Култура
Промовирана книгата „Седум македонски композитори“
Промоцијата на книгата „Седум македонски композитори“ од Денко Скаловски ја отвори десеттата вечер на 34-тите Денови на македонска музика.
Промоцијата на книгата „Седум македонски композитори“ од Денко Скаловски ја отвори десеттата вечер на 34-тите Денови на македонска музика.Книгата содржи осврти и анализи на Денко Скаловски за творештвото на македонските композитори Стефан Гајдов, Живко Фирфов, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Петре Богданов – Кочко, Глигор Смокварски и Панче Пешев.Во воведниот збор на промоцијата музикологот Марко Коловски нагласи дека со текстовите во книгата Денко Скаловски „создава платформа, создава темел по кој градбите на големите македонски композитори ќе бидат полесно сфатливи“.Книгата „Седум македонски композитори“ има поднаслов „Мала историска пролегомена за една македонска естетика“ со кој се објаснува дека станува збор за есеи за естетските вредности на творештвото на седумте композитори.„Во книгата се внесени безброј корисни цитати, своевиден екстракт извлечен од делата на големите естетичари и музичари на минатото, без кои би биле принудени да прочитате илјадници страници за да дојдете до фундаменталните естетички проекти. Низ сите нив провејува и сосема е јасна естетичката и филозофската позиција на авторот на книгата и неговиот феноменолошки пристап кон музиката“ – додаде Коловски.Авторот Денко Скаловски ги истражува филозофијата на културата, естетиката, етиката и политиколошката публицистика. Работи како професор на Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет во Скопје.„Со самото издвојување на овие седум звучни имиња од историјата на современата македонска музика им давам максимално значење во креирањето на корпусот на современата македонска музичка култура. Дотолку повеќе што во децениите на нашата „славна“ транзиција, ликовите и делата на овие втемелувачи на современата македонска музичка култура, бавно но сигурно, намерно или ненамерно, паѓаат во заборав“ – потенцира Денко Скаловски.Со поддршка од Министерството за култура, книгата ја објави книгоиздателството „Бигосс“ од Скопје.Синоќешниот концерт на Денови на македонска музика во целост беше посветен на делата на македонски композитори. Истите беа изведени од македонски музичари. Програмата ги опфати делата на композиторите Михајло Николовски, Стефан Гајдов, Александар Лековски, Љубомир Бранѓолица, Вања Николовски-Ѓумар, Томе Манчев, Благој Цанев и Ристо Аврамовски.Програмата на ДММ 2011 денес продолжува со промоција на компакт-диск на Марија Вршкова и Камерен концерт во кој ќе бидат изведени дела од Драган Стојковски, Теа Богатинова, Борис Светиев, Ана Пандевска, Фатос Лумани, Валентина Велковска Трајановска, Михаило Трендафиловски и Елизабета Илиевска-Бете.Концертот и промоцијата ќе се одржат во Музејот на град Скопје со почеток во 20 часот./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

