Култура
Изложба на слики „Уметноста од некогашна Југославија“ во Куманово
На 3-ти февруати (четврток) со почеток во 19,30 ч. во Изложбениот салон на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе се отвори изложбата на слики „Уметноста на тлото на некогашна Југославија од фондот на Меѓународната струмичка ликовна колонија“
Изложбата се реализира како резултат на добрата соработка меѓу НУ Центар за култура “Антон Панов“ – Струмица (кој е носител на проектот) и НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово. Целата поставка содржи 48 дела, масло на платно од исто толку автори од поранешните југословенски републики, работени во периодот 1961- 2009 год. Во каталогот за оваа изложба колегата Бранислав Пепиќ, историчар на уметноста, ќе запише:„Проектот насловен како во насловот без додатокот “некогашна“, е испираран од изложбата која ја организираше во 80 г. на минатиот век во Париз ликовниот критачар Миодраг Б. Протиќ, на која изложба беа презентирани автори од ЈУ-просторот, сe разбира со републички селектори и тоа до 1950 година и по 1950 г. По ослободувањето на просторот на накогашна Југославија, продолжија со работа Академиите за ликовни и применети уметности во Белград, Загреб и Љубљана од каде се лиферуваше ликовен кадар, за да малку покасно се формират Академии (факултети) за ликовна уметност во Босна и Херцеговина, тогашната автономна покраина Војводина, па во Црна Гора, покасно во Приштина како втора автономна покраина и за на крајот Македонската педагошка академија да премине во Факултет за ликовни уметности. Овој кадар доаѓаше на Меѓународната струмичка ликовна колонија. Најстарите дела се од перидот на создавање на познатата “Струмичка ликовна збирка“ која ја одигра улогата во формирање на Меѓународната струмичка ликовна калонија во 1961 г. како Колонија на Наивните творци која ќе трае до 1966/67, која одпосле помина во Југословенска, а од 1969 во Колонија од Меѓународен карактер, датираат од 1961 година. Ако делото на Оља Иваницки „Камен и црвено небо“, е емотивно во духот на апстракното, тогаш делото наа словенецот Јоже Тисникар е во духот на деформирани ликови, страотни и заплашувачки. Додека делото на Богољуб Ивковиќ, е работено во поетиката слична на метафизичкото сликарство. Во тој период се формираат разни групи, коишто дирекно влијаат меѓу себе. Од тука не е ни чудо што овие групи делуваат од самите републики. Но, кај некои творци овие групни движења многу не влијаат. Постои еден каталог работен на шапилограф, каде меѓусебно комуницираат Хрвоје Шерцер, Глигор Чемерски и Тодор Стефановиќ. Халил Тиквеша со своето дело “Носталгија по Неретва“, во духот на носталгичноста ни ја дава на свој начин негова ностагичност. Радуле Анѓелковиќ во својот препознатлив стил како Мирјана Вукмировиќ го работи своето дело во духот на експресионизмот, како Тодор Стефановиќ, Драган Лубарда, Столе Стојковиќ, Стојан Пачов, Татар Војо, Глигор Чемерски и др. Но, карактеристични се делата на Зравко Папич кој го следи денот од утро до мракот со поделба на платното и во духот на поп-артот го гради своето дело или делото на Бојан Бем “Базент“, кое претставува онака видено од птичја перспектива, работено со пастел на хартија, или делото на Војко Погачар, работено во еден здржан експресионизам. Апстрактниот експресионизам е застапен кај Петар Мазев, Ева Хеимер, Милорад Ѓокиќ нo не и кај Слободан Перишиќ кој работи во сферата на фантастичното, или кај Младен Србиновиќ во делото „Македонска софра“ во кое се насетуваат прекрасните плодови на природата. Сите овие стилска ликовни погледи се преземени од Минхен и Париз затоа што постарите, професорите биле таму, но улогата на двигател во сликарството на некогашната Југославија, во голем дел го одиграле, “Годишните стипендии на Моша Пијаде“- (Моша Пијаде, сликар и општественик,) коишто секоја година им се давале за одење во Париз на усовршување. Исто така не е за потфрлување делото на Деса Керечки, која во позадината на ..Дојрана“, нуди мозаичарски размислувања на едно реалистичко рамислување, нo и делото на Милена Јефтиќ “Ќе ве изедам“ нуди поп-артовски елементи. Сето останато е работено во духот на акедемскиот експресионизам и неговите варијанти, но не и делото на Хусред Хрвановиќ, “Зајди, зајди јасно сонце“, работено и инспирирано од песната и струмичкиот топол амбиент. За крај би го спомнал делото на доајенот Милорад Бата Михаиловиќ “Случка“, дело испирано од случките во Колонијата работено во еден емоционален апстрактен експресионизам.“Изложбата во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена до 17-ти февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

