Култура
Етно Плоштад во Берово
Во пресрет на христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица, Општина Берово по вторпат го организира Етно Плоштад Фестивал, кој оваа година ќе трае три дена – од 26 до 28 август
„Целта на фестивалот е континуирана промоција на културното наследство на регионот преку создавање атрактивен културен настан на кој ќе земат учество изведувачи од различни земји во светот. Етно фестивалот е една од клучните алатки за промоција на Берово како атрактивна дестинација за развој на алтернативниот туризамот“, вели градоначалникот на Берово, Драги Наџински. Фестивалот како и минатат година ќе го презентира фолклорот во сите форми. Како што вели Марин Демировски, кој раководи со целата организација на манифетацијата, годинешното издание на фестивалот ќе донесе во Берово врвни уметници од САД, Франција, Шпанија, Бугарија, Романија, Полска, Србија и од Македонија, кои ќе претстават автентична фоклорна музика и танци, но и фолклор стилизиран во форми на џез, јужно-африкански ритми, фламенко и сл.. Имајќи ги предвид гостите кои годианва ќе настапат во Берово, организаторите велат дека не треба да се има никакво сомнение дела „Етно плоштад фестивалот“ ќе се вброи во најдобрите етно фестивали во регионот. Дел од учесниците се: етно групите Монистра (Македонија) и Џембабе (Словенија), Хаземина-Минка Џонлиќ (Словенија) заедно со Сашо Митев (Македонија), танците во етно ритам ќе ги изведат и презентираат Паола Блантон (САД), Мари Лор (Франција), Ксенија Вискет (Словенија), Дебора Гарсија (Шпанија). На фестивалот ќе биде претставен и автентичен фолклор кој ќе го пренесат културно уметнички друштвва и етно групи како што се Карпати (Романија), „Никола Јонков Вапцаров“, Делчевски еснафи, „Ѓурѓа“ и „Етно Малеш“ (Македонија), Две Могили и Струмјани (.Бугарија), Брус (Србија). Во Берово свои соло настапи ќе имаат и Стоица Симо и Маринеску Клара (Кампалунг Романија), Ајгјул Вариева Ахмедова (Две Могили, Бугарија), Ангела Здравковска и Зорка Попочовска (Македонија) а ќе гостува со етно кореографија и студиото за модерни и класични танци од градот Попово од соседна Бугарија. На „Етно плоштад фестивалот“ ќе присуствуваат високо делегации преставувани од градоначалниците на општините со кои Општина Берово соработува, како што се Ливаро од Франција, претсавниците на трите бугарски општини, Струмајни, Попово и Две Могили, од Кампалунг, Романија, Повиат Трезбеиницки од Полска, и Брус од Србија, а како гости ќе присуствуваат и претставници на општината Неготино.Програмата на фестивалот е конципирана во дневни и вечерни концерти, кои ќе се одржуваат во термините од 12 до 15 часот, а вечерните од 20 до 22 часот.Официјалното отварање на фестивалот ќе биде на 26 август со дефиле на сите учесници и вообичаените поздравни говори. Во рамки на фестивалот ќе се одржи и интернационалниот саем на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, кој се организра веќе по седми пат. На саемот учествуваат производители од Македонија и странство, кои изработуваат традиционални и стилизирани ракотворби и сувенири од природни материјали како и традиционална храна (сирење, мед, сок, џем, слатко, разни видови на оцет, вино, ракија, како и традиционални зелници, пити и други тестенини). Изложувачите на саемот се присутни сите три дена додека трае фестивалот, а штандовите за посетителите се отворени во текот на целиот ден од 10 до 22 часот.Како простор за промоција на своите производи, овој фестивал е препознатлив и за дел од најголемите компании во Македонија кои произведуваат вино, оцет, вода, земјоделски производи и тн.Од година во година фестивалот побудува се поголем интерес кај домашните посетители но и кај посетителите од државата и странство. Според минатогодишните статистики дневната програма ја следат околу три до четири илајди луѓе, а на вечерните концерти се присутни речиси двојно повеќе посетители. Последниот фестивалски ден 28 август, се совпаѓа со големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, кој е традиционален празник на градот и на тој ден во Берово традиционално доаѓаат луѓе од сите краеви на Македонија и пошироко за да го посетат манастирот Пресвета Богородица и да бидат дел од црковно – народниот собир. Овој настан станува се поголема туристичка атракција и причина да се биде во Берово, и оваа година очекуваме рекордна посетеност од повеќе од 30 илјади гости од Македонија и поширокиот регион, по повод овој голем христијански празник. Воедно, сите тие се и посетители и на настанот кој го организира Општина Берово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

