Македонија
Прекин поради минирање на сообраќајот на патниот правец Охрид-Кичево
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/pat5-40.jpg)
Сообраќајот на патните правци низ државата се одвива по наместа влажни коловози. Во вторник, во периодот од 7 до 19 часот за сообраќај ќе биде затворена Скопската обиколница.
На патниот правец А2 Охрид – Кичево (планински премин Пресека – с.Врбјани) поради изведување градежни работи на пат (минирање) во вторник помеѓу 13.00 ч и 15.00 часот, сообраќајот ќе бидe во прекин во интервали од 15 – 20 минути.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Локализиран пожар во училиште во Струмица
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/12/pozarna-sv-nikole-4.jpg)
Пожарникарите во Струмица интервенирале при гасење на запалена просторија во училиште.
„Денес, (петок) во 13.28 часот во СОУ Никола Карев, ТППЕ Струмица со 1 ПП возило и 6 пожарникари-спасители интервенираше на гасење на запалена просторија(тоалет)“, се истакнува во напишаното на социјалните мрежи.
Пожарот, како што е соопштено е успешно локализиран за кратко време после пристигнувањето на пожарникарите.
Македонија
Медиумите имаат право да објавуваат информации поврзани со јавни личности, особено ако тие се релевантни за јавноста, велат од Агенцијата за разрешената директорка на „Козле“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/6-5.jpg)
Директорката на Клиниката за белодрбони и респираторни заболувања кај децата „Козле“ д-р Каролина Симоновска претходно испрати соопштение до медиумите со кое забрани да се споменува нејзиното име и рече дека ќе ги преземе сите законски мерки ако некој ја спомне во новинарски текст. На соопштението за личниот став беше ставен печат од Клиниката. Од Агенцијата за заштита на личните податоци за „Макфакс“ посочија дека носителите на јавни функции, по правило, се јавни личности, а нивните активности и постапки најчесто имаат јавен интерес, па така објавувањето на нивните имиња и презимиња во медиумите е дозволено и не се смета за повреда на правото на заштита на личните податоци.
„Според Законот за заштита на личните податоци во Република Северна Македонија, личните податоци на секоe физичкo лице (вклучувајќи ги и носителите на јавни функции) подлежат на прописите за заштита на личните податоци. Истовремено, според членот 81 од истоимениот закон, одредбите кои се однесуваат на правата на физичките лица може да се исклучат или да се отстапи од нив, доколку тоа е потребно заради балансирање на правото на заштита на личните податоци со слободата на изразување и информирање. Носителите на јавни функции, по правило, се јавни личности, а нивните активности и постапки најчесто имаат јавен интерес, па така објавувањето на нивните имиња и презимиња во медиумите е дозволено и не се смета за повреда на правото на заштита на личните податоци. Медиумите имаат право да објавуваат информации поврзани со јавни личности, особено ако тие информации се релевантни за јавноста“, посочуваат од Агенција за заштита на личните податоци за „Макфакс“ и истакнуваат:
„Во однос оваа објава на личните податоци извршена за новинарски цели, според членот 81 од Законот за заштита на личните податоци утврдено е дека при процесот на балансирање на правото на заштита на личните податоци со слободата на изразување и информирање се земаат предвид следните критериуми:
– природата на личните податоци,
– околности под кои се добиени личните податоци,
– влијанието на објавената информација кон дискусијата за јавниот интерес,
– колку е познато засегнатото физичко лице и кој е предметот на информацијата,
– претходно поведение на засегнатото физичко лице,
– претходна согласност на засегнатото физичко лице,
– содржината, формата и последиците од објавувањето на информацијата“, додаваат оттаму.
Според нив, во принцип, податоците за јавните личности (особено политичари и носители на јавни функции) може да се објават без изрична согласност на лицето на кое се однесуваат податоците во случај да постои силен јавен интерес кој преовладува над приватниот интерес на лицето.
„Под јавен интерес се подразбира: злоупотреба на службена должност, несоодветно трошење на јавни средства, заштита на јавно здравје, национална безбедност, криминал итн. Носителот на јавната функција има право да бара заштита на личните податоци доколку објавената информација не е во согласност со законските прописи, на пример, ако информацијата е неточна, штетна или не е во јавен интерес. Во случај на повреда на неговото/нејзиното право на заштита на личните податоци, лицето може да поднесе барање за утврдување на повреда до Агенцијата за заштита на личните податоци, а доколку се однесува на навреда или клевета носителот на јавната функција може да поднесе тужба до надлежниот суд“, децидни се од Агенцијата за заштита на лични податоци.
