Култура
„За животот, љубовта и смртта” – нова книга од Зоран Пејковски
Во издание на Издавачката куќа „Феникс” од Скопје, од печат излезе најновото книжевно остварување “За животот, љубовта и смртта” на македонскиот автор Зоран Пејковски, кој живее и работи во Битола
Станува збор за монодрама која беше одиграна на сцената на Народниот театар од Битола, во театарската сезона 2001-2002 г. Рецензенти на оваа книга се познатите писатели и професори Јован Павловски и Александар Прокопиев кои високо го етаблираа ова книжевно-драмско дело.Јован Павловски ќе напише:… Тоа што Зоран Пејковски за врв на слободната волја го избира самоубиството, тоа е прашање за кое може да се дискутира и право на оној кој учествува во дискусијата, да го прифати тоа мислење, тој став, или да го отфрли. Меѓутоа, не може да се спори со авторот кога тој тврди дека “смртта е нешто возвишено, зашто тоа е една чиста, етерична, недефинирана филозофија”. А ако е така, а за него така е, и тоа право на самоопределување Пејковски доста вешто и тврдоглаво, низ целата монодрама, настојчиво, би рекол дури и на свој начин убедливо, го брани, тогаш нам ни останува да се согласиме и да ја прифатиме таа филозофија на постоењето, дотолку повеќе што божјо право е на авторот, што би рекол св. Павле, сам да го насочува животот на своите херои, па, и сопствениот живот, во крајна линија. Монодрамата на Пејковски, навистина, е синтагма на судбината на луѓето, опкружени, постојано и во секоја прилика, со несреќи, кои го определуваат и поначесто го утврдуваат нивното постоење….. На тој начин монодрамата на Зоран Пејковски „За животот, љубовта и смртта” добива една нова димензија, дополнителна и битна, која целата драма на ЧОВЕКОТ СО РАСКОПЧАНИОТ МАНТИЛ ја изместува кон светлината, па, на тој начин, ја изместува кон убавината на животот и на целата Зоранова монодрама….А, пак, Александар Прокопиев, ќе нотира „…Насловот на пиесата именува, една покрај друга, три големи категории во нашето суштествување – животот, љубовта и смртта – кој што, едновремено, и го осмислуваат, но и го обременуваат… Со ваквата ерудиција и еруптивност на “монодрамата” се постигнува едно насочено и стилско субјективизирање, затоа што (единствениот) протагонистот сето тоа го прави во однос на една голема полемика и општа тема…….Значи, пред читателите (гледачите) се открива низ монологот на губитникот, крај гробот (претпоставуваме на изгубената сакана), субјективизираната вистина за еден кус човечки век, во којшто може да се почувствува и убавината, која била следена од тагата, радоста, но и од исчезнувањето…Авторот на монодрамата Зоран Пејковски, умее на подедноставната форма на исповед да и’ даде движење и постојаност до ефектниот крај, со кој што се сменува и просторот на кажувањето и полето на исчекувањето на читателот (гледачот).Инаку, Зоран Пејковски автор е на книгите: „Тесно небо” – (поезија); „Последниот чин на комедијата на смртта” – (трагикомедија), „Реликвија на светлината” (поезија), препев на поемата „Облак во пантолони” од Владимир В. Мајаковски, „Relic of the light” – (поезија), „Филозофија на смртта” – (поезија), „Љубов на вересија” – (драма – комедија), „Театарот е ритам и стил” (публицистика), а „За животот, љубовта и смртта” е негова деветта книга. Меѓу другото, Зоран Пејковски е и сценарист на три краткометражни играни филма, работи на литературни и театарски критики и полемики. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 г.Моментално е главен и одговорен уредник на Битолскиот информативен неделник „Јавност”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба „Стопен град“ на Игор Сековски во Чифте амам
Изложба со наслов „Стопен град“ на Игор Сековски ќе биде отворена на 14 ноември 2025 (петок) во Националната галерија на Република Северна Македонија, објект Чифте амам, во 20 часот.
Со проектот Стопен град, Игор Сековски го продолжува своето истражување на градот како жив, чувствителен и нестабилен организам. По серијата дела посветени на урбаните трансформации, овој пат фокусот е насочен кон климатските промени и нивното влијание врз материјалната и човечката кревкост.
Серијата парафински објекти го претставува градот во состојба на топење – како метафора на архитектонскиот поредок под притисок на топлина, загадување и ентропија. Парафинот, материјал што реагира на температурата, го воведува климатскиот фактор како коавтор на формата, каде што уметноста станува еколошка соработка меѓу човекот, материјата и околината.
Стопените структури асоцираат на надреални урбани пејзажи во кои границите меѓу стабилност и распад, реалност и имагинација, стануваат флуидни. Градот се појавува како „психогеографија на нестабилност“, при што топлината не е само физички, туку и психолошки и социјален симптом.
Изложбената поставка, со „левитирачки“ парафински форми и нивните сенковни проекции, создава впечаток на урбана фрагментација и климатска халуцинација – град во состојба на распаѓање, кој истовремено го задржува сеќавањето на сопствената стабилност.
