Македонија
Уставните судии укинале само 11 иницијативи, тврдат дека се независни
Уставниот суд изминатата година укинал само 11 иницијативи од вкупно 98 иницијативи кои се однесувале на оспорени закони, додека за другите оспорени закони судот или не нашол основа за поведување на постапката или биле отфрлени.
Претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева и дел од другите членови на Судот тврдат дека немаат никакви партиски пртисоци, ниту од власта, ниту од опозицијата.На денешната презентација на годишниот извештај на Уставниот суд, претседателката Гошева вели дека бројот на интервентни одлуки е релативно мал бидејќи немало основ за уставно проблематизирање на законите. Таа не даде оценка дали тоа значи дека во Македонија се носат квалитетни закони иако во последниот период се донесоа многу Закони во Собранието без опозиција и по скратена постапка. Во 2014 година судот примил 173 ицијативи за оценување на уставноста, а 126 биле префрлени од 2013 година. Најголем број од иницијативите или 98 се однесувале на закони. Од нив 11 завршиле со укинување, кај 63 судот не нашол основ за поведување на постапка, отфрлени биле 31 иницијатива, две постапки биле запрени, а една постапка била решена по административен пат. „Подносителите на иницијативите бара судот да се впушта во оценка на целеисходноста на законите што не е негова надлежност. Судот според неговата надлежност не номинира законски решенија туку ја оценува нивната уставност. Бројот на иницијативите со кои се оспорени закони или подзаконски акти како обем на работа е релативен затоа што со една иницијатива може биле оспорувани и повеќе закони или подзаконски акти“ , рече Гошева. Гошева не сакаше да ги коментира разговорите коишто ги објави опозицијата во неделата, во коишто се слуша дека наводно премиерот Никола Груевски во разговор со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески вели дека иницијативата на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски за спорниот Детален урбанистички план ќе биде отфрлена или како што вели Груевски „ќе падне на Уставен“.„Уставниот суд носи одлука со гласање, одлуката не ја носи ниту самиот судија, ниту претседателот на судот. Немам коментар“, рече Гошева.Уставниот суд изминатава година ги отфрли иницијативите за Законот за аборутс, како и иницијативата на новинарите за повреда на Уставот со бркањето на новинарите од Собраниската галерија на 24 декември пред две години кога се носеше Буџетот на државата.Судијката наташа Габер Дамјановска за дел од случаите објавува свои издвоени мислења за одлуки со кои не се согласува со решението што го донел Уставниот суд. Досега имала напишано повеќе од десет издвоени мислења.„Секој судија има право на свое издвоено мислење. Случајот дека еден судија има повеќе издвоени мислења во однос на другите (мислејќи на судијката Наташа Габер Дамјаносвка) е негово право и не можам да коментирам зошто другите судии не поднесувале иако сакам да кажам дека има и други судии со издвоени мислења“ појаснува Гошева.Сепак Габер Дамјановска вели дека не чувствува никакво притисок во својата работа.„Последните години мислам дека судот не е подлежен на политички притисоци па и јас. Во однос на моите издвоени мислења јас се држам до мојата заклетва дадена прд граѓаните на Република Македонија и пред Собранието дека одговорно и совесно ќе ја вршам својата функција во согласност со уставот и законите и јас ги гледам така предметите. Но онаму каде што сметам дека предметите не се сообразни со уставот и законите јас тоа го издвојувам како мислење“ вели Габер Дамјановска.И судијата Владо Стојановски исто така вели дека нема политички притисоци при одлучувањето. Иницијативите кои се разгледуваат од страна на судијата известител, потоа тие се разгледуваат на седница и секој гласа според сопствено убедување.Секоја година претседателите на Уставниот суд имаат забелешка и бараат поголем буџет за Уставниот суд. Годинава, Гошева информираше дека буџетот од 33.722.000 денари за судот е доволен и дека немаат никакви финансиски проблеми. Уставните судии се уште немаат одлучувано за иницијативата за укинување на екстерното тестирање на факултетите иако оваа одлука на Владата предизвика големи протести. Сепак Гошева вели дека не калкурираат и дека секоја иницијатива кога ќе стигне во уставниот суд се распределува во работа на судија и државен советник и тие додека не сметаат дека се исцрпени сите потребни податоци за реша вање на таа иницијатива таа не се става на седница.„Нема рокови за одлучување. Судијата проценува кога ќе бидат собрани сите информации таа да биде ставена на дневен ред. Секоја иницијатива си бара потребно време за одлучување и не може некоја иницијатива да и се дава приоритет. Некои се решаваат и за два месеци но некои и подолго“, вели Гошева./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

