Култура
„Визуелно танцување“ и „Мемории“ на Нена Фишер на Бела ноќ

Вечерва со почеток во 19.30 часот во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“, во „Јавна соба/ Public room“ ќе бидат поставени видео арт/инсталациите „Визуелно танцување / Vision dancing“ и „Мемории / Memories“ на холандската уметница Нена Фишер
Станува збор за визуелно танцување претставува инсталација која вклучува ТВ монитор, огледала и платно поставени во затеменет простор. Комбинацијата на филмот кој се прикажува на ТВ мониторот, рефлектиран на две огледала кои се поставени од двете негови страни и другиот филм кој се прикажува на платното ја раскажува приказната за градовите кои сонуваат.Ана Франговска Стојановска за оваа видео инсталација ќе забележи:„Визуелно танцување како видео-инсталација или За што сонува градот како видео-анимација, се однесува на една современа тематика, т.е. на современите 21.вековни градови, кои во облик на модерни коцки и квадари, опустени од живот од каков и да е вид или тип, егзистираат немо и вонвременски, како модели на некаква презентација… Во концептот на Фишер, овие градови сонуваат на сличен начин како и луѓето кои некогаш живееле во нив, како флешови се навраќаат токму на тоа минато време, на убавините на некогашниот нетехнизиран, неелектронски, несајбер, со еден збор неотуѓен свет во кој имало цвеќе, дрво, трева, жагор, деца, луѓе, игра, смеа, плач, среќа, болка, реалност…Овие градови сонуваат како со помош на танцувањето можат да ја премостат споната помеѓу природата и игривите „детски коцки”.“Технички оваа видео инсталација која се состои од две проекции: една на монитор и една ѕидна, вклучува и мултипликација на претставата – имиџот, се со цел да ја засити и задоволи визуелната потреба за многу, мноштво, гужва, згуснатост, хипнотичка мимеза на современото секојдневие, мултипликација која ја изведува со вклучување на огледала кои создаваат огледални миметички слики. Од друга страна игра и со големината на презенацијата, аспект кој придонесува кон естетската видео синергичност на Фишер, момент кој поставува одредени принципи и норми кои треба да го внесат и водат емотивно, визуелно и естетски набљудувачот низ конкретното дело.Како што вели самата Нена Фишер, која е член на галеријата GKunstliefde во Утрехт, инсталацијата Визуелно танцување доага како инспирација од Мондриан,кој исто така бил член на оваа галерија. Кога тој бил нејзин член работел пејзажи, а потоа се гледа она што тој ќе го работи тој подоцна. „Кај мене се потекнува од хаосот и свемирот и природата. Од хаосот се создава и редот. Така што јас ги споив хаосот и редот, живоста и неживоста, природата и урбаноста, сенката и светлината, танцот на светлината и сенката.Светлина неопхадна за било што да се види. И како потенцијал сето тоа се одразува кај мене, се мултиплицитра како огледало, се умножуваат перспективите. Во оваа инсталација исто така многу е важен и звукот. Музиката е од една јапонска група која прави свои инструменти природни, органски, и таа делува како контраст на овие квадратни моменти“, вели Нена Фишер.„Мемории“, пак, е кус видео-документарен експеримент во кој авторката се потсетува на своето родно место. Во овој филм без дијалог музиката е единствен водич низ бурното доживување на враќањето кон сопственото минато. „… Сеќавањето на мошне интересен начин се преклопува со авторовата имагинација креирајќи нови, доста ликовно згуснати визуелни импресии во кои техничкиот експеримент придонесува исклучително многу во начинот на дефинирање на уметничкиот израз. Редењето на претставите кои се некаде помонохромни, дури и црно-бели, се преплетува со колоритните блурирани претстави на фауната, на одличните визуелно-естетски преоди од еден во друг имиџ, од еден во друг кадар создаваат магичност и сензитивност кои го изоструваат окото на восприемачот. Тој иако не слуша никакви реални звуци туку ја доживува нарацијата преку изборот на музиката, почнува и да ја мириса добро познатата арома на “тазе печено лепче… Селектирани на ваков начин овие две видео-анимации/инсталации/експерименти одлично ја кореспондираат идеосинкразијата за големите и малите наративи, за она надвор и она внатре, за Јас и за Другиот“, вели Ана Франговска Стојановска за оваа поставка на Фишер.Нена Шешиќ Фишер е родена во Бјеловар, Хрватска. По вокација е сликарка(Академија на ликовни уметности – Сараево), но таа е и уметник со мултидисциплинарни интереси: синеаст, аниматор, сценограф, танцувач и изведувач на етно музика.Од 1993 г. живее и работи во Утрехт, Холандија. По својата основна определба Нена е сликарка и визуелен уметник кој ги изложува своите дела во многу културни центри ширум светот. Нејзините слики и инсталации се изложувани во Утрехт, Амстердам, Ротердам, Хаг, как и во Лондон, Париз, Киев, потоа во галериите во Италијам германија, Австралија и Канада.Нејзиниот интерес за разновидните облици на визуелната уметност, како богатства на експресијата на човековата душевност, се протегаат и на многу форми на музиката и танцот. Нена е извонреден танцувач на шпанско фламенко, како и на балканските, унгарските, циганските и ориенталните танци, така што често настапува, солистички или со танцувачки групи на сцените во Холандија и надвор од неа.Во придружба на гитара, нејзиниот глас може да се слушне во низа кратки и играни филмови, како и на концерти во кои на слушателите им ја претставува музичката традиција на другите култури. Оваа разноликост на уметничката активност на Нена ја поттикнала Холандската телевизија да продуцира неколку документарни филмови за нејзниот живот и дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина Дајан Китон

Познатата актерка Дајан Китон почина на 80-годишна возраст, објави „Пипл“.
