Култура
Два биса за Симон Трпчески во Загреб

Македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески наиде на извонреден прием од публиката во распродадената концертна сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб
Симон Трпчески во петокот навечер пред избирливата загрепска публика настапи со изведбата на Концертот број 2 за пијано и оркестар од Франц Лист, а како солист на Загрепската филхармонија, под диригентската палка на Леополд Хагер.Овациите на загрепската публика Трпчески ги награди со два биса – Шопен и „Скопското оро“ во аранжман на Дамир Имери.„Многу ми е мило што дојдов во Загеб да свирам по седум години и првпат со Загрепската филхармонија. По настапот во Белград минатата недела, исто и овде го изведов Вториот концерт од Лист кој е нов во мојот репертоар. Пријатно бев изненаден и од Загрепската филхармонија која си има свое ниво што го одржува. Диригентот Хагер се потруди да направи убава заедницхка слика, а целиот впечаток беше надополнет со очекувањата од салата ’Лисински’. Музичарите од Филхармонијата исто така прекрасно ме прифатија, но не очекував дека и салата ќе биде полна, што сепак беше допонителен мотив, а реакцијата на публиката беше фантастична. Затоа и им се заблагодарив на најубав можен начин со двата биса, особено со вториот – кога заедно со членовите на оркестарот го отсвиревме ’Скопското оро’, а присутните прекрасно изреагираа на македонската музика’’, изјави веднаш по концертот, Трпчески за Македонското радио.Вече следната седмица Трчески настапува во норвешката престолнина, првпат со Филхармонискиот оркестар на Осло, под диригентската палка на младиот француски диригент Лионел Брингие, со кои ќе го изведе Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахманинов, за потоа во Копенхаген со Данскиот национален симфониски оркестар и нивниот шеф-диригент Томас Даусгард да настапи со Третиот пијано концерт на Прокофјев. Во април, пак, нашиот пијано виртуоз го очекува серија концерти во Соединетите американски држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.