Култура
Награди на ДПМ за Благој Самоников и Ефтим Клетников
Друштвото на писателите на Македонија објави двајца добитници на годишните награди на оваа, најстара писателска асоцијација. Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга издадена во текот на 2010 година ја доби штипскиот поет Благој Самоников за стихозбирката „Неизносена ведрина“
Во образложението на Комисијата на ДПМ за доделување на наградата „Ацо Шопов“, која беше во состав Георги Сталев – претседател, Трајче Кацаров и Иван Василевски – членови, се нагласени најбитните карактеристики на награденото дело.„Книгата на Самоников се карактеризира со оформени и зрели поетски резултати, стилски мошне кохерентни, кои песната ја објавуваат во автохтон поетски тоталитет релевантен за афирмација на современата македонска поезија и квалитативно збогатување на нејзината развојна традиција.Над егзистенцијалната тескобност, што се чувствува во стиховите на поезијата на Самоников, авторот ја издигнува песната и нејзината вонвременска димензија како коректив на сеопштата несигурна вистина и низ луцидна иронично-апсурдна поетска разврска поентира со поетови согледби што секогаш се некаде помеѓу реалното и иреалното.Впрочем, човековиот восхит, но и трепет пред убавината треба да го бараме во тие релации, а поезијата е токму вистинскиот израз за тоа“ – стои во образложението на Комисијата за доделување на наградата „Ацо Шопов“.Добитникот на наградата, поетот Благој Самоников, потенцираше две работи кои многу му значат, а се во директна релација со личноста на поетот чие име го носи наградата – Ацо Шопов.„Првата работа е што ми е драго што таа е највисоката награда на писателите за книга со поезија во Македонија и што сите ние пишуваме надевајќи се, не да добиеме награда, туку дека ќе се најде некој што ќе кореспондира со нашите поетски мисли и согледби, и драго ни е кога ќе наидеме на читател кој ќе допре до нашите стихови, а особено ми е драго што во овој случај, кога читателите се професионалци на пишаниот збор.Втората и неизбежна работа во мојот случај е тоа што сум Штипјанец и доаѓам од Домот на културата ‘Ацо Шопов’, каде го поминав целиот работен век. Мило ми е што од 1982 година домот го носи името на големиот поет“ – изјави поетот Благој Самоников.Наградата за „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и младинци за 2010 година ја додели Комисијата на ДПМ во состав: Вера Чејковска – претседател, Љубинка Донева и Петре Димовски – членови. Наградата ја доби Ефтим Клетников за книгата „Цар Салтан“ со следното образложение на Комисијата:„Создадена по мотивите на истоимената бајка на Александар Сергеевич Пушкин, ‘Царот Салтан’ на Ефтим Клетников е стихувана драма во шест чина, со наратор кој нè води низ дејството, а која уште при првиот прочит се чини погодна за сценско поставување.Во оваа книга на чудесен начин се спојуваат ненаметливата нарација, драмската тензија, мотивираната и нијансирана психологизација на ликовите, сериозниот, пред сè, длабоко морален пристап кон човековата судбина, како и поетичноста на копнежот, мечтата, сонот и љубовта.Пишувана со еден волшебен занес и изразита креативна мисла на самиот автор, со едноставен, но богат поетски израз, оваа книга ја извлекува на виделина бајковитоста на македонскиот јазик“ – стои во образложението на Комисијата за доделување на наградата „Ванчо Николески“.Добитникот на наградата, Ефтим Клетников, ја изрази својата благодарност за доделувањето на наградата и, едновремено, го нагласи својот сериозен пристап во пишувањето литература за деца.„Посебно ми е драго што ја добив наградата која го носи името на класикот на детската литература, Ванчо Николески. Морам да признаам дека тој е еден од моите омилени писатели од детството.Детската литература никогаш не сум ја сфаќал на детски начин. Дури мислам дека тоа е еден извонредно сериозен жанр и дека е потешко да се пишува во тој жанр, отколку во она што го нарекуваме сериозна литература, бидејќи детската душа и психологија се навистина длабоки, што некогаш и не сме свесни за тоа.Детската душа е способна митски да размислува и да прима митски и космолошки слики, детската фантазија е неограничена и до неа треба да се доближуваме и да растеме, а не да ја сфаќаме како нешто отсутно.Бајката е една од насушните потреби на модерната човекова душа, заситена од прогрес, технологија, интернет, и на човекот сè повеќе ќе му биде потребна бајката како една катарза во ова технолошко, стресно и невротично време“ – изјави Ефтим Клетников.Годишните награди за 2010 година на Друштвото на писателите на Македонија ќе се доделуваат на 15 февруари во просториите на друштвото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