„Стопен град“ ја претвора уметноста во лабораторија на топлината и кревкоста, прикажувајќи го топењето како физички и емоционален процес. Концептот на „урбана топлинска имагинација“ го реосмислува градот како динамичен екосистем што постојано се менува под влијание на климатските сили. Проектот не прикажува крај, туку трансформација – град што се претопува, но не исчезнува. Така, Сековски го поканува гледачот да ја замисли иднината на урбаното пред да се стопи реалноста што ја познаваме.
д-р Ана Франговска
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам и Националната галерија на Република Северна Македонија и ќе биде поставен до 27 ноември 2025.
Култура
Концерт „Впечатоци од Шпанија“ на „Есенските музички свечености“
Дирекцијата за култура и уметност на Скопје соопшти дека последниот концерт на овогодишните „Есенски музички свечености“ насловен „Впечатоци од Шпанија“ ќе се одржи на 14.11.2025г. (петок) со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културно информативен центар). Ќе настапат Миреиа Пинто – мецосопран и Владислав Броневецки – пијано, од Шпанија.
Миреиа Пинто (родена во Манреса , Барселона – Шпанија) е добитничка на највисоки награди на неколку натпревари за пеење во Шпанија и Италија. Нејзиниот обемен репертоар, кој се движи од барок до современа музика, ги опфаќа жанровите: опера, ораториум и лид. Настапувала како солист со бројни камерни ансамбли и оркестри, под диригентство на познати маестра како Л. Мазел, Г. Дудамел, П. Мааг, Р. Бонинџ, Х. Рилинг, П. Гудвин, Е. Ериксон, А. Зеда, Ж. К. Малгоир, О. Дантони, М. Армилијато, Р. Фрица, С. Мелки, М. Бенини, Ф. Хајдер, М. Мариоти, Ф. П. Декер, Б. де Били, Д. Јуровски, С. Фуџиока, С. Вајгле, Ј. Трауб, А. Анисимов, Г. Носеда, М. Гвидарини, А. Алеманди, Р. Толомели и многу други. Учествува на бројни концертни циклуси, музички фестивали и оперски изведби во Италија, Русија, Холандија, Германија, Грција, Андора, Франција, Монако, Јапонија, Чешка, Колумбија и Шпанија, со значајни настапи во водечките концертни сали и оперски театри. Во однос на Лидер концертите, од 1992 година таа има дуо со пијанистот Владислав Броневецки, со кого развива богата концертна активност низ повеќе земји, на фестивали и концертни циклуси (вклучувајќи ги и престижните концертни сали како „Гран Театре дел Лисеу“ – Барселона, „Рахманинов Хол“ – Москва, „Хамариќју Асахи Хол“ – Токио и многу други).
Тие изведуваат широк репертоар што опфаќа германски лид, француска мелодија, англиски песни, руски романси, италијански, шпански и каталонски песни. Има снимено опери како „Sly“ од Волф-Ферари (со Хосе Карерас), „Il Viaggio a Reims“ од Росини, „Die Walküre“ од Вагнер и „Babel 46“ од Монсалваж (во Операта Лисеу – Барселона). Исто така има издадено и CD „One Life to Live“, заедно со Манел Камп (пијано), со дела од К. Вајл и Гершвин, како и CD „Pushkin in Music“, со Владислав Броневецки (пијано). Таа е професор по соло пеење на Високата школа за музика на Каталонија (ESMuC – Шпанија), вокален советник и професор по пеење на Меѓународната оперска академија (IOA – Гент, Белгија), како и на бројни мастеркурсови во различни земји. Во 2011 година е наградена од Òmnium Cultural со „Наградата за култура Бажес“, а во мај 2017 година ја добива и „Наградата за култура Regió 7“. Таа е Амбасадор на Манреса за 2022 година. Сите овие признанија се за нејзината уметничка кариера и нејзиниот значаен културен придонес кон земјата преку фестивалот на класична музика кој го основала и го организира од 1995 година.
Владислав Броневецки, пијанист од Владивосток, Русија, дипломирал на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, каде студирал кај Елисo Вирсаладзе. Добитник е на наградата „Tchaikovsky Grant“ и признанија од меѓународни натпревари, меѓу кои „Robert Schumann Competition“ во Германија. Настапува на бројни концерти и фестивали низ светот и соработува со истакнати уметници како Наталија Гутман и Хуан Диего Флорез. Денес е професор по пијано на Високата музичка школа на Каталонија (ESMUC) во Барселона.
Влезот е слободен.
Култура
Денес почнува европската турнеја на Националниот џез-оркестар
Националниот џез-оркестар денес заминува на европска турнеја со наслов Macedonian Dreams, која ќе се одржи од 12 до 17 ноември 2025 година и ќе ги опфати градовите Будимпешта, Прага и Виена.
Турнејата ќе почне на 12 ноември во Будимпешта, во престижната ELTE Aula Magna Hall, ќе продолжи на 14 ноември во Прага, во La Fabrika, и ќе заврши на 17 ноември во Виена, во реномираниот џез-клуб Porgy&Bess – еден од најпрестижните џез-клубови во Европа, домаќин на врвни светски џез-музичари.
Macedonian Dreams („Македонски сновиденија“) е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна, која Националниот џез-оркестар со гордост ја носи на европските сцени претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст.
Диригент е маестро Владимир Николов.
Турнејата Macedonian Dreams претставува значаен чекор во афирмацијата на македонската џез-сцена и во промоцијата на богатството и убавината на нашата културна традиција на европските сцени.