Во моментов не се познати дополнителни детали, а нејзините најблиски побараа приватност, според соопштението на семејството.
Китон се здоби со слава во 1970-тите со нејзините улоги во „Кум“ и преку соработката со режисерот Вуди Ален. Таа освои Оскар за најдобра актерка за „Ени Хол“ во 1977 година. Во текот на својата долга кариера, таа глумеше во филмови како што се „Клубот на првите сопруги“, бројни соработки со режисерката Ненси Мејерс и франшизата Book Club.
Родена во Лос Анџелес
Таа е родена како Дајан Хол во 1946 година во Лос Анџелес, најстарата од четири деца. Нејзиниот татко бил градежен инженер, а нејзината мајка домаќинка.
Китон еднаш рекла дека верува дека нејзината мајка тајно сонува за подобар живот. „Длабоко во себе, таа веројатно сакала да биде забавувачка“, изјави таа за „Пипл“ во 2004 година. „Таа пееше, свиреше на пијано, беше убава. Таа беше мојата најголема поддршка.“
Таа настапуваше во средношколски претстави, а по дипломирањето во 1964 година, се запиша на драмско училиште. Но, наскоро го напуштила колеџот и се преселила во Њујорк за да се обиде да се занимава со театар. Го зела моминското презиме на нејзината мајка, Китон, бидејќи веќе имало Дајан Хол во класата по глума.
Своето филмско деби го имаше во 1970 година во филмот „Lovers and Other Strangers“, а нејзиниот голем пробив се случи кога Френсис Форд Копола ја избра за улогата на Кеј Адамс, девојката на Мајкл Корлеоне (Ал Пачино) во филмот „Кум“ од 1972 година.
Китон подоцна призна дека не го прочитала романот на Марио Пузо пред да се пријави на аудиција и дека немала поим за што се работи во филмот. „Најдоброто нешто што ми се случи беше добивањето на улогата во „Кум“, а немав поим за што се работи“, изјави таа за „Пипл“ во 2022 година.
Филмот ја освои наградата Оскар за најдобар филм, а Китон ја повтори улогата во „Кум 2“ (1974) и „Кум 3“ (1990).
Доби Оскар во 1977 година
Во 1977 година, таа глумеше во филмот на Вуди Ален, Annie Hall, за кој освои Оскар. Нејзиниот препознатлив стил – машки елеци, капи и одела – станаа модна инспирација. Иако често се шпекулираше дека филмот ја одразува нејзината врска со Ален, Китон рече: „Не е вистина, но има елементи на реалност“.
Таа, исто така, работеше со Ален во „Interiors“ (1978), „Manhattan“ (1979) и „Manhattan Murder Mystery“ (1993). Таа ја изненади јавноста во 2014 година кога изјави за „Гардијан“: „Го сакам Вуди“.
Китон, исто така, глумеше во филмовите „Looking for Mr. Goodbar“ (1977), „Reds“ (1981), „Shoot the Moon“ (1982) и „The Little Drummer Girl“ (1984). Таа работеше со Ненси Мејерс на филмовите „Baby Boom“ (1987), „Father of the Bride“ (1991), „Father of the Bride 2“ (1995) и „Something’s Gotta Give“ (2003), за што доби уште една номинација за Оскар.
Таа, исто така, режираше
Во 1996 година, таа глумеше покрај Голди Хоун и Бет Мидлер во хит-комедијата „Клубот на првите сопруги“. Подоцна имаше значајни улоги во филмовите Family Stone, Because I Said So, Finding Dory, Book Club (и неговото продолжение) и „Poms“. На телевизија, таа се појави во серијата на HBO „Младиот папа“ (2016). Таа, исто така, режираше неколку проекти, вклучувајќи го документарецот „Heaven“ (1987) и филмот „Hanging Up“ (2000).
Неодамна, таа се појави во музичкото видео на Џастин Бибер за песната „Ghost“ (2021) и беше многу активна на Инстаграм, споделувајќи мисли за животот, кариерата и пријателствата.
Китон никогаш не била во брак
„Јас сум единствената актерка од мојата генерација која била сама целиот свој живот“, рече таа во 2019 година. „Драго ми е што не се омажив. Отсекогаш сум била малку чудна. Уште во средно училиште, едно момче ми рече: ‘Еден ден ќе бидеш добра сопруга’. А јас му реков: ‘Не сакам да бидам сопруга. Не.’“
Таа беше во врски со Вуди Ален, Ал Пачино и Ворен Бити во текот на целиот свој живот. „Талентот е неверојатно привлечен“, рече таа за мажите.
Китон посвои две деца – ќерката Декстер (1996) и синот Дјук (2001). „Мајчинството не беше огромна потреба, туку идеја за која размислував долго време. И едноставно се одлучив за тоа“, рече таа еднаш.
Култура
Холандски бит и филмски ритам на „Скопје Синема Сити 2025“: Лауреат е култниот фотограф и режисер Антон Корбајн

Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација.
На 29 и 30 октомври, во киното „Фросина“ во МКЦ, ќе се одржи 11. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кој оваа година ја поставува Холандија во фокус.
Свеченото отворање ќе биде со култниот филм „Контрола“ на Антон Корбајн – легендарен холандски режисер и фотограф, познат по своите впечатливи портрети на светски музички ѕвезди и по своите влијателни музички видеа. Корбајн е лауреат на овогодинешното издание, а фестивалот ќе му ја додели наградата за животно дело за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот.
Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division) , кој го обележа звукот на една генерација. Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија меѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн, кој и самиот бил фотограф на Joy Division, создава интимен, емотивен портрет што прераснува во визуелна поезија на меланхолијата.
Покрај „Контрола“, публиката ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез клуб Бимхаус во Амстердам; краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска; како и „Македонски дневник во рими“, проект на Види Вака кој го истражува светот на домашниот хип-хоп.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во Јавна соба, ќе биде отворена фотографската изложба на Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“, која го поврзува визуелниот израз со урбаните и културните простори низ кои патува музиката.
„Скопје Синема Сити 2025“ е поддржан од Амбасадата на Холандија во Македонија и од Министерството за култура и туризам.
Дизајнот на плакатот за 11. Издание е дело на Милица Коцева.
Култура
Објавени наградите на 28. издание на Денови на комедијата Куманово

Жирито на 28. издание на Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија Куманово 2025, во состав: Претседател: Александар Ивановски, и членови на жирито: Дубравка Киселички, Петар Андоновски, Гергана Трaјкова и Стефан Јакимовски ги донесе следниве одлуки и награди:
Најдобра актерка – Рада Каирјакова, претстава „Постојаната сопруга“ (Сатиричен театар „Алеко Константинов“ Софија, Р. Бугарија);
Најдобар актер – Горѓи Јолески, претстава „Бог на колежот“ (Македонски народен театар – Скопје);
Најдобра споредна улога (женска) Јасмина Вучкова, претстава „Петок 13“ (Народен театар Струмица);
Најдобра споредна улога (машка) Благојчо Стојанов, претстава „Госпоѓа Министерка“ (Театар „Јордан хаџи Константинов“ – Велес);
Најдобра улога за млад актер – Никица Јанковски, претстава „Разбуди се Тина“ (Театар Куманово);
Најдобра сценографија – Нина Пашова, претстава „Постојаната сопруга“ (Сатиричен театар „Алеко Константинов“ Софија, Р. Бугарија);
Најдобра костимографија – Маријана Живковиќ, претстава „Покондирена тиква“ (Народен театар Пирот, Р. Србија);
Најдобра режија – Бојка Велкова претстава „Постојаната сопруга“ (Сатиричен театар „Алеко Константинов“ Софија, Р. Бугарија);
Најдобра претстава – „Бог на колежот“ (Македонски народен театар – Скопје);