Култура
Четкар:Како македонски уметник добив историска музичка можност во САД
Владимир Василевски- Четкар веќе неколку години својата музичка кариера ја гради во колевката на џез и соул музиката Њујорк.
По завршувањето на неговите студии на реномираниот колеџ „Беркли“ во Бостон, одлучи џез, соул и панк музичката приказна да ја раскажува низ реномирани џез клубови во Њујорк, Бостон, Вашингтон, соработувајќи со музички имиња значајни за неговиот развој како уметник и музичар. Компонирањето, аранжирањето, џез -гитарата и гласот се неговата добитна комбинација во создавањето на музички дела кои публиката ги сака, а музичката критика ги оценува позитивно.
Неговиот втор албум „We will never end“, зад кој стои издавачката куќа „Хармониа продакшн “се продава секаде во светот низ повеќе специјализирани музички продавници како и дигитално (Итјунс, Амазон). Продажбата според информациите на Четкар оди добро во САД и Англија. Песните се наоѓаат на плејлистите на Би-Би-Си, Си-Би-Ес, Лајт FM, „Министри оф саунд“, дел се и од повеќе компилациски изданија во различни земји.
Во текот на годината освен американскиот го освојува и светскиот пазар, но летото секогаш е резервирано за настап пред македонската публика, пред која настапува со задоволство и го промовира она што во меѓувреме го сработел.„Ова лето повторно ќе го имам задоволството да се претставам пред македонската публика и тоа со големи концерти на Охридско лето (7 август во Антички театар), Бит фест (10 август на Широк сокак во Битола), а ќе имам настапи и низ другите македонски градови како Струга и Штип, каде до сега не сум имал можност да настапам. Ќе бидам придружуван од мојот европски квартет составен од Ху Вајт на клавијатури, Џонатан Харви на бас и Бено сатлер на тапани. Оваа година премиерно ќе бидат изведени моите нови музички материјали,“ вели Четкар во интервјуто за порталот на „Форум“.
Во изминатиов период Владимир Василевски Четкар имаше многу настапи во живо и ретка привилегија да свири во најпознатите џез клубови во светот од кои би ги издвоиле „Блу ноут“ во Њујорк, „Блу алеј“ во Вашингтон, „ Регатабар“ во Бостон, „Будапест џез клуб“ во Будимпешта.
„Да се биде музички уметник кој ја негува џез, соул и фанк музиката во Њујорк, светскиот центар на овие музички правци е најголемиот предизвик со кој еден музичар може да се соочи. За многу кратко време откога се преселив во Њујорк ми се случија многу значајни нешта и како македонски музички уметник добив историска можност да почнам да настапувам во некој од најпознатите музички клубови и сцени во САД. Истовремено, музичката критика во САД и светот ми даде фантастична поддршка со што дополнително ме мотивира и отвори многу врати на интернационалната музичка сцена во жанрот на џез, соул и фанк музиката“ додава Четкар
Годинава соработувал со повеќе музичари и продуценти од кои најзвучни се имињата на Димитри фром Париз и Том Мултон. Димитри е меѓу најпопуларните и најреспектирани диџеи- продуценти во светот. Па неговата покана до Четкар да гостува на негов проект, за македонскиот уметник е огромна чест.
„Искуството кое го стекнав со овие мајстори на својот занает е бесценето и секако дека позитивно влијаеше врз моето усовршување,“ додаде Четкар.
Ричи Харт, Џон Томас, Грег Хопкинс и Џеј Кенеди биле негови реномирани професори на „Беркли“, а џез музиката ја засакал слушајќи ги Џорџ Бенсон, Квинси Џонс Хенкок… „Со Бостон ме поврзуваат прекрасни мемории. Во Бостон ги завршив студиите на музичкиот колеџ „Беркли“ и таму ги направив првите професионални чекори како музичар. Њујорк од друга страна е најконкурентното и најдинамичното место во светот каде си опкружен од светскиот музички крем меѓутоа, и вистинското место каде еден уметник може да се исчеличи, докаже и промовира како себе така и својата земја,“ вели нашиот соговорник.
По настапите во Македонија, ќе настапува на џез музичките фестивали во Ниш и Лондон, а според него, со секое учество на сериозен музички ивент или фестивал се отвораат нови можности и се стекнуваат со нови фанови кои секако се најбитни за долговечноста на еден музички уметник.„Во Лондон ќе дебитирам со два концерти во октомври, а во Ниш ја имам честа да настапам на затворањето на Ниш џез фестивал (15 август) кој моментно е најголемиот интернационален џез фестивал во Југоисточна Европа,“ говори Четкар за неговите настапи во интервјуто за порталот на „Форум“.
Освен што се подготвува за доаѓање во Македонија, моментно работи на неговата светска турнеја, промоцијата на азискиот пазар и на неговиот нов албум. Првите нумери „Оушн оф лав“, „Лет јурселф гоу“, „Хипнотајзд“ му ја отворија вратата на Четкар за влез на американската и светската џез сцена. Овие музички материјали Четкар ги снимаше во познатите „Легаси рекординг“ и „Катинг рум“ студија од каде што се лансираа повеќе платиниумски албуми на Мараја Кјери, Џенифер Лопез, Алиша Кис. До сега соработувал со „Џестофанк“, „Хауславерс“, „Релатив депт“ и многу други музичари, а на гостувањата во Македонија со Дамир Имери и Оливер Дуев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

