Култура
Виртуози настапија на Скопје џез- фестивал

Втората вечер на 29. издание на Скопје џез- фестивал привлече публика со различни жанровски определби. Настапот на светски познатиот гитарист Лари Карлтон беше повод сите познати гитаристи во државата и сите оние кои сакаат да свират гитара, да се упатат во Универзалната сала
„Сега се чувствувам подобро,“ изјави Карлтон на отворена сцена откако добро ги загреа жиците на својата гитара. Со 18 номинации и три освоени Греми-награди, Карлтон е магнет за сите гитаристи во светот. Дел од темите на неговите 30-на албуми веќе се гитарски џез-стандарди. Познат е како музичар кој свирел во групите „Крусејдерс“ и џез супергрупата „Форплеј“. Како студиски музичар соработувал со Џони Мишел, Мајкл Џексон, Квинси Џонс, Доли Партон и многу други. На неговиот настап во Скопје го придружуваа двајца извонредни млади музичари Тревис Карлотн на бас и Џин Кој на тапани. Во вториот дел од вечерта се одржа концертот на бразилскиот виртуоз Хамилтон де Холанда и неговиот квинтет. Амбиентот на традиционалната бразилска музика многу автентично и уникатно го исполнува со десетжичаниот инструмент бандолин. Станува збор за специфичен вид на бразилска мандолина. Неговиот настап, во стилот на музиката на светот, звучеше уникатно, искрено и виртуозно. Прецизните акорди на неговиот бандолин, како и обраќањето кон публиката на македонски јазик, од присутните беше пречекано со овации. Полноќниот термин во клубот „Хардрок“ беше резервиран за бразилската босанова- артистка Паула Мореленбаум. На сцената на скопскиот клуб главно изведуваше нумери од нејзините два последни албуми. Од претходно е позната како вокална солистка која настапуваше со босанова-легендата Антонио Карлос Жобим.Заедно со нејзиниот сопруг Жак Мореленбаум беше дел од кваретот „Жобим-Мореленбаум“, а соработуваше и со јапонскиот композитор Руичи Сакомото. Полноќниот концерт во Скопје беше нејзино второ гостување на Скопје џез-фестивал. Според програмата на 29. издание на фестивалот на 23 октомври следуваат настапите на „Флет ерт сосајети“ со познатиот композитор Петер Вермеерши квартетот на Патриша Барбер во Универзалната сала и „Етникс“ во клубот „Хард-рок“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Фото) Премиера на документарниот филм „Планината не оди никаде“ на 16. „МакеДокс“

