Култура
УНЕСКО: Штитејќи го јазикот, се штитиме себе

Јазикот нé прави тоа што сме, а штитејќи го јазикот се штитиме себе, изјави по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, главната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова, истакнувајќи дека јазичната разновидност е нашето заедничко наследство.
Јазикот нé прави тоа што сме, а штитејќи го јазикот се штитиме себе, изјави по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, главната директорка на УНЕСКО, Ирина Бокова, истакнувајќи дека јазичната разновидност е нашето заедничко наследство.Предупредувајќи дека ова наследство е многу кревко, Ирина Бокова во пораката потсетува дека речиси половина од повеќе од шест илјади јазици коишто се зборуваат во светот, може да изумрат до крајот на веков, а дури 96 отсто од тие јазици ги зборуваат 4 отсто од светското население. Секој јазик пренесува културно наследство, што ја зголемува нашата креативна разновидност, се додава во пораката на директорката на УНЕСКО.„Културната шареноликост е исто така важна како и биолошката разновидност во природата. Тие се тесно поврзани“, истакнува Бокова , додавајќи дека јазиците на некои од народите во себе носат знаење за биолошката разновидност и управувањето со .екосистемите“.„Тој лингвистички потенцијал е големо богатство во одрлживиот развој. УНЕСКО има намера да ја нагласи оваа порака на Конференцијата на Обединетите нации за одржливиот развој во Рио Дежанеиро“, се вели натаму во пораката на Бокова.Како што истакнува челничката на светската организација за културното наследство, животот на јазиците зависи од оние коишто ги зборуваат и од оние коишто настојуваат да ги сочуваат, а УНЕСКО обезбедува нивниот глас да се слушне во креирање на политиките за образованието, развојот и општествената поврзаност. „Сите активности кои служат за ширење на распространетоста на мајчинските јазици истовремено служат и како поттик за глобалната лингвистичка разноликост, но и како поддршка за ширењето на свеста за глобалните јазични и културни традиции, и како инспирација за ширење на солидарноста втемелена на разбирањето, толеранцијата и дијалогот. Учењето на јазикот којшто го разбира детето е клучно за да децата можат да го остварат своето право на квалитетно образование. Мајчиниот јазик и повеќејазичното образование е важно за намалување на дискриминацијата, промовирање на вклучувањето во општеството и подобрување на резултатите во учењето за сите деца“, се наведува меѓу другото во пораката на Ирина Бокова, објавена на интернет страниците на УНЕСКО.Јазичната и културната разноликост се стратешки важни за луѓето ширум светот во јакнењето на единството и поврзаност ана општеството. Поради промовирање на јазичната разноликост и повеќејазичното образование, УНЕСКО во 1999 година донесе одлука за прогласување на 21-ви февруари за Меѓународен ден на мајчиниот јазик, чија цел е да го потсетува човештвото на низа етички и практични обврски со коишто може да ја зачува лингвистичката разновидност како едно од најголемите светски богатства./краја/хи/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Пеколот е мало место“ – нова стихозбирка од Тихомир Јанчовски

Поетот Тихомир Јанчовски, во поетската едиција на Книгоиздателството Макавеј го објави новиот поетски ракопис со наслов „Пеколот е мало место“, којшто на интересен начин се надоврзува на неговиот претходен поетски опус.
Новата стихозбирка на Јанчоски донесува педесетина нови песни и е поделена на циклусите „Обиди се да сфатиш“, „Годините врват“, „Секогаш од љубов“ и „Куќа за птици.
Оваа нова поетска објава на Јанчовски е проследена со поговор на авторот Душко Крстевски, кој, меѓу другото, со своите оценки поентира:
– Збирката поезија „Пеколот е мало место“ од Тихомир Јанчовски претставува општествена критика, егзистенцијална размисла како и нуркање и истражување на човековите емоции. Секоја песна одекнува со чувство на итност и длабока интроспекција од страна на поетот, одразувајќи ја сложеноста на човековата состојба во свет полн со очај и разочарување.
За потсетување, македонскиот поет, професор, преведувач и колумнист Тихомир Јанчовски завршил општа и компаративна книжевност на УКИМ има објавено петнаесет книги поезија, три романи, две книги за деца и една книга колумни.
Култура
Изведбата на моќното ремек-дело „Набуко“ од Џузепе Верди во рамките на 53. издание на Мајските оперски вечери

Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“ ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 19 мај со почеток во 20.00 часот во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Операта ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.
Насловната улога (Набуко) ќе ја толкува, Луис Кансино од Шпанија, во улогата на Абигаиле ќе настапи Ханјинг Цо од Кина, Николина Јаневска ќе ја толкува улогата на Фенена, Уго Тарквини (Италија) ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Џовани Пароди (Италија), во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја”).
Култура
Објавен првиот том на Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик

Во издание на „Бата прес“ објавен е првиот том на Правописно-нормативниот речник на македонскиот стандарден јазик, на кој автори и редактори се осум универзитетски професори. Објавувањето на речникот е поддржано од Министерството за култура како проект од национален интерес за 2024 година.
Својата прва промоција речникот ќе ја има на годинешниот Саем на книгата во арената „Борис Трајковски“, на штандот на издавачот, во вторник, во 11.30 часот. Речникот ќе го претстават рецензентката проф. д-р Весна Костовска и авторката редактор проф. д-р Елизабета Бандиловска.
Во првиот том се поместени зборовите од буквата А до буквата Ж, а авторите (универзитетските професори) и соработниците постојано работаат, така што во наредните изданија ќе бидат обработени зборовите до буквата Ш, и правописно-нормативниот речник како плод на повеќегодишен труд ќе биде комплетиран.
Овој капитален лексикографски зафат се надоврзува на повеќето изданија од овој вид, почнувајќи првиот македонски правописен прирачник Македонски правопис со правописен речник од Блаже Конески и Крум Тошев (1950) до Правопис на македонскиот јазик во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа „Култура“ (2015 и 2017 година).
Автори и редактори на изданието се: Лидија Аризанковска, Елизабета Бандиловска, Снежана Велковска, Виолета Јанушева, Елена Јованова-Грујовска, Искра Пановска-Димкова, Симон Саздов, Људмил Спасов.
Соработници на проектот се Марија Антевска, Филип Белчев и Македонка Додевска.