Култура
Љубомир Чадиковски достојно замина во пензија

Љубомир Чадиковски, директорот на Театарот за деца и младинци имаше средба со Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, вработените во Театарот и новинарите.Чадиковски, кој дваесет години беше на чело на оваа културна институција, заминува во пензија, и во оваа прилика се заблагодари за поддршката и довербата што му била укажана од Министерството за култура кое ги поддржувало сите негови проекти. Во емотивното обраќање до присутните, изјави дека е повеќе возбуден од прославата на дваесетгодишнината од Театарот кога и официјално беше најавено неговото заминување во пензија.„Директорот Чадиковски даде еден значителен белег во развојот и унапредувањето на Театарот за децата и младинци. Даде силен импулс во големата промоција не само кај нас туку и на меѓународната сцена. Најмладата публика-децата се нашето најголемо богатство и да се работи во таква институција и да се работи за нејзино напредување е голема работа. Министерството за култура ќе продолжи да ја дава поддршката на актерскиот тим и за развојот на институцијата, а се надевам ќе избереме и директор кој ќе ги продолжи чекорите на Чадиковски и ќе го црпи искуството во однос на развојот на самата институција,“ изјави министерската за култура Елизабета Канческа-Милевска.Традиционално како и секоја година во Театарот за деца и младинци, Чадиковски вртеше погача со паричка која им беше поделена на вработените и министерката. Канческа-Милевска во оваа пригода на директорот во заминување му подари икона, како знак на благодарност за се што Чадиковски стори за овој театар.Театарот за деца и младинци изминативе дваесет години стекна огромна репутација во регионот и низ Европа со многубројни учества и награди на фестивалите. Театарот има 24 активни претстави, а досега се одиграни вкупно 1.762 претстави и ги проследиле 586.000 гледачи. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.