Култура
Хесе и Алан По на мекедонски

Убава литература за летово добивме во издание на скопското книгозидателство „Ѓурѓа“ кое ги понуди изданијата „Бањски гостин“ од Херман Хесе и „Ѓаволот на преверзноста“ од Едгар Алан По
„Бањски гостин“ е најнепознатата, но и најзабавната книга на Херман Хесе. Како што ќе рече самиот, записите за бањското лекување „се моја најлична и најсериозна книга, зад полушеговита фасада“. Таа спаѓа во најзначајните автобиографски текстови на Хесе. Поради проблемите со ишијас и костобол, 46-годишниот Хесе се упатил во швајцарската бања Баден, чија топла вода богата со хлор и натриум ја фалел уште Тацит. Таму тој – пустински осаменик и уметничка душа – е ставен на строг бањски режим и на уште потегобната неопходност постојано да се среќава и да се дружи со своите „собраќа по страдање“.На крајот, по многу измачувачки, но и комични ситуации, Хесе со тага се разделува од сите нив, препороден и одново свесен за вистинските животни вредности.Расказите и есеите на Едгар Алан По застапени во оваа необична збирка се вистински репрезент на неговото оригинално писателско перо, на богатата имагинација и на неговиот префинет вкус. Според Шарл Бодлер, неговите дела се необични, небаре создадени за да ни покажат дека необичното е еден од составните делови на убавото. Никој не пишувал со повеќе привлечност за исклучителното во животот на луѓето и на природата; за жестоката љубопитност кај човекот; за крајот на годишните времиња полни со возбудлив сјај, за времето – блескаво, влажно и магловито – кога јужниот ветар разнежнува и ги олабавува нервите, како жици на некој инструмент, кога очите се полнат со солзи кои не доаѓаат од срцето; за привиденија во кои во почетокот постои сомнение, за наскоро да станат убедливи и разумни; за невозможното што ì се наметнало на интелигенцијата и кое ја води со непопустлива логика; за хистеријата која краде нешто од волјата, за спротивноста меѓу нервите и духот, и за човекот кој е толку растроен што болката ја изразува со насмевка. Едгар Алан По го истражува она што е најнепостојано, тој го одмерува и подробно го опишува немерливото, чии последици се ужасни, сето она што лебди околу човекот од нерви и го води во злото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Претставена тематската антологија „Дионис и Свети Трифун“ панорама на македонската винска поезија на Струшките вечери на поезијата

Учесниците на 64-тите Струшки вечери на поезијата денеска имаа можност да присуствуваат на поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година и да испијат поетско кафе со добитникот на „Златен Венец“ за 2025 година, словачкиот поет Иван Штрпка. Ги проследија и поетските портрети на минатогодишната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик Катица Ќулавкова и добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за 2025 година за најдобра дебитантска книга од млад автор на Матеуш Шимчик од Полска.
Пред присутните беше претставена и тематската антологија „Дионис и Свети Трифун“, чиј приредувач е истакнатиот македонски поет и есеист Славе Ѓорѓо Димоски. Тематската антологија, според приредувачот, панорама на македонската винска поезија е прво видување на оваа тема во македонската литература воопшто.
„Книгата е составена од два клучни дела и еден вовед. Воведниот се две песни едната од Јордан Хаџи Константинов – Џинот, во која се опева дионизискиот ритуал, а другата е од Матеја Матевски, посветена на Свети Трифун. Тие две песни се двата мотиви кои го прават јадрото од кое се развива книгата. Во првиот дел се песни од преродбата до кодификацијата на македонскиот јазик, а вториот е од кодификацијата на македонскиот јазик, односно од 1945 година па навака“, информира Димоски.
Иако замислата му била да направи антологија на македонската боемска поезија, по неколку месечни истражувања заклучил дека нема таква класична боемска поезија, а имало доста песни посветени на лозата, лозјето, виното и задоволставата од пиењето вино, дошол до идеја да ја именува како македонска винска поезија. Содржината е поделена на неколку поглавја кои типично си носат своја тема.
„Вториот дел е поделен на седум кругови тематски групирани, според мотивскиот интерес на авторите кон оваа крупна тема. Поетскиот пристап кон виното и другите видови алкохол е во согласност со балканската и македонската традиција, а тоа е особено изразено во здравиците кои се поместени на почетокот од вториот дел“, додава Димоски.
Манифестацијата продолжи со поетски читања на поети од платформата Версополис, поетски портрети, мешународното поетско читање „Кругови“ и музичко-поетски перформанс- Ноќ без интерпункција. Вечерва ќе биде врачена и наградата „Млада Струга“ за 2025 година на поетот Андреј Анѓеловиќ.
Во рамките на програмата меѓудругото утре на прес-конференција ќе биде соопштен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, а традиционално во црквата Света Софија во Охрид ќе има поетски портрет на добитникот на „Златен венец“за 2025 година Иван Штрпка од Словачка.
Култура
Oтворен фестивалот „Македокс“ – во следните денови над 75 филмови на 5 локации

Високо кренати главици кромид во рацете на екипата и волонтерите е традиционалниот поздрав до публиката на отворањето на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Годинава фестивалот беше отворен на 21 август во Куршумли ан.
На отворањето на 16-тото издание на „МакеДокс“ во името на екипата се обратија Сара Ферро и Дарко Набаков, кои прво упатија благодарност до публиката што беше присутна во Куршумли ан на отворањето на „МакеДокс“ под мотото: „Кому му е гајле за реалноста?“
– Во овие осум дена, на пет различни локации, ќе можеме заедно да погледнеме повеќе од 75 филмови, да учествуваме во бројни дискусии со авторите по проекциите, да бидеме дел од два мастер класа, две изложби, пет дискусии под смоквата, три денови со документарнaта индустрија и, секако, да слушнеме многу ноќни приказни – истакна Сара Ферро.
– Живееме во време во кое вистината се менува побрзо отколку што можеме да ја сфатиме. Во време кога границата помеѓу фактите и фикцијата станува сè потенка. Затоа потребата да гледаме на работите внимателно, креативно, критички и со грижа никогаш не била поголема – додаде Дарко Набаков.
Двајцата изразија особена благодарност до две иницијативи што одлучија да берат гајле за сите нас, а не само за себе. Најпрвин, SupportKochani, за сè што направија за повредените од трагедијата во Кочани, и потсетија дека сметките за донација остануваат отворени. Втората благодарност ја упатија на луѓето од „Спас за Дошница“, кои неуморно се грижат за сите нас, за да живееме во здраво и природно опкружување.
На програмата на првата вечер беа краткиот документарен филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ на Робин Петре. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, акустичен концерт одржа гитаристот Мухамед Ибрахими, додека полноќната музичка програма продолжи со диџеј-сет на Шурбе.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржува од 21 до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. Мото на 16. „МакеДокс“ е „Кому му е гајле за реалноста?“. На фестивалот ќе бидат прикажани 75 документарни филмски остварувања, а се очекува присуство на околу 100 гости од странство.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.
Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.
Шеснаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Кралството Холандија, Австриска Амбасада, Казино Австрија, Грчки филмски центар, Гете институт, Скопско смут, Амбасада на Република Чешка, Чешкиот културен центар во Софија, Младинскиот културен центар, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, такси „Глобал“.
Медиумски покровители на 16. „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк и Медуза.
Култура
Погребана Габи Новак, на легендарната пејачка ѝ беше исполнета последната желба

Легендарната пејачка Габи Новак, чиј глас ги одбележа животите на генерации од цела поранешна Југославија, почина на 11 август.
Габи Новак беше погребана на Мирогој во семејната гробница. Нејзиниот погреб беше одржан во понеделникот во кругот на семејството, во крематориумот во Загреб, во согласност со нејзините желби, јавуваат денес хрватските медиуми.
Нејзината урна беше поставена во семејната гробница на Мирогој, каде што беа погребани нејзиниот сопруг Арсен Дедиќ, синот Матија Дедиќ и мајката Елизабета Рајман.