Македонија
Поради минирање попладне во прекин сообраќајот на патот Кичево-Охрид

Сообраќајот на регионалните и магистралните патишта низ Македонија се одвива, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Поради изведување работи на пат ( минирање ) на патот А2 Кичево – Охрид кај месноста викана Лавчански корита, во вторник во период од 16 до 17 часот ќе има прекин во сообраќај во траење од 15 до 20 минути.
АМСМ на возачите им препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони. крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Уапсени две лица од Крушево за поткуп при избори и гласање

Две лица се уапсени, а пет се повикани на разговор во полиција во врска со кривично дело поткуп при избори и гласање, соопшти МВР.
Во 09:00 часот на улица „Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп, во врска со кривично дело „поткуп при избори и гласање“, ги лишија од слобода Б.Х.(72) и Д.С.(36), двајцата од Крушево. Во врска со истиот настан, во Полициската станица Прилеп повикани се С.А.(28), М.А.(31), Ш.А.(40), Д.А.(22) и Џ.А.(36) од Крушево, со престој во Прилеп. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Исто така, регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
Генерално, од МВР велат дека локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава.
Од таму велат дека се преземаат мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес и дека до сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонски броеви 192 или 112.
Македонија
(Видео) До 13 часот гласале 20,12 отсто од избирачите

До 13 часот од добиени информации од 3.207 избирачки места од 1. 666. 298 запишани гласачи, гласале 335.244 или 20,12 отсто од избирачите, соопшти Државната изборна комисија.
Најголема излезеност има во Богданци, Вевчани, Градско, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Кратово, Крива Паланка, Лозово, Новаци, Ранковци и Чашка.
Најмала излезеност досега има во Босилово, Врапчиште, Гази Баба, Гостивар, Дебар, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуше, Пласница, Радовиш, Струга и Шуто Оризари.
До 13 часот во Град Скопје гласале 20,07 отсто од избирачите. За споредба, на локалните избори во 2021 до 13 часот гласале 20, 76 отсто од гласачите.
До моментот на одржување на прес- конференцијата, до ДИК нема никакви дојави за неправилности и нерегуларности.
Македонија
Погрешно испечатени ливчиња во Ново Село и наводи за поткуп во Велес, Прилеп, Крива Паланка и Свети Николе

Денешното гласање до сега поминува мирно без поголеми нарушувања на изборниот процес, соопшти Јавното обвинителство.
„Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело“, се наведува во соопштението.
Јавен обвинител од ОЈО Струмица денеска усно е известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село и извршен е разговор. Известена е Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело.
Во текот на вчерашниот ден, поединечни настани со наводи за изборен поткуп се евидентирани во ОЈО Велес, ОЈО Прилеп, ОЈО Крива Паланка и ОЈО Свети Николе. Во сите нив се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите.
Има неколку информации и во однос на настани со елементи на прекршување на изборниот молк, но до овој момент вкупно евидентирани се многу мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па со оглед на тоа изборниот процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности и денеска продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес, а електронската адреса [email protected] останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите.
И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а обвинителството тесно се координира и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.
Од Обвинителството наведуваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.