Македонија
Православните христијани го чествуваат Свети Пантелејмон
Православните верници во недела го чествуваат Свети Пантелејмон.
Овој светец бил роден во градот Никомидија во третиот век. По раѓањето бил наречен Пантелеон, што значи ’во сѐ како лав’, но подоцна тоа име било заменето со Пантелејмон, што значи ’семилостив’.
Уште во детството бил воспитуван во христијанската вера, бидејќи мајка му била христијанка. Меѓутоа таа се упокоила кога Пантелејмон бил сè уште дете, а неговиот татко бил многубожец кој го носел сина си во идолскиот храм, и во паганско училиште. Одејќи кон училиштето, по патот Свети Пантелејмон го запознал стар христијански свештеник Ермолај, кој подоцна ќе го крсти.
Светиот великомаченик Пантелејмон спаѓа меѓу најпознатите исцелители што лечеле со Божја помош. Настрадал за време на царот Максимилијан, кога е вршен страшен прогон на христијаните.
Свети Пантелејмон се повикува при молитвите на водоосветување и елејоосветување (осветување на масло) заедно со Свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци. Најубавиот храм посветен на овој светител се наоѓа на Света Гора.
Во Македонија впечатливи градби посветени на св. Пантелејмон се Светиклиментовата црква на Плаошник, потоа црквите во Горно Нерези, скопско, во Велес, манастирите во кочанско, штипско и други места.
На 9 август (нс.) се празнува i споменот на св. Климент Охридски кој е упокоен на овој ден 916 година. Исто така, на овој ден се празнува и споменот на светите Седмочисленици.
Именден празнуваат: Пантелеј, Панде, Пано, Панка, Панто, Панчо…/крај/со/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Уставен експеримент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

