Култура
Рекордна гледаност на „Мајки“ во македонските кина
„Мајки“ на Милчо Манчевски е филм на годината во киното Милениум. За две седмици филмот постигна повеќе гледачи од сите филмови заедно кои се прикажуваа во оваа кино сала во првите шест месеци од годинава (филмови со Том Круз, Силвестер Сталоне итн.)
„Мајки“ се уште се прикажува во Скопје, а се прикажуваше и во Битола и во Охрид. На инсистирање на авторот Манчевски, деновиве почнаа прикажувања во Штип, Кичево и Прилеп. Подоцна филмот е најавен и за Вевчани и Струмица, а потоа за Крива Паланка, Свети Николе и Струга. Досега го виделе околу 20 илјади гледачи.Меѓутоа, киноприкажувањето на „Мајки“ низ земјата всушност го открива повторно проблемот на кино-мрежата во Македонија. Имено, голем број од кината во Македонија се затворени, на пример во Куманово, Прилеп, Струмица, Велес, итн., или опремата веќе не функционира. Во Скопје сега постојат само две кина, додека порано работеа 16. „Откривме дека кино проекторите во поголем дел кина во земјата се толку многу застарени што не може да поддржат копии од понови филмови, затоа што не може да прикажуваат „цијан“ копии кои се стандард во индустријата последниве 40-тина години. Ова е голем проблем со кој ќе се соочуваат сите автори кои понатаму ќе сакаат да си ги прикажуваат филмовите во кината низ Македонија“, вели директорката на дистрибутерот „Манакифилм“ Тања Пепељугоска Ќурчинска. „Убаво е да се сними филм, ама без да има каде да го прикажеш, тоа ти е како да правиш супа во дупнато тенџере“, рече режисерот на „Мајки“, Милчо Манчевски. Според последните податоци од кино-билетарниците“, „Мајки“ веќе ги надмина според посетеноста повеќето блокбастери и оскаровци заедно. Така, филмовите на Том Круз, Сталоне, Полански, Џим Шеридан или „Приказна за играчките“, како и оскаровецот „Шкафче на болката“ сите заедно во кино „Милениум“ годинава имале помалку гледачи од „Мајки“.Инаку, „Мајки“ е македонски кандидат за Оскар. Светската премеира ја имаше на фестивалот во Торонто, беше прикажан на фестивалот во Сао Пауло, а најголемото претставување ќе биде на претстојниот фестивал во Берлин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска-Имери премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.
Култура
Охрид домаќин на министерската конференција на Советот на министрите за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој
Охрид и Република Македонија на 11 и 12 декември 2025 година се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.
Конференцијата официјално ќе биде отворена на 12 декември во 10:00 часот со воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Свои обраќања ќе имаат и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“.
Република Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.
Култура
Проекција на исклучителниот шпански трилер ПИГИ во Кинотеката
Специјалната проекција на вознемирувачкиот и исклучителен шпански трилер „ПИГИ“ во Кинотеката на Македонија. Филм што ѝ го отвори патот на режисерката Карлота Переда кон меѓународната сцена и ја утврди како едно од најзначајните имиња во современиот хорор.
Настанот се реализира како соработка на Кинотеката на Македонија и Амбасадата на Шпанија во нашата земја.
Во задушливото лето на рурална Екстремадура, тинејџерката Сара – маестрално интерпретирана од Лаура Галан – секојдневно се соочува со сурово врсничко насилство. Нарекувана „свинче“ и запоставена дури и во сопствениот дом, таа живее во изолација. Но, еден случаен и сериозно вознемирувачки настан кај локалниот базен ја втурнува во мрачен круг на одмазда, претворајќи ја потиснатата болка во шокантно, но и катарзично ослободување.
„ПИГИ“ е маестрален спој на психолошки трилер и хорор, создаден врз основа на наградуваниот краток филм на Переда од 2018 година. Филмот храбро ги отвора темите на телесната стигма, малтретирањето и траумата, градeјќи атмосфера натопена со напнатост, која кулминира во незаборавно кинематографско финалe.

