Култура
Жарко Башески и ликовната група „Зеро“ учесници на Венециското биенале
Проектот „Прескок“ на скулпторот Жарко Башески под кураторство на националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп и проектот „Зеро-шлепер“ на ликовната група „Зеро“ под кураторство на националната установа, Национална галерија на Македонија се македонските претставници на претстојното 54. Венециско биеанале. Станува збор за најголемата интернационална ревија на уметност во светот, место каде се презентираат најновите остварувања на светската уметност која ќе се одржи од 4 јуни до 27 ноември.„За Македонија оваа манифестација претставува вистински предизвик и можност да ги покаже и сподели своите достигнувања и креативните идеи пред европската и светската јавност, посебно поради фактот што сме земја која се стреми да го достигне врвот во сите уметнички форми. Оваа година до Министерството за култура беа доставени дури седум предлог-проекти за учество на Венециското биенале. Комисијата во состав проф. Васил Василев, проф. Антони Мазнев и проф. Владо Величковски имаше одговорна задача, бидејќи сите понудени проекти беа добро осмислени. Сепак овие два избрани проекта нудат посовремени концепти кои на доследен и професионален начин би ја претставиле Македонија на оваа најзначајна светска ликовна манифестација,“ изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.Проектот „Прескок“ на скулпторот Башески открива ново ликовно истражување со јасен и разбирлив ракопис кој е во духот на современото ликовно творештво. Проектот демонстрира нео-реалистичен и ликовен потфат вреден за внимание. „Го работам човекот како индивидуа и во овој случај се работи за вечната намера на секој човек сам себе да се надмине, да се прескокне на некој начин и да биде нешто повеќе од тоа што е во моментот. Тоа го прикажувам преку фигури од полиестер и силикон, како оние што на последната изложба ги работев, ќе бидат наративни, експлицитно изведени, реалистички до крај. Мислам дека имам добра проект со кој чесно и квалитетно би ја претставил државата. Се надевам дека со малку поголем ангажман на Министерството за култура ќе го покренеме интересот кон државата, “изјави скулпторот Жарко Башески. Проектот „Зеро-шлепер“ на ликовната група „Зеро“ е нов обид на членовите на оваа авангардна уметничка група по 80-те години на минатиот век да создава концепт или визија во кои ќе ги соединат своите индивидуални истражувања во заедничко дејствување како група. Станува збор за разновидни стилски определувања и отвореност кон најсовремените ликовни сфаќања и истражувања поврзани со актуелните случувања во светската уметност. „Се работи за осум уметници од кои секој има своја визија и тоа е еден коангломерат од визии. Кога ќе се отвори шлеперот, може да настане поплава од секвенци од естетика, паранои, стравови,“ изјави Александар Станковски кој е дел од проектот „Зеро“ Ова е деветта година по ред како Македонија се претставува на оваа престижно уметничко случување. Деновиве ќе биде одреден и буџетот кој ќе биде одвоен за претставување на Македонија на Венециското биенале. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



