниот театар од Битола, кој со сценско-музичкиот настан „Музиката и ние”, одиграна на 19-ти април 2011 година, ги воодушевија битолчани
По одиграната претстава, односно сценско-музичкиот настан „Музиката и ние” јасно е дека сцената на Народниот театар од Битола ќе биде поинтересна и ќе живее уште многу долги години, без разлика на генерациската разлика, затоа што со заминувањето на возрасните актери доаѓаат новите, младите потенцијали кои нема да дозволат да згасне, туку ќе го продолжат растежот на битолската театарска куќа, што мислам е и суштината на еден театар, во кој работат живи актери.Сакам да кажам дека актерите од различните старосни години со својата актерска сензибилност и одиграни точки до перфекција, со своите игри, песни, танцови, и с# друго што можеше да се види на сцена, а се отсликува само кај врвните актери, им ја стопли душата на битолчани, на публиката која постојано го следи нивното волшепство. Менка Бојаџиева, Елена Моше, Валентина Грамосли, Јулијана Стефановска, Соња Михајлова, Соња Ошавкова, Габриела Петрушевска, и доајенката на битолското глумиштте Јоана Поповска, па помладите актерки, Јулијана Мирчевска, Викторија Степановска, Маја Андоновска, Илина Чоревска, Катерина Аневска, како и машката актерска гарнитура, Петар Мирчевски, Борис Чоревски, Петар Горко, (а запеа и директорот на Народниот театар од Битола, Валентин Светозарев), па и помладите, Никола Пројчевски, Васко Мавровски, Петар Спировски, Александар Копања, Марјан Ѓоргиевски, (а оние што не сум ги споменал нека не ми се лутат, бидејќи немам толкав простор за сите нив), направија една елаборирана претстава, со голема кореографска силина, што ми се чини дека сите тие низ режисерската призма на младиот режисер Јован Ристовски ги разиграат улогите (ја развеселија публиката), па низ легитимните сценско-кореографски односи ни даде до знаење дека актерите на Народниот театар од Битола се семожни.Јас не знам како поинаку да зборувам за таа нивна сценска благородност, освен да кажам дека тие со својот настап го разиграа и универзумот.Сега не треба да постои дилемата за правење и на ваков тип претстави, да речеме, ако сакате и кабаретски, што би било убаво да бидат еден составен дел од театарското искуство што го има ансамблот на Народниот театар од Битола, а доказ дека треба на репертоарот да имаат и вакви претстави е и публиката која го сака тоа. Аплаузите кои се редеа еден по друг, впрочем, се доказ.Она умеење што го покажаа, од совршеното пеење, глумењето, играњето, танцувањето, до сето она што е придружно за еден театарски настап, би можело да се рече, дека постојано треба да биде присутно на репертоарската сцена, како еден вид на траен дел од нашиот театарски живот, бидејќи актерите, оние нашите актери што ние ги познаваме и силно ги љубиме, ја покажаа магичноста на сцената на Народниот театар од Битола.Во целиот тој сценски амбиент, учествуваа и музичките имиња: Јасна Василева, Бојан Колевски и Александар Талевски, од музичкиот бенд „ЛИВЕ 5”. Но присутни беа и битолските „Боеми”, како и специјалните гости на вечерта Зоран Маџиров и Калиопи.Значи, уште еднаш да конретизираме, сценско-музичката атрактивност „Музиката и ние”, ни даде до знаење дека нашите актери постојано се подготвени да ги задоволат сите апетити и на најпребирливата публика, (која, пак, публика покажа дека кога ќе и’ се погоди вкусот таа и ќе го посети театарот), па дури и да го збогати репертоарот.Чинам дека колективната взаемна среќа на целиот ансамбл на Народниот театар од Битола, ја врати вербата кај публиката, дека повторно, како еден овие актери можат да функционираат, бидејќи она што го видовме на 19-ти април годинава и она што го видовме минатата година за 66-годишнината на Народниот театар од Битола, е одиграно со душа, со радост, без дволичност, затоа што играа за својата публика, но и за својата театарска куќа. И сосема за крај, сметам дека би требало да кажеме дека поводот за убавиот сценско-музички настап, беше пробувањето на новата музичка опрема и озвучување која ја доби Народниот театар од Битола од Општината Битола, односно од градоначалникот Владимир Талески, кој пред градоначалничката функција беше дел од овој театарски ансамбл.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



