Македонија
Вељаноски: Македонија го живее сонот на партизаните и на илинденците
Македонија го живее сонот на партизаните и илинденците, а ние, нивните синови и ќерки, во наследство ја добивме нашата татковина и сме должни да ја надградиме и унапредиме, порача во саботата собранискиот спикер Трајко Вељаноски, по повод празникот 11-ти Октомври, Денот на народното востание.
„Одбележувајќи го утрешниот ден, го исполнуваме вековниот цивилизациски аманет да ги славиме делата и успесите. Да ги одбележуваме настаните на Нацијата! Да си спомнуваме на нашите сограѓани, борците на Македонија! Да ги славиме битките и триумфите. Да се навраќаме на жртвите и на херојствата. Да простиме, но и да се сеќаваме. 11 октовмри е еден таков важен ден за нас како народ и како држава. Тоа е денот на народното востание кога македонската земја мораше да биде натопена со крв за да може да изникне слободата. За да може да изникне правдата! За да може да се роди државата Македонија!“, се вели во говорот на Вељаноски.
Според него, Македонија нема вишок на историја, победи, настани, историски периоди или пак личности за фрлање, и кон сите периоди од минатото на земјата, треба да се однесуваме со достоинство и почит.
„Да ги славиме делата на ВМРО и на илинденците, исто онака како што го прославуваме херојството на партизаните. Да манифестираме единство во однос на нашето минато, бидејќи тоа е основата на единството што треба да го покажеме градејќи ја нашата иднина! Република Македонија го живее сонот на партизаните и на илинденците. Ние, нивните синови и ќерки, ја добивме во наследство нашата татковина. Нашите предци ја извојуваа слободата и започнаа да ја градат државата. Денес, ние сме должни да ја надградиме и да ја унапредиме Македонија. Предизвиците со кои се соочуваме мораме да ги совладаме. Друг избор за нас не постои. Да се откажеме не е опција за Македонија и за нашите граѓани“, вели претседателот на Собранието.
„На овој 11-ти Октомври кога се сеќаваме на периодот од втората светска војна, да се повикаме на позитивните примери од нашата историја. Да се сетиме дека под знамето на слободата, еднаква жртва дадоа и претставниците на левицата, но и на десницата; Да се сетиме дека заедно во битка со непријателот учествуваа Македонците, но и Албанците, Турците, Ромите, Србите и останатите; Да запомниме дека жртва на ропството беа христијаните, но и муслиманите или евреите. Да ни се вреже во колективната меморија дека сите страдавме заедно, но и сите заедно рамо до рамо се боревме и се изборивме за слободата“, додава Вељаноски во својот говор.
Собранискиот спикер потенцира дека земјата мора да ги реши отворените прашања заеднички, со помош на нашите меѓународни пријатели, за да не се повторуваат овие нешта во иднината.
„Кога веќе се доведовме во состојба да ни биде потребна помош од страна, да го искористиме тоа за да ги надминеме нашите слабости. Во оваа криза треба да ја најдеме шансата за Македонија. Шанса – која ќе нѐ направи подемократски, поединствени, пообединети и поблиски до НАТО, до Европската унија и до Соединетите Држави. Народот низ историјата до денес страдаше и се бореше за своја држава за да може самиот да одлучува за своите работи и за својот живот. Нашите политички разлики мора да исчезнат пред важните државни прашања! Единството на сите партии мораме да го афирмираме уште повеќе! Да се ангажираме уште повеќе во остварувањето на целта за интеграција на Македонија во НАТО и во Европската унија; Да го развиваме и да го унапредуваме сојузништвото со Соединетите Американски Држави. Да продолжиме да ги развиваме меѓуетничките односи и соживотот на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите , Србите и Бошњаците. Да продолжиме да ја развиваме економијата и да го јакнеме животниот стандард“, порачува Вељаноски./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

