Македонија
Гинеколошката ординација во Шутка ќе работи трипати неделно
Од петок гинеколошката ординација во општина Шуто Оризари ќе работи трипати неделно, односно секој понеделник, среда и петок, во периодот од 08:30 – 14:30 часот, информираат од Министерството за здравство.
Во овие термини во ординацијата ќе работи медицински тим од доктор и медицинска сестра. Кадарот е ангажиран од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, каде веќе е изготвен распоред за обезбедување здравствена заштита во гинеколошката ординација во Шуто Оризари.„Станува збор за времено решение за обезбедување гинеколошка здравствена заштита до завршување на огласот и почнување со работа на матичен гинеколог. Инаку, огласот за изразување интерес за матичен гинеколог во општина Шуто Оризари (како и во општина Ново Село) е објавен на 4-ти ноември, а рокот за пријавување е заклучно со 18-ти ноември. За избранитe матични гинеколози во овие две општини предвидена е дополнителна финансиска стимулација од 15.000 денари месечно за период од две години, обезбедена од страна на Министерството за здравство од превентивните програми“, информираат од Министерството.Огласот е сé уште во тек и заинтересираните кандидати можат да достават писмо за интерес (со наведен телефон за контакт и адреса на подносителот) во архивата на Министерството за здравство, или по пошта на адресата: „ул. 50 Дивизија“ бр.14, 1000 Скопје, со назнака: „Оглас за изразување интерес за ангажирање матичен гинеколог во општина Шуто Оризари/Ново Село“.По протесниот перформанс пред Министерството за здравство на Иницијативата на жени од општина Шуто Оризари кои две години немаат гинеколог во општината, министерот за здравство, Никола Тодоров се сретна со нив и договорија привремено решение и бонус за лекарот кој ќе се пријави на огласот да биде гинеколог во Шутка./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги повикува институциите да постапат по обвинувањата за тендери во општини под контрола на ВМРО
Антикорупцискиот тим на СДСМ очекува реакција од надлежните институции по, како што наведуваат, објавувањето на сомнежите за тендерски злоупотреби во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, една иста фирма – „Пирамид билдинг солушнс“ – во периодот од 2022 година до денес добила 51 тендер во вредност од над 16 милиони евра, исклучиво од општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата наведува дека станува збор за модел на „тендерска пирамида“, во кој јавните средства завршуваат кај фирми блиски до владејачката партија.
„51 тендер. 16 милиони евра. Само една фирма“, се наведува во соопштението, со оценка дека додека нема средства за зголемување на платите и пензиите, пари има за тендери.
Од СДСМ јавно прашуваат зошто Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата не преземаат ништо, и бараат одговорност за наводните злоупотреби.
Партијата најавува дека ќе продолжи да објавува докази за, како што наведува, мрежа на сомнителни тендери и дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка и во Крушево
Најголема снежна покривка до 7 часот утринава е измерена на Попова Шапка – 26 сантиметри, а 15 сантиметри снег има во Крушево, информира УХМР. Снежна покривка е евидентирана и во Ѓуриште (4 см), Тетово (2 см) и Берово.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од западен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од -1 до 7 степени.
Во Скопје, исто така, се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, а дневната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Со паричка во погача голем број семејства вечерва ќе ја дочекаат Старата Нова година
Според Јулијанскиот календар, по кој се водат православните христијани, вечер се дочекува православната нова година, кај народот позната уште како и Стара нова година, која почнува утре на Василица.
Во Македонија, Василица многумина ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј го слават и својот именден.
Некои семејства, повеќе во западниот дел на Македонија, кршат погача со паричка. Се верува дека на оној што ќе му падне, му претстои среќна и исполнета година.
По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