Со силни и долготрајни аплаузи и овации на 25 август во Куршумли ан се одржа македонската премиера на новиот долгометражен документарен филм „Планината не оди никаде“ на словенечката авторка, режисерка и продуцентка Петра Селишкар. Премиерата се одржа во рамки на програмата на 16. „МакеДокс“.
Публиката во исполнетиот до последно место Куршумли ан во еден здив ја проследи приказната за браќата кои со своето стадо овци најголемиот дел од годината го поминуваат високо во планината, на околу 2.400 метри надморска височина под врвот Солунска Глава. Покрај овците, браќата се опкружени и заштитени од 30-ина шарпланинци, кои се во нивната непосредна близина додека ги исполнуваат секојдневните обврски. Единствениот контакт со цивилизацијата се нивните мобилни телефони, со кои ако сакаат да воспостават контакт мораат да се искачат на околните планински врвови.
На премиерата на филмот присуствуваа тројца од браќата – протагонисти во приказната – Зекир, Басри и Бесам, како и нивниот пријател Марјан. Во Куршумли ан беше присутна и филмската екипа што работеше на најновото документарно остварување на Петра Селишкар.
По премиерната проекција на „МакеДокс“, режисерката Петра Селишкар изрази огромна благодарност до филмската екипа на соработката во изминатите, речиси, шест години, колку што траеше продукцијата на филмот, и огромна благодарност до протагонистите на трпението и искрените намери со кои ја прифатија идејата и филмската екипа во нивниот планински дом.
Режисерката Селишкар рече дека иако потекнува од Словенија, која е позната како планинска земја, сепак прва вистинска средба со животот во планината ја направила во текот на снимањето на филмот и дека открила еден свет што не го познавала.
Со искрена и возбудена емоција и протагонистот Зекир се обрати кон публиката, искажувајќи благодарност за времето што го посветиле да го гледаат филмот во кој тој е протагонист, посакувајќи им на сите да се гледаат само за убаво. За возврат од публиката доби искрени аплаузи, а прашањата што беа поставени се однесуваа на условите во кои живеат, но и на начинот на живот со толку многу кучиња кои им се неопходни за чување на стадото овци во планината. Зекир едноставно одговори дека кучињата имаат внимателен и грижлив однос кон луѓето, а стануваат агресивни кога кон стадото ќе наближи некое диво животно.
Филмот е реализиран како копродукција помеѓу Словенија, Франција, Северна Македонија преку продуцентските куќи „Петра Пан Филм“ (Словенија), „Синефаж продукција“ (Франција), ППФП (Северна Mакедонија) во копродукција со РТВ Словенија.
Сценариото го потпишуваат Петра Селишкар и Танкред Ривиер, директор на фотографија е Бранд Ферро, монтажери се Лорелин Делом и Сашко Потер Мицевски, музиката е на Изток Корен, дизајнот на звук е на Владимир Ракиќ, додека фоли-артист и едитор на звучни ефекти е Вера Галешев. Продуценти се Петра Селишкар, Виктор Еде и Сара Ферро, а извршни продуценти се Бранд Ферро и Ивана Нацева.
Филмот досега е прикажан на 10 фестивали, со 2 номинации и 2 награди, а до крајот на годината веќе е поканет на уште многу фестивали. По фестивалската патека ќе започне редовна дистрибуција во повеќе земји, вклучително и во македонската Кинотека.
Култура
Филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска утре во Венеција ја отвора програмата „Хоризонти“

Денес, 26 август 2025 година, се одбележуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза во Скопје. Веќе утре, 27 август, токму во пресрет на овој значаен јубилеј, на 81. меѓународен филмски фестивал во Венеција, ќе се одржи светската премиера на филмот „Мајка“ (Mother) на Теона Стругар-Митевска.
Филмот ќе ја има честа да ја отвори престижната програма „Хоризонти“ (Orizzonti) на фестивалот, која е посветена на најновите авторски и уметнички тенденции во светската кинематографија.
„Мајка“ е инспириран од животот на Мајка Тереза прикажувајќи ја Колката во 1948 година во моментот кога таа ја носи клучната одлука да го напушти манастирот и да им се посвети на сиромашните.
Филмот е копродукција на Северна Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други.
Официјалната премиера ќе се одржи на 27 август во 16 часот во Sala Darsena во рамките на фестивалот во Венеција.
Култура
Австралиска премиера за „Јон Вардар против галаксијата“ во срцето на Сиднеј

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, ќе ја има својата австралиска премиера на Sydney Science Fiction Film Festival – најголемиот филмски фестивал во Австралија посветен на научната фантастика.
Шестото издание на фестивалот ќе се одржи од 3 до 5 октомври во центарот на Сиднеј во престижниот комплекс Event Cinemas George Street. Филмот на Цветановски е во трка за наградата Рон Коб за најдобар игран филм – именувана по легендарниот концептуален уметник Рон Коб (Ron Cobb), кој остави траен белег во светската кинематографија со својата работа на филмски класици како Осмиот патник, Војна на Sвездите и Враќање во иднината.
„Фантастиката за мене отсекогаш била средство да зборувам за реалноста. Среќен сум што австралиската публика и македонската дијаспора ќе имаат можност да го проследат филмот на големото платно. “ изјави режисерот Гоце Цветановски.
Сценариото на филмот го потпишува Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.