Македонија
Јанева: Се надевам дека еднаш засекогаш ќе завладее правото во Македонија
Специјалната обвинителка, Катица Јанева, збунето и емотивно ја дочека одлуката Советот на јавни обвинители да го преполови тимот кој го предложи за да ги истражуваат предметите поврзани со прислушуваните материјали.
Таа дозна за одлуката на Советот кога заедно со претседателот на Советот, Петар Аневски, излегоа да дадат изјава за медиумите и додека Аневски им ја соопштуваше одлуката на новинарите. Јанева не присуствувала на седницата за избор, ги образложила своите планови и излегла.Јанева не се откажува од нејзиниот тим и најавува дека постојано ќе бара Советот да свика нова седница на којашто ќе ги избере сите нејзини предложени кандидати. Во нејзината, по малку, емотивна изјава, таа побара помош од новинарите да го формира нејзиниот тим и да ја истера правдата до крај. Но, најави дека нема да се откаже и дека ќе работи и со тимот кој ѝ е избран со надеж дека во Македонија еднаш засекогаш ќе завладее правото.Нејзината прва реакција на одлуката на Советот беше дека се крши законот и се узурпира договорот во Пржино. „Јас мислам дека Советот ќе донесе одлука и за останатите од тимот, јас останувам на мојот тим и се надевам дека ќе закаже нова седница во законскиот рок до 15 за да ги избере и другите обвинители. Јас сметам дека треба да се почитува законот и затоа сум оптимист, Законот е донесен врз основа на договорот во Пржино и е поддржан од политичките партии. Собранието го донесе законот, леташе и авионот за да се потпише указот тоа го знаете и затоа ја прифатив оваа одговорна задача која имам капацитет да ја извршам“, рече Јанева. Јанева од своја страна најави само одлуки и никаков обид за пропаѓање на политичкиот договор, а според неа, останатите „не знаат да читаат закони“.„Овој дел, финансискиот план и организациониот е само рамка тој треба да се доработи. Треба да се направи систематизација, обвинителите треба да си го формираат својот тим на истражители. Но ова нема да ме запре, туку ќе ме охрабри само законски да си ја вршам работата. А Советот треба да го почитува исто така законот“, рече Јанева.Не ѝ е јасно како обвинителите се жалат за намалените капацитети, а Советот избрал обвинител од гостиварското обвинителство каде има малку обвинители, а нема ниеден обвинител од скопското обвинителство.„Предложените обвинители се мои колеги кои ги почитувам ,јас сметав дека тоа е тимот кој треба да работи и на прислушуваните материјали иако сите колеги ги поздравувам и секој можеше да биде дел од овој тим“, рече Јаневска. По написите во дел од медиумите дека „работи за Американците“, таа вели дека секој има право да пишува што сака за неа и дека не чувствува притисок. Но првите реакции и револт за нејзината работа стигнаа од нејзините колеги. Првпат јавно, иако обвинителите тврдат дека досега неколку пати реагирале и до Владата и Министерството за правда, јавно се пожалија дека немаат доволно кадар и побараа зголемување и на платите. Откако претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски ја соопшти одлуката на Советот, пред новинарите ставот на обвинителите излезе да го одбрани и републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Главните аргументи поради кои го намалиле тимот на Јаневска се бројот предмети кои пресметале дека ќе ги има Специјалната обвинителка. Иако Јанева пред новинарите рече дека не знае колку предмети ќе имаат за работа, Зврлевски изјави дека до овој момент новата обвинителка има 25 предмети, онолку колку што имаат отворено скопското јавно обвинителство и обвинителството за организиран криминал за прислушувањето. „Никој не презентираше никаква претпоставка колку предмети би можело да има. Ова и не е конечна одлука на Советот, доколку се појави потреба ќе бидат определени нови обвинители, согласно систематизацијата. На пример, јавното обвинителство за организиран криминал почна да работи со пет обвинители, а работеше најтешки предмети со екс премиер, со гувернери“, појасни Зврлевски.По формирањето на специјалното обвинителство, во обвинителствата постоел голем револт и разочараност што било избрано обвинителството што било навреда за целото обвинителство. За Зврлевски новото обвинителство е политичко , а јавното обвинителство институција која работи според закон.Советот нема надлежност да решава за финансискиот и другите планови на Јанева, тоа е под надлежност на Владата и Собранието, но затоа обвинителите се повикаа на член од Законот за совет на јавни обвинители и ѝ го преполовија тимот на Јанева. Од предложени 14 избраа седум обвинители.Официјално обвинители кои треба да дадат заклетва за работа во Специјалното јавно обвинителство се Бурим Ристеми, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стефчо Донев и Фатиме Фетаи./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави фотографии од почетокот на акцијата за чистење, поддршка му даде и Мицкоски
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави фотографии на социјалните мрежи на кои се гледаат десетици камиони и други возила кои ќе го чистат Скопје.
