Култура
TO BE Хамлет

Во рамките на Охридско лето, во петокот во домот на културата во Охрид се одржа премиерата на Хамлет од Вилијам Шекспир во изведба на Драмскиот театар од Скопје
За секоја театарска куќа вистински настан и предизвик е да се игра ова капитално дело на Шекспир. Па така и Драмскиот театар од Скопје долго пред летово ја најавуваше подготовката на Хамлет. Режисер на претставата е Дејан Пројковски а главните улоги ги толкуваа: Дејан Лилиќ како Хамлет, Викторија Степановска – Офелија, Бранко Ѓорчев – Клаудиус, Катерина Коцевска – Гертруда, Драган Спасов – Полониус и.т.н. Музиката е на Горан Трајковски а сценографијата на Владо Ѓоревски.Претставата предизвика огромно интересирање кај публиката, особено поради шушкањата дека се работи за сосема ново видување на оваа класична драма од аспект на режисерската постапка, и необичноста на сценографијата, па се до актерската игра. Еден од елементите на оваа изведба е секако и нејзиното траење од три ипол часа.Веќе почетокот на претставата најави трендовско радикализирање на сцената со појавувањето на хамлетовите другари во адамови костими. Склони сме да веруваме дека Пројковски има релевантно објаснување за ваквиот почеток, но како и кај публиката така и кај актерите се почувствува мала, нелагодна трема од ваквиот мизансцен. Доколку е тоа сторено во име на ,,инквоста,, во режисерската постапка и осовременувањето на Хамлет, ќе се согласиме дека во тоа само делумно се успеа. Во првиот дел, Лилиќ од минута во минута ја наметнуваше својата актерска доминација и сувереност, иако, како што тоа текстот и го бара, со поголема активност беа задолжени останатите актери, особено Ѓорчев и Спасов. По паузата, кога драмското дејствие инсистира на зголемување на тензичноста, актерите, преминувајќи ја вообичаената рутинска комуникација, буквално се разгоропадија. Покрај Лилиќ, кој конечно влезе во лудилото на Хамлет, Коцевска ја одигра Гертруда со исклучителна сценска и текстуална енергија, па дури и Степановска, која прилично дефанзивно се претстави во првиот дел, со многу повеќе мотивација го доигра ликот на Офелија. Пројковски во секој случај успеа да создаде респектабилна претстава која и покрај должината на траењето остави впечаток на осмислено и храбро толкување на хамлетовштината во современото живеење, умешно, преку сценографијата, реквизитите и костимите (иако не сосема и преку музиката на Трајковски), и без речиси никакви интервенции да го доближи оригиналниот текст на актуелниот гледач и на модерното време. Самиот Пројковски во одделен текст прави обид да покаже дека не е исто ,,да се биде,, некогаш и сега: ,,Денес не е проблемот да се биде или не, денес проблемот е да се Биде… да се биде денес значи да се биде фрлен во една заедничка цивилизација, каде што страдањето,осаменоста, предавството, лудилото, бедата имаат заедничко име – глобален прогрес,,.Веруваме дека овој Хамлет на Драмскиот театар уште со многу претстави ќе ја врши својата духовна и уметничка мисија каде и да биде прикажуван.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Инвестиции за заштита на културното наследство и развој на културниот туризам, најавија надлежните

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со стручниот тим од Заводот и Музеј – Струмица, денеска реализира работна посета на општините Дојран и Гевгелија, со цел увид во тековните и во планираните проекти од областа на културата и културното наследство.
Во Стар Дојран беше извршен увид во црквата „Св. Илија“, значаен објект од 19 век, со висока историска, архитектонска и духовна вредност. Министерството најавува продолжување на активностите за конзервација и реставрација на овој објект, кој претставува симбол на духовното и на културното наследство на регионот.
Особено внимание оваа година е посветено на капиталниот проект за изградба на музеј на вода преку реконструкција на праисториска наколна населба на Дојранското Езеро. Во тек се заштитни археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, а основниот проект за изградба на музејот се очекува да почне во 2026 година. Идејниот проект е изработен од Заводот и Музеј – Струмица.
Музејот, кој ќе биде поставен директно на површината на езерото, ќе функционира како жив музеј на отворено, со висока едукативна и туристичка вредност. Со ваквиот пристап Дојран добива можност да се позиционира како водечка дестинација за културен и археолошки туризам во поширокиот регион, најавија од Министерството.
Во рамките на посетата на Гевгелија беше извршен увид во реализацијата на проектот за целосна реконструкција на Старата чаршија, заштитено културно наследство од XIX век. Вредноста на инвестицијата изнесува над 40 милиони денари, а проектот опфаќа: реставрација на фасадите на старите дуќани, поплочување со гранит, поставување нова урбана опрема и осветление, целосна реконструкција на подземната инфраструктура.
Со завршувањето на проектот Чаршијата ќе ја задржи својата автентичност, а истовремено ќе се трансформира во современо културно-туристичко јадро, привлечно и за жителите и за посетителите.
Вечерва, во рамките на посетата, министерот за култура и туризам Зоран Љутков ќе присуствува на фестивалот „Вкуси го југот“.
Како носител на титулата град на културата, Гевгелија се етаблира како центар на културни настани, фестивали и манифестации, кои значајно придонесуваат за развојот на локалната економија, туризмот и културниот живот во регионот.
Култура
Љутков: Нашата цел е јасна, да го заштитиме и обновиме „Македониумот“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.
Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес, истакнуваат од министерството.
Минатата година, како што информираат, Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.
„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави Љутков.
Култура
(Видео) Oмилените филмови на Стивен Кинг

Мајсторот на хоророт, Стивен Кинг, е познат по своите темни романи и адаптации што го обележаа светското кино, но и по фактот дека редовно ги споделува своите омилени серии и филмови со публиката.
Стивен Кинг, познатиот мајстор на трилери и хорор, сподели листа од своите 10 омилени филмови на платформата X. Оваа листа, која ги исклучува филмовите адаптирани од неговите дела, дава увид во кинематографскиот вкус на авторот кој го обликувал хорор жанрот.
Избраните филмови вклучуваат класици од различни жанрови, од трилери и драми до комедија и научна фантастика. Кинг истакна дека листата не е по одреден редослед, нагласувајќи го богатството на квалитетни филмови достапни за публиката.
“Sorcerer”
“Godfather 2”
“The Getaway”
“Groundhog Day”
“Casablanca”
“Treasure of the Sierra Madre”
“Jaws”
“Mean Streets”
“Close Encounters of the 3rd Kind”
“Double Indemnity”