Македонија
Чавков го информираше Иванов за активностите околу справувањето со бегалската криза

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во четвртокот оствари средба со министерот за внатрешни работи Митко Чавков, со кого разговараа за мерките и за активностите што се преземаат за превенција и за справување со влез на илегални мигранти во регионите зафатени со кризната состојба и нивното движење низ територијата на Република Македонија.
На средбата беше констатирано дека сите субјекти кои учествуваат во системот за управување со криза функционираат со зголемени активности и се соочуваат со недостиг на капацитети во материјална, кадровска, техничка опременост и превозни средства.
Министерот Чавков информираше дека Министерството за внатрешни работи побара помош и асистенција од ЕУ во остварување на системот за превенција за дополнување на потребните капацитети. Република Македонија како транзит територија на Балканскиот мигрантски коридор се соочува со последиците од однесувањето на земји-членки на Унијата, рече Чавков.
Една земја-членка со организирани институционални капацитети ги наведува мигрантите кон нашата јужна граница, додека други земји-членки го попречуваат нивното движење кон посакуваната држава во Унијата, рече министерот.Тој додаде дека Балканскиот мигрантски коридор во изминатите десетина дена во неколку наврати е прекинуван.
Министерството за внатрешни работи констатира дневен влез на шест до седум илјади странски државјани, а информациите и анализите говорат за зголемување на бранот на мигранти во месеците кои доаѓаат. Полициските сили кои имаат поддршка од единици на Армијата ќе се соочат со работа во крајно сложена активност. Доколку се прекине коридорот и се затворат границите, но и поради временските прилики, Македонија ќе биде принудена да примени планови со соодветен одговор за да ја заштити својата национална безбедност, рече министерот за внатрешни работи.
Во наредниот период, информира Чавков, Министерството за внатрешни работи ќе се соочи со дополнителен предизвик во остварување на својата надлежност во системот за јавна и државна безбедност за употреба на своите капацитети потребни и за обезбедување на изборниот процес и избирачките места на територијата на Република Македонија.
Претседателот Иванов побара развој на програми за постојано информирање и поддигнување на свеста кај граѓаните и општеството за заканата и ризиците од илегалната миграција со која се соочува Република Македонија./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.