Од Министерството за здравство информираа дека е разрешена в.д. директорката на детската Клиника „Козле„, во Скопје, Каролина Симоновска. Нова директорка е Катерина Бошковска.
Разрешување на Симоновска минатата недела побара Лекарскиот колегиум на Клиниката, откако таа ѝ дала отказ на докторката Веселинка Митровска-Јосифова, ОРЛ-специјалист и бронхоскопист.
Од Колегиумот побараа да се стави крај на нејзиното самоволие, нарушените човечки односи и порачаа дека таа ја дискредитира Клиниката.
Таа пак од медиумите побара да не го објавуваат нејзиното име, на што регираа здруженијата на новинарите, по што следеше и нејзиното разрешување. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ја осуди објавата на в.д. директорката Симоновска во која таа забрани користење на нејзиното име во медиумите и преуредува дека во неа има многу елементи на закана кон новинарите и медиумите.
Македонија
Попов: Грешката беше важна лекција во мојот живот, не можам да го сменам минатото, но можам да ја обликувам иднината
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Screenshot-2025-02-07-143346.jpg)
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов се огласи по барањата од дел од опозициските партии за негова оставка од пратеничката функција порафи фактот дека пред 10 години добил осудителна пресуда за предизвикување на сообраќајна несреќа
Во контекст на обвинувањата кои произлегуваат од кујните на СДС, Левица и ним блиските полуги, а кои упатуваат на брутално злоупотребување и пооигрување со лични судбини, притоа надополнети со лаги и неточни информации, би сакал да ги изразам своите мисли и да го поделам моето гледиште за ситуацијата, пишува на социјалните мрежи Попов откако од страна на Социјалдемократската младина на Македонија беше истакнато дека актуелниот пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, во 2014 година возел пијан, без возачка дозвола и предизвикал сообраќајка во која повредил жена.
„Точно е дека пред 11 години, кога бев на 18-годишна возраст, направив грешка која, за жал, имаше последици. Бев осуден за тоа и целосно ги прифатив последиците од моите дејства. Беше многу тежок период за мене и за моите најблиски. Во меѓувреме, ги исплатив сите штети кон лицата кои беа засегнати од моето недолично однесување. Таа грешка беше не само за мене, туку и за сите околу мене, и беше навистина важна лекција во мојот живот.
Мора да нагласам дека, по таа случка, никогаш повеќе во животот не сум возел. Никогаш не сум повторил никакво слично дејство, и дури и денес, по 11 години, не сум положил за возачка дозвола, затоа што сметам дека на безбедноста на патиштата треба да се гледа со најголема сериозност и одговорност.
Така што, кога се зборува за тоа дека наводно сум прегазил жена на улица, би сакал да ја исправам оваа теза. Случајот во кој беше вмешано моето име не беше таков. Се случи сообраќајна несреќа, судар со друго возило, кој резултираше со повреда на жена која се возела во другото возило. Оваа ситуација нема никаква врска со наводните изјави и не може да биде поистоветена со трагедијата која ја доживеа Фросина. Не постојат никакви сличности помеѓу мојата ситуација и тоа што се случи со неа.
Верувам дека целта на луѓето кои ги шират овие обвиненија не е вистински да ги истражат фактите и да го прикажат вистинскиот развој на настаните, туку се обидуваат да создадат изговори за политички поени и манипулации во овие сензитивни моменти. Ова е неприфатливо и не е фер во однос на мојата личност, која веќе се соочила со последиците од своите грешки и се труди да биде одговорна, да ги поправи своите дејства и да направи добро за општеството.
Од таа моја грешка до денес поминаа 11 години, или 132 месеци, или 4015 денови, а јас извлеков поука. Од овие години 7 имаа СДС и нивните ортаци од шарената револуција Левица. Можеа да го преиспитаат случајот или да покренат нов. Но се е јасно и вистината е таа. Останува само горкото чуство дека лешинарски се обидуваат да поентираат во отсуство над други теми и автентична политика. Жалам што така ја сфаќаат политиката и уште повеќе жалам што ги злоупотребуваат ваквите судбини.
Не можам да го сменам минатото, но можам да ја обликувам иднината. И токму затоа се залагам за транспарентност и вистинска правда, бидејќи само на тој начин може да се донесат прави одлуки и да се изгради едно пофер општество“, пишува Попов.