Македонија
Тодоров нуди бонус од 15.000 денари за гинеколог во Шутка
По протестниот перформанс на жените од Шуто Оризари којшто се одржа во вторникот пред Министерството за здравство, министерот за здравство, Никола Тодоров ги прими претставничките на Иницијатива на средба и им ветил дека веднаш ќе се најде решение и ќе им обезбеди гинеколог на жените од оваа скопска општина кои веќе две години немаат каде да одат на гинеколог.
Тодоров се обврзал дека уште во вторникот денес ќе се распише оглас за избор на матичен гинеколог, кој во целост ќе може да одговори на барањата и потребите на над 8.000 жени во репродуктивен период во општината Шуто Оризари, но и Ново Село. Како новитет е ветената финансиска стимулација на гинекологот во висина од 15.000 денари месечно, мерка која ќе трае две години.До целосното завршување на процедурата за избор на матичен гинеколог, која се очекува да трае повеќе од два месеци, министерот се обврзал да изнајде механизми за да се обезбеди целосност на услугите. Времената мерка ќе обезбеди гинеколози од ГАК кои ќе доаѓаат три пати во неделата, со целосно работно време и кои ќе бидат во можност освен советување и ехо-прегледи, да ги нудат и извршуваат сите останати услуги, како следење на бременост, издавање упати, микробиолошки наоди и слично.„По двегодишна битка за изнаоѓање на решение и отворање на ординација на матичен гинеколог кој во целост ќе може да одговори на барањата на заедницата, можеме да кажеме дека некои од овие мерки досега не покажаа соодветен резултат. Сепак, ветувањата на министерот Тодоров, особено финансиска стимулација на гинекологот ги сметаме за чекор напред во разрешувањето на проблемот. Во следниот период, внимателно ќе продолжиме да ја следиме состојбата и интензитетот на остварување на