Култура
Трет ден на „МакеДокс“

Дневната доза на фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“ содржи три работилници и богата филмска програма.
Дневната доза на фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“ содржи три работилници и богата филмска програма.Во Детскиот театарски центар веќе втор ден се одржуваат работилниците „Школски час за домашни ТВ-уредници и идни док-мејкери“ и „ВидеоАктивизам“.На работилницата „Школски час за домашни ТВ-уредници и идни док-мејкери“ продуцентката Мартичка Божилова од Бугарија и авторот Борис Митиќ од Србија ги претставуваат пишаните и непишаните правила на креативната продукција на документарни филмови, со акцент на можната улога на домашните телевизии.Од анализа на трендовите до изборот на темите, преку одбирање на гледачи, формат, буџетирање и меѓународно кофинансирање до фестивалски и дистрибуциски стратегии, оваа дводневна работилница го претставува целокупниот увид во можностите за продуцирање на креативен документарен филм со поддршка на современите домашни телевизии.Работилницата „ВидеоАктивизам“ се реализира во соработка со Оливер Сертиќ од медиумскиот центар „Рестарт“ од Загреб, кој се занимава со едукација, продукција и дистрибуција на социјално-ангажирани документарни филмови. Во рамките на работилницата во просторот на Куршумли-ан ќе се вежбаат техники на снимање, интервјуирање, кадрирање, монтирање, звук, истражување и подготовки за снимање на видеа. Во рамки на работилницата ќе има целодневно снимање, монтирање, финализирање на снимените видеа и нивно прикажување.Третата работилница која денес започнува на „МакеДокс“ е со наслов „Критика на креативната документаристика“. Со работилницата раководат Наташа Сењановиќ (Холивуд Репортер, cineuropa.org) и Владан Петковиќ (Скрин Интернејшнл, cineuropa.org).Во рамките на работилницата ќе се зборува за филмската рецензија, од што се состои, која е нејзината цел и како таа треба да се сервира во печатот, на радио, на телевизија или, пак, на Интернет. Дел од работилницата ќе биде и предавање за формалните аспекти на документарниот филм: историја, истражување, компарација, автори и врската со критиката на играните филмови.Покрај техничките аспекти, на работилницата ќе се дискутира и за вистината, манипулацијата, пропагандата, уметничката вредност и креативните/критичките цели.Во рамките на детската филмска програма во Детскиот театарски центар ќе бидат прикажани четири филмови, додека во Еко-програмата во 19 часот ќе биде прикажан холандскиот филм „Заборавен простор“ на Алан Секула и Ноел Бурч.Филмската програма во Куршумли-ан започнува во 21 часот со филмот „Копнежот на еден фармер“ (Шведска, 2010) од Ребека Расмусон. Ќе следуваат документарните филмови „Пареа на животот“ (Финска, 2010) на Јоонас Бергхол и Мика Хотакаинен, и „Непријатели на народот“ (Англија/Кореја, 2009) на Тет Сембат и Роб Лемкин. /крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.