Ѓорѓиевски во неговата изборна кампања вети дека кога ќе стане градоначалник, откако ќе му биде врачен мандатот за 72 часа ќе го исчисти Скопје.
„Започна големата акција за чистење на Скопје! За 72 часа, нашата метропола ќе ја добие свежината и сјајот кој го заслужува. Секој агол, секоја улица, плоштад со заеднички сили ќе бидат чисти. Скопје ќе блесне – уредено и достоинствено, токму како што доликува!“, напиша Ѓорѓиевски.
Македонија
Доделени ЕУ наградите за истражувачко новинарство
Церемонијата за доделување на Наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство 2025 се одржа денеска во Скопје на која беа наградени најдобрите стории објавени во Македонија во 2024 година. Престижната награда поддржана од Европската Унија ги препознава најдобрите истражувачки стории објавени во претходната година во земјите од Западен Балкан и во Турција, а координатор за Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Церемонијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.
Жири-комисијата која одлучуваше за нградите ја сочинуваа Валентин Нешовски, Соња Колевска-Делевска и Огњен Зориќ.
Победниците на кои сертификатите им ги доделија амбасадорот Рокас и претседателот на жири-комисијата Нешовски беа прогласени во следниот редослед:
3. место:
Срѓан Стојанчов и Снежана Лупевска Созен за сторијата „Досие Крмзов – Епски криминал или обид да му се одземе бизнисот“ од емисијата КОД, ТВ Телма која истражува финансиски криминал со мрежа на фирми кои испумпувале пари од државниот буџет.
2. место:
Сашка Цветковска, Бојан Стојановски, Александра Денковска, Трифун Ситниковски, Александар Јанев и Давид Илиевски (Истражувачка репортерска лабораторија) за сторијата „Украдени животи“ која ја открива шемата за крадење идентитети со цел подигање брзи кредити на туѓо име.
1. место:
Александар Димитриевски и Михаил Милошевски за сторијата „По трагите на Јулија“, која го истражува скандалот со „лажната“ диплома за англиски јазик на шефот на тајната полиција.
По доделувањето на наградите победниците имаа можност да одржат краток говор:
„Владеењето на правото е израз кој кај нас лесно се заборава. Се надевам дека сите стории, независно од нивниот епилог, дека оставаат порака кај сите што допрела, дека владеењето на правото не е само израз…“, рече Александар Димитриевски од 360 степени.
„Сакам да се заблагодарам на жирито, второ на сите колеги кои работеа, а не се тука на сцената и трето за овој случај има 43 обвинети, сега случајот е во истрага, но за жал сите измамени граѓани се уште се должници во кредитно биро оти судството се уште не си ја завршило работата. Се надевам дека работат побрзо за да ги заштитат своите граѓани во иднина“, рече Александра Денковска од ИРЛ по примањето на втората награда.
„2024 беше прилично добра година од аспект на истражувачко новинарство, може да ми текне барем на 7-8 стории кои беа одлични. Навистина сум почестен што сме во тоа друштво. Истражувањата за финансиски криминал немаат многу простор во дневното новинарство и затоа драго ми е што имав време да го сработам тоа“, рече Срѓан Стојанчов од тимот на КОД.
Македонија
Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје.
Директорката детално ја запозна со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот којшто ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“.
„Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифати да биде покровителка на фестивалот. Соговорничките споделија мислења за македонската драматургија, местото и улогата на славните глумци во неа, но и хроничните проблеми со коишто се соочуваат театрите, вклучувајќи ги и најтешките: просторните и финансиските. Сепак, недвосмислено заклучија дека театарот мора да остане жив и витален, обидувајќи се да привлече нова публика меѓу децата и младите, воден од чесната намера да ја поттикне кај нив љубовта кон уметноста. Претседателката смета дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на директорката и нејзиниот тим гарантираат незаборавен фестивал којшто заслужува институционална и финансиска поддршка“, соопштија од претседателскиот кабинет.

