Култура
Македонија со преводи на 130 домашни класици
На најголемиот Саем на издавачи во светот, што во Франкфурт по 63-ти пат ќе се одржи од 12 до 16 октомври, Македонија ќе се претстави со англиски преводи на повеќе од 130 класични дела од домашната литература, како и низа антологии, збирки и стручни остварувања
На најголемиот Саем на издавачи во светот, што во Франкфурт по 63-ти пат ќе се одржи од 12 до 16 октомври, Македонија ќе се претстави со англиски преводи на повеќе од 130 класични дела од домашната литература, како и низа антологии, збирки и стручни остварувања. “Пиреј“ на Петре М. Андреевски, “Пасквелија“ на Живко Чинго и “Калеш Анѓа“ на Стале Попов се само дел од романите што ќе бидат презентирани пред повеќе од 7.500 издавачи од 110 земји и над 280.000 лица вклучени во бизнисот на објавување и дистрибуција на книги. „Годинава во Франкфурт Македонија ќе се претстави со повеќе од 600 публикации објавени меѓу двете изданија на Саемот. На Македонскиот ден, што ќе се одржи на 14 октомври, ќе го презентираме капиталниот проект “130 тома македонска книжевност“ на англиски јазик. На листата на дела што ќе ги претставиме ќе бидат и антологиите на современ македонски расказ и современа македонска поезија“, изјави прес-конференцијата Миле Бошески, директор на Националната и универзитетска библиотека на Македонија.Тој додаде и дека од сите досегашни учества на саемот, Македонија годинава за првпат ќе има каталог со информации за 26 издавачи чии дела ќе бидат поставени на штандот.„Освен дела од продукцијата на домашните издавачи, во Франкфурт ќе отпатуваме и со публикации од релевантните македонски институции и институти. Тие што ќе го посетат нашиот штанд ќе имаат можност да видат и неколку книги што содржат фрагменти од македонското историско наследство. Покрај тоа, ќе поставиме и многу информативни материјали, меѓу кои се и новите туристички водичи за Македонија и за Охрид“, рече Бошески. Поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, Националната библиотека на Македонија е главен организатор и комесар на официјалниот штанд на земјава на манифестацијата што годинава ќе вклучува повеќе од 1.100 настани од светот на издаваштвото. Изминативе неколку години, преку оригинално осмислениот штанд, македонската литература доби вистинска шанса да ги претстави своите адути рамо до рамо со тие од остатокот од светот, а очекувањата се дека оваа традиција ќе продолжи и годинава. Освен за презентација, македонскиот литературен излог ќе послужи за проширување на мрежата на контакти и поставување темели за создавање нови бизнис-релации со најпрестижните европски и светски издавачи. Саемот на издавачи во Франкфурт свечено ќе биде отворен на 11 октомври, а на церемонијата ќе присуствуваат и д-р Гвидо Вестервеле, министерот за надворешни работи на Германија, како и Олафур Рагнар Гримсон, претседателот на Исланд. Со оваа земја продолжува традицијата на манифестацијата и годинава токму таа е почесен гостин, а нивниот слоган гласи: “Чудесниот Исланд“. Меѓу многубројните гости што го потврдија своето присуство на саемот е и холивудскиот актер Руперт Еверет. Славниот режисер Роланд Емерих, пак, токму на собирот на издавачите ќе го презентира новиот филм “Анонимен“. Историјата на франкфуртскиот саем на издавачи почнува уште во 15 век, кога Јоханес Гутенберг ја измислил печатарската преса на неколку километри од овој германски град. До 17 век Франкфурт ја задржал позицијата на главен европски центар за саеми на издаваштвото, а во 18 век на ова поле почнал да се истакнува и Лајпциг. Во 1949 година, пак, во старата традиција бил внесен нов живот: 205 германски изложувачи се собрале пред црквата “Св. Павле“ и го одржале првиот поствоен книжевен саем. Повеќе од 60 години подоцна, ова е најголемата манифестација од ваков вид и репер за глобални активности на културно поле./крај/со/сн–
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

