Култура
Прослава на Роденденот на уметноста

Со целодневна програмска активност Младинскиот културен центар од Скопје се вклучи во меѓународната манифестација „Роденден на уметноста“. На глобално ниво со бројни концерти, програми за деца, арт-перформанси и инсталации, секој 17 јануари се обележува во повеќе европски земји, вклучително и САД, Јапонија и Јужна Америка. За прв пат Младинскиот културен центар како претставник од Македонија се вклучува во манифестацијата чија цел е прослава на уметноста.„Уметноста има порака, уметноста има цел, а целта е сите да бидеме подобри, поубави и похумани. Иако моментот го забележавме уште минатата година, сепак, Македонија преку Младинскиот културен центар прв пат се вклучува во обележувањето на Роденденот на уметноста. Годинава подготвивме скромна програма како симболичен гест, но големината на моментот е што Македонија рамноправно се вклучува на европската мапа и со обележувањето на 17 јануари станува член на европското семејство кое веќе дваесет години слави во името на уметноста“, за Макфакс изјави Златко Стевковски, директор на Младинскиот културен центар во Скопје.„Роденден на уметноста“ е традиционален годишен настан, за прв пат предложен од страна на францускиот уметник Роберт Филиу во 1963 година. По смртта на Филиу, во декември 1987, се формира меѓународна организација која ја презема одговорноста за славењето на овој ден, наречена „Western Front“. Според Филиу, уметноста не постоела пред 1.000.000 години. Но еден ден, на 17 јануари, истата се родила. Филиу предложил овој датум да се слави како национален празник со тоа што ќе се слави присутноста на уметноста во нашите секојдневни животи.Македонскиот дел од прославата на „Роденденот на уметноста“ опфаќа изложба, промоција на книга, филмска проекција и концерт. Во текот на денот во галеријата на МКЦ ќе може да се посети изложбата „Лична легенда“ на Калиопи Илиевска и „Разговор со мојата душа (моето огледало)“ на Мила Ивановска. Станува збор за дела од нивниот дипломски труд, како и дела настанати во текот на студиите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.Со почеток во 19 часот, ќе биде промовиран краткиот роман „Приказни за август“ од авторот Дејан Велкоски, зад чие издание стои издавачката куќа „Антолог“. Краткиот роман на Велкоски е кус приказ на љубовта, видена низ очите на еден сонувач; збирка циклизирани раскази, поврзани од отсонуваната љубовна приказна.Во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Пејзаж 2“ (2008) во режија на Винко Модерндорфер, каде играат Марко Мандиќ, Петар Мусевски и Јанез Хочавер.Прославата на „Роденденот на уметноста“ ќе заврши со концерт во киното „Фросина“, каде ќе може да се проследи настапот на Тони Китановски заедно со Изет Кизил од Турција и Костас Теодору од Грција. Тројцата музичари прв пат ја делат сцената во 2003 година во Бон, Германија, како членови на составот на нивниот заеднички пријател Теодосиј Спасов. Самостојната соработка како трио се јави како неминовност генерирана од меѓусебната доверба, радост, страст и љубопитност кон сè што може да се нарече музичка мисла и креативна изведба на сцена. Звукот на овој состав е сублимат на индивидуалните истражувања на традиционалните музички стилови од различни краишта на светот сместен во современ импровизаторски концепт.Младинскиот културен центар упати покана до сите љубители на уметноста овој 17 јануари 2011 да се придружат во славењето на уметноста!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.