Култура
„Надувливи архитектонски тела“ во Чифте-амам
Центарот за визуелни и културни истражувања, Институт Евро-Балкан на 1 јули (четврток) во 20 часот, во Чифте-амам, Национална галерија на Македонија, го претставува проектот „Надувливи архитектoнски тела #3“ на Чико Макмуртри и Amorphic Robot Works, а во кураторство на Мелентие Пандиловски
Надувливи архитектoнски тела #3 е проект кој се состои од изложба, работилница и презентација од Чико Макмуртри и Аморфик Робот Воркс (Луиз Каунерт и Марк Шрегендорфер). Надувливи архитектoнски тела #3 е иновативен развоен проект каде што се имплементираат развојни технологии за новата генерација на роботска скулптура.Проектот е резултат на Работилница за изработка на роботи и перформанс со Чико Макмуртри и Amorphic Robot Works која се одвиваше на Факултетот за ликовни уметности (Сули-ан) од 22 јуни – 30 јуни, 2010. Работилницата на Amorphic Robot Works се бави со дизајнирање, асемблирање и учење на програмирањето на машините во перформансот. Работилницата овозможува практично опфаќање и истражување на роботските технологии. Студентите на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет – отсек за индустриски дизајн, зедоа учество во работилницата со асистирање на Чико Макмуртри во создавањето на роботските скулптури, наменети за изложбата во Чифте-амам – Национална Галерија на МакедонијаЧико Макмуртри, еден од водечките светски уметници кој што ги користи роботичките технологии е уметнички директор на Аморфик Робот Воркс. Формирани во 1992, Amorphic Robot Works се њујоршка група на уметници, инжењери и техничари кои работат заедно со цел да креираат роботички перформанси и инсталации. Чико Макмуртри ја опишува својата визија “Делото претставува настојување да се открије приматот на движењето и звукот. Секоја машина е инспирирана од модерното општество, и она што физички сум го искусил и почувствувал. Севкупноста на сето наведено ги вообличува моите идеи и дело.” Од своето основање, Amorphic Robot Works ги истражува природата на движењето и перформансот преку креацијата на повеќестрани машини-скулптури кои функционираат и заемно дејствуваат во своите уникатно конструирани средини.Оваа уметничка програма резултираше во креацијата на повеќе од 250 механички скулптури од разни димензии кои превземаат антропоморфни и апстрактни форми. www.amorphicrobotworks.org.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

