Економија
Нов систем за онлајн регистрација на залог во Централниот регистар
Со цел поедноставување на административните постапки и пласирање на квалитетни услуги на бизнис заедницата но и на пошироката јавност, во вторникот во Централниот регистар на Република Македонија беше пуштен во употреба нов електронски систем за е – залог кој нуди можности за користење на современата технологија при регистрирање на залог кој е дел од втората фаза на проектот едношалтерски систем.
Со овој систем, а во соработка со Нотарската комора на Република Македонија, ќе им се овозможи на корисниците скратување и поедноставување на процедурите за регистрирање залог, намалување на административните бариери, заштеда на време и средства, електронско плаќање на надомест, можност за избор за преземање потврда за упис во хартиена или електронска форма и можност за избор на контакт канцеларија.
„Системот е – залог е воспоставен како пандан на постојниот процес на регистрација во хартиена форма, со исклучителна разлика која се состои во можноста целокупниот процес, а се спроведе преку интернет, без потреба од физичко присуство, само со примена на дигитални сертификати како средство за идентификација на подносителот“, истакна В.Д. директорот на Централниот регистар на Република Македонија, Андреа Поповски.
Централниот регистар овој електронски систем го спроведува во соработка со Нотарската комора на Република Македонија како професионална заедница која е главен администратор на уписите во овој регистар.
„Можноста што сега ја дава централниот регистар за поднесување на пријавите за запишување залок по електронски ќе ја забрза постапката за упис на тој начин што целокупната документација потребна да се изврши уписот нотарите ќе ја достават до заложниот регистар скенирана и само во електронска форма, а веродостојноста на приложената документација во електронска форма ќе ја гарантира нотарот со својот електронски потпис. На овој начин ќе се внесе постапката до граѓаните и до правното лице кои нема да треба лично да одат во централниот регистар со што ќе се заштеди на време а ќе се зголеми и правната сигурност и позитивно ќе влијае брз бизнис климата бидејќи забрзаната постапка за упис ќе доведе до побрз пристап до кредитите кои ги одобруваат деловните банки“, истакна претседателот на нотарската комора на Република Македонија“, велат од Нотарската комора на Република Македонија .
Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, истакна дека ова е уште еден проект со кој преку воведување на нова технологија се создава можност целокупниот процес на регистрирање на залогот и плаќањето на надоместокот да се направи по електронски пат преку интернет со што ќе се скратат редовите на шалтер, ќе се заштеди времето на корисниците на услугите, ќе се подобри квалитетот на услугата, а со тоа се олесни и водењето на бизнисот.
„Централниот регистар е фокусна точка во нашите заложби за подобрување на бизнис климата во Македонија. Со активните мерки и проекти кои ги реализиравме Македонија во извештаите на ДУИНГ бизнис за 2014 година котира на високото 25 место. Една од клучните компоненти на оваа висока оценка е рангирањето во сегментот стартување на бизнис каде што главниот акцент паѓа врз работата на Централниот регистар и каде Македонија за 2014 година е рангирана на седмата позиција од вкупно 189 земји во светот. За ваквото рангирање доведоа многубројните мерки, иновации и реформи што ги спроведе Централниот регистар во изминатите години меѓу кои се вбројуваат системот за „онлајн“ внесување на годишни сметки, проектот „регистрационен агент“, системот за „издавање на електронски потврди“, системот за„ регистрација во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица“, апликацијата за „е – стечај“ и „е – аукција“ и системот за „спас на податоци“ кој е сместен во Штип. Во иднина централниот регистар ќе спроведува нови вакви мерки и иновации, а меѓу нив се и проектот за воведуање на „електронски систем за регистрација на лизинг“, проектот за воведување на „систем за фер и правична распределба на стечајните постапки“, проект за воведување на „тендерско досие“ и проект за воведување на опција за „проверка на услуги и податоци за фирми со поддршка на англиски јазик“, истакна Груевски.
Тој нагласи дека вредноста на проектот изнесува 250 илјади евра, а со него ќе се обезбеди повеќе време во корист на квалитетот на работата, односно намалувањето на грешките и недостатоците на минимум при внесување на податоците./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.
Економија
УЈП: Пилот фазата на е – фактура покажува конкретни резултати, најавени се 148 компании
Управата за јавни приходи информира дека пилот фазата на националниот систем за е-Фактура успешно се спроведува во реални услови и веќе покажува мерливи резултати кои ја потврдуваат активната подготoвка на деловната заедница за новиот модел на дигитално фактурирање.
До овој момент, за тестирањето се најавени 148 компании, од кои 57 успешно се регистрирани во системот. Од нив, 15 компании активно го користат системот и имаат креирано и доставено 1.115 е-фактури, при што 396 фактури се успешно верификувани преку платформата.
„Овие показатели ја потврдуваат функционалноста и стабилноста на решението во пилот фазата. Компаниите кои се приклучуваат во тестирањето обезбедуваат рана техничка подготвеност пред задолжителната примена на системот, директна поддршка при интеграција, како и можност преку своите повратни информации да придонесат кон финалното унапредување на функционалностите. Раното приклучување овозможува полесна адаптација на ERP и интерните ИТ системи, како и навремена подготовка за целосната имплементација“, велат од УЈП.
Управата за јавни приходи ги повикува ИТ компаниите, ERP провајдерите и економските оператори со сопствени ИТ решенија активно да се приклучат во пилот фазата, да го тестираат API интерфејсот и со своите повратни информации да придонесат кон создавањето на стабилен, сигурен и практичен систем за е-фактурирање кој ќе одговара на реалните потреби на бизнис-заедницата.
Корисни линкови за вклучување во тестирањето:
Техничка документација: https://efakturawiki.ujp.gov.mk
Регистрација и доделување привилегии: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg
Тест платформа: https://efakturatest.ujp.gov.mk
Сугестии и забелешки: [email protected]
„Aктивното учество на компаниите во пилот фазата претставува значаен чекор кон партнерско креирање на модерен, сигурен и ефикасен систем на дигитално фактурирање, кој ќе овозможи поедноставени деловни процеси, намалени административни трошоци и повисоко ниво на транспарентност во економските текови. Управата за јавни приходи ги охрабрува сите заинтересирани економски оператори навремено да се приклучат во тестирањето и да придонесат кон успешна национална имплементација и дополнително унапредување на системот додека сè уште е во тест фаза“, велат од УЈП.

