Култура
Пјер Омаж и Мишел Бурдонкл на Охридско лето

Пјер Омаж на виолина и Мишел Бурдонкл на пијано ќе настапат во среда вечер во Свeтa Софија со почеток во 21 часот, во рамките на Охридско лето
Според публиката и меѓународната критика, Пјер Омаж се смета за еден од најдобрите виолинисти на неговата генерација. Своето музичко образование го стекнал на Конзерваториумот на Авињон, пред да биде примен во класата на Кристијан Фера, чиј асистент бил Ерве Л Флош на Високиот конзерваториум за музика во Париз.На конзерваториумот е добитник на први награди по виолина и камерна музика. Неговата кариера започнала во Италија на меѓународен фестивал на Кремона свирејќи ги соло сонатите и партиите на Ј.С Бах рамо до рамо со Салваторе Акардо и Шломо Минц по повод 300 години од раѓањето на Бах. Од тогаш неговата кариера почнала да расте и работел со диригенти како Карло Марија. Џулини, Хербет Фон Карајан, Рикардо Мути, сер Џорџ Солти, Франко Ферара…Мишел Бурдонкл во 1986 година добил стипендија од француската влада да учи на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва во класите на Самвил Алумјан и Лев Наумов. Истата година е награден на „Лист“ натпреварот во Утрехт. Мишел Бурдонкл настапувал во Франција, Италија, Швајцарија, Шпанија, Португалија, Германија, Романија, Молдавија, Русија, Полска, САД, Бразил, Кина и Јапонија и со добри француски и странски оркестри. Неговата дискографија е снимена за „Дорон музика“, „ЕМС Мастер Саунд“, „3Д Класикс“ и „Наксос Марко Поло“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Фото) Пласидо Доминго пристигна во Скопје – од аеродром директно на проба

Пласидо Доминго вчера пристигна во Скопје, а неговото слетување го означи почетокот на едно од највозбудливите музички случувања во Македонија.
Без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и Балет, каде што заедно со оркестарот на НОБ ја одржаа првата проба.
Со голем ентузијазам и воодушевување успшено заврши првата проба. Во исклучително инспиративна атмосфера маестро Доминго ја покажа својата врвна уметност, но и посветеност, а оркестарот, инспириран од неговото присуство, одговори со извонредна прецизност и емоција создавајќи атмосфера што го најавува она што ќе биде, дефинитивно, еден од најспектакуларните концерти во историјата на македонската музичка сцена.
Ова доаѓање не е обичен концерт – ова е историски момент за македонската културна сцена. Гласот што одекнувал во најпрестижните театри во светот, на 14 март ќе ја исполни сцената во арената „Борис Трајковски“, а енергијата на неговото присуство веќе се чувствува меѓу музичарите и љубителите на операта.
Македонија го дочекува Доминго со восхит, а легендата почнува да ја испишува својата најнова музичка приказна.
Фото – Стефан Самандов
Култура
Љутков го посети манастирскиот комплекс „Св. Атанасиј“ во Лешок

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска беше во работна посета на Лешочкиот манастир, најголемиот духовен центар во тетовско каде се сретна со митрополито тетовско-гостивараски г. Јосиф.
Во рамки на посетата министерот Љутков заедно со в.д. директорката на Националниот конзерваторски центар Цветанка Хаџипецова ги најавија завршните активности за конзервација, реставрација, санација и ревитализација на Стариот конак како и активностите за конзервација и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
„Сакам да најавам дека оваа година конечно ќе заврши конзервацијата, реставрацијата, санацијата и ревитализацијата на Стариот конак кој претставува интегрален дел од манастирскиот комплекс. За реализација на овој проект кој е од исклучително значење не само за МКТ туку и за Република Македонија обезбедивме 6 милиони денари и очекувам негово завршување до крајот на годината“, информираше Љутков.
Тој додаде дека оваа година, како капитален проект, се обезбедија и финансиски средства за реализација на конзервацијата и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
„Според информациите од конзерваторите од НКЦ откриениот, трет, најстар слој фрески во црквата „Св. Богородица“ сведочи за повеќевековниот континуитет на опстојување на ова споменично добро во манстирскиот комплекс во Лешок. До крајот на годината очекувам да бидат пошироко дефинирани површините со најстариот живопис и да се предложат натамошни мерки за конзерваторските зафати“, рече Љутков.
Благодарност до надлежните институции за преземените активности упати надлежниот митрополит на тетовско гостиварската епархија на МПЦ – ОА, г. Јосиф, кој информираше дека завршувањето на манастирскиот конак со капацитет од 50 легла, кој заедно со спомен собата на Кирил Пејчиновиќ и сите оние пропратни содржини што се внатре во самиот конак, ќе биде од особено значење за развој на манастирскиот туризам.
Култура
Книжевна вечер со Венко Андоновски за српското издание на „Вештица“

Утре (13 март 2025), со почеток во 19 часот, во Српскиот културно-информативен центар „Спона“ ќе се одржи книжевна вечер со Венко Андоновски, посветена на српското издание на неговиот култен роман „Вештица“ објавено минатата година. Ова е веќе трето издание на овој култен роман во превод на српски јазик. Првите две беа објавени во Бања Лука, во превод на Гордана Јовиќ-Стојковска, а ова е прво издание на територијата на Република Србија. Издавач е „Кораци“ од Крагуевац, а преводот е на Љиља Цревар.
На настанот, со свои видувања за романот „Вештица“ ќе се вклучат и истакнатите српски писатели и критичари Мирко Демиќ и Владимир Б. Периќ, уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Кораци“, којшто е и автор на поговорот на српското издание објавено во 2024 година, а свои излагања ќе имаат и претставници на издавачките куќи.
Во рамките на средбата ќе се оствари и разговор со Андоновски, во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски.
За француското издание на романот, славниот автор Милан Кундера, откако го спореди Андоновски со Херман Брох и со Карлос Фуентес, романот го нарече „премногу модерен“, т.е. роман од третата историска епоха во развојот на романот. Во него, авторот не само што ги опишува околината и животот на главниот лик, туку успева да го опфати и недофатливото. Според него, станува збор за мајсторски полифонично дело во кое изненадува разноликоста на наративните техники при што „Вештица“ е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа. Како што оцени и Георги Старделов, нема слично дело во историјата на книжевноста што толку жестоко ја насликало жестината на измачувањето на човекот. „Вештица“ е роман без „фабричка“ грешка, како што оцени Петре М. Андреевски. Тој и напомена дека оваа книга со ист восхит може да се чита на сите меридијани – Венко Андоновски во овој роман ги урива сите стереоптипи, воздигнувајќи се до највисоките врвови на романсиерската уметност, како што оцени и Старделов.
На оваа книжевна вечер, овдешната книжевна јавност ќе може да има појасен увид и во одгласите и толкувањата за овој роман од српската книжевна фела. За „Вештица“, во 2012 година, Андоновски ја доби и регионалната јужнословенска награда „Кочиќево перо“.
Со овој настан, Српскиот културно-информативен центар „СПОНА“ почнува нов циклус средби и работилници „ПАРАЛЕЛИ И СИНТЕЗИ: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, а во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија во превод на српски јазик.