Култура
Започнува АКТО – Работи (Никогаш)
Шестото издание на Фестивалот за современи уметности АКТО започнува вечерва во Битола со перформанс на уметникот Зоран Попоски.
Шестото издание на Фестивалот за современи уметности АКТО започнува вечерва во Битола со перформанс на уметникот Зоран Попоски.Насловен како „Портрет на уметникот како културен работник“ перформансот е закажан за во 20 часот пред споменикот на Стив Наумов во дворот на Офицерскиот дом во Битола.Во 21 часот е воедно и свеченото отварање во самата зграда Офицерски дом и тоа со изложба „20 години слободни/Канал 103“ и инсталацијата „Леле ‘Метод’“ на Драгана Заревска и Јасна Димитровска.Посетителите ќе можат да ги видат и „Не зјапајте романтично!“ на Филип Јовановски (event, инсталација) и „Портрет на работникот како уметник“, од истиот автор, потоа видео инсталацијата „Талкање“ од Игор Тошевски, Percevez(plus), Beatrice Andre, (инсталација) , „Love the future“ од Никола Узуновски (инсталација) и делата на многу други домашни и странски автори.Веднаш потоа во дворот на офицерската зграда ќе започне музичката програма. За публиката на првата фестивалска вечер со свои сетови ќе настапат диџеите на канал 103, бендовите Millko и Sound Pollution.АКТО за своја насловна тема ја избра „Работи (Никогаш)!“ Како повод за темата е графитот што францускиот филозоф Ги Дебор го испиша на еден ѕид од улицата покрај Сена во Париз кој гласеше Ne travaillez jamais / „Работи (Никогаш). После точно 58 години во Битола на улицата Солунска е испишан истиот графит. Таа коинциденција беше искористена како тема за овогодинешниот АКТО фестивал за современа уметност. Преку делата на овогодинешните уметници одново се прави обид да се преиспита поимот на работа и во емотивна и материјална смисла, како и негово значење во денешен современ контекст.Организатори на Фестивалот се уметничкиот директор и селектор Филип Јовановски, продуцентите Александар Јовановски и Борче Димитровски а извршен продуцент е Никола Димитровски. Фестивалот АКТО е дел од Битолското културно лето Битфест. Целта на Акто Фестивалот е отварање на културните рамки на едно современо општество преку нивно ре-поставување и дефинирање во нов контекст./крај/со/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.