Македонија
Чавков во Куманово: Безбедносните сили не затаија
Новиот министер за внатрешни работи Митко Чавков и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли во четврток ја посетија кумановската „Дива населба“, каде што на 9 и 10 мај дојде до судир меѓу полицијата и вооружена група од Косово и Македонија.
Чавков, Бејли и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски имаа заедничка средба во СВР Куманово.Чавков за првпат даде изјава за медиумите откако е назначен за министер, на местото на поранешната министерка, Гордана Јанкулоска. Тој оцени дека Куманово е безбедно и дека инцидентот што се случи во кумановската „Дива населба“ е изолиран настан од поединци и криминални групи кои не наишле на поддршка од локалната заедница. „Јас ви гарантирам како министер за внатрешни работи дека полицијата многу интензивно, многу проактивно ќе работи на благовремено индентификување на евентуални закани и реагирање на таквите закани“, истакна Чавков.Според него, македонските безбедносни сили не затаија во случајот со Куманово. „Безбедносните сили не затаија затоа што откако добивме релевантни информации ние развивме мерки и активности за анализа на тие информации и соодветно постапување по информациите. Развивме соодветни планови за оперативна акција, планови за управување со ризици и ефектот од тоа беше елиминирање на криминално-терористичката структура што беше во Куманово“, рече министерот за внатрешни работи.Амбасадорот Бејли рече дека денеска дошол во Куманово да им даде поддршка на полицијата, граѓаните и на градоначалникот по настанот од 9 и 10 мај. „Дојдов за настанот во Лопате, но не можев да го одминам Куманово и да им дадам поддршка на полицијата, граѓаните и градоначалникот кои пред две недели преживеаја значајна драма, но и за заложбата и животите кои ги дадоа храбрите полицајци. Најзначајно е тоа што покрај тоа низ што минаа, граѓаните останаа и се држеа заедно и ја отфрлија идејата дека ова е етнички конфликт и дека насилството е прифатливо за нив. Мислам дека тоа е многу значајна порака. Тука сум да ја да ја изразам мојата загриженост во име на пријателството на САД и да поразговарам со локалните водачи со цел да се зачува атмосферата во населбата која владеела и порано“, изјави американскиот амбасадор Бејли.Кумановскиот градоначалник Дамјановски рече дека министерот за внатрешни работи Чавков најавил соработка и посета на општина Куманово. „Министерот Чавков даде едно упатство дека во наредниот период ќе има соработка со локалната самоуправа и ќе ја посети општината. Ќе му ги изнесам моите видувања за состојбите и начинот како да ги надминеме. Но, и за она што ние како општина го подготвуваме да помогнеме на семејствата на загинатите полицајци како донација“, изјави Дамјановски. /крај/миа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсено лицето што го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје
Полициски службеници од МВР денеска (12 јануари 2026 година) во 12:40 часот на улицата Кирил и Методиј во Скопје го приведоа Ш.А. (54) од овој град, поради сомнение дека вчера го оштетил стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Веднаш по добиената пријава за инцидентот биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот, по што Ш.А. бил лишен од слобода. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи вчера, 11 јануари 2026 година, кога беше пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија. Според претходните информации од МВР, оштетувањето било забележано преку системот за видео надзор, а сторителот со удар со рака го оштетил стаклото и се оддалечил од местото.
Инцидентот беше остро осуден од бугарското Министерство за надворешни работи, кое го оцени како напад врз дипломатската мисија. Реакција имаше и од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој го осуди настанот, оцени дека станува збор за изолиран случај и нагласи дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Македонија
Алиу-Андоновска: Обезбедени 7.500 вакцини против Хепатитис Б, наменети за здравствени работници
Министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Институт за јавно здравје, Марија Андоновска, денеска одржаа заедничка прес конференција по повод потпишување договор за донација од страна на Министерството за здравство на Институтот за јавно здравје на 7.500 вакцини против Хепатитис Б, во вкупна вредност од 123.450 американски долари, кои се наменети за здравствените работници.
-Станува збор за конкретна превентивна мерка за намалување на изложеноста на ризици по здравјето на вработените во здравствениот систем, притоа истовремено засилувајќи ја и сигурноста кај пациентите. Со овие количини ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници, со три дози вакцина по лице. Вакцинацијата ќе се спроведува во Институтот за јавно здравје и во Центрите за јавно здравје. Нашата одговорност како институционални носители на здравствените политики е да создадеме услови здравствените работници да не бидат оставени сами во ризиците кои ги носи извршувањето на нивните обврски, како што е контактот со крв и телесни течности, повреди со остри инструменти и слично. Вакцините се обезбедени од „Project HOPE“ – меѓународна невладина организација за глобална здравствена и хуманитарна помош, на кои им се заблагодарувам, истакна министерот Алиу во обраќањето.
Тој посочи дека во рамки на заложбите за овозможување едноставен и достапен процес на вакцинација, Министерството за здравство подготви електронски модул за изразување интерес за вакцинација, кој е достапен на веб-страниците на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје.
-Денес обезбедуваме и дополнителна поддршка за Институтот за јавно здравје за засилување на биосигурноста. Станува збор за авионски и бродски транспортни кутии за инфективни материјали, со што овозможуваме побезбедно постапување и транспорт на инфективни материјали согласно протоколите, додаде министерот.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со претставници на „Македонија 2025“
Во рамки на активностите во областа на надворешната трговија и економската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска, придружуван од директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, оствари посета на организацијата „Македонија 2025“ и одржа средба со нејзиното раководство.
Посетата е дел од серијата работни средби што министерот Муцунски ќе ги реализира во текот на неделата со раководствата на стопанските комори и сродни организации.
На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со можностите за организирање заеднички активности во делот на извозната и инвестиционата промоција на бизнис-компаниите кои се членки на „Македонија 2025“.
Фокусот на разговорите беше ставен на можностите за организирање бизнис-форуми во рамки на официјални посети на владини делегации во странство, со посебен акцент на улогата на дијаспората. Воедно, беа разгледани и начините на кои дипломатско-конзуларните претставништва можат да дадат поддршка во организирање деловни средби за заинтересираните компании кои сакаат да ги истражат странските пазари и да отпочнат извозни активности.
Претставниците на „Македонија 2025“ ја поздравија иницијативата за интензивирање на соработката и комуникацијата со стопанските комори, истакнувајќи дека на тој начин дополнително се зајакнува улогата на државата како поврзувач меѓу домашните компании, странските пазари и македонската дијаспора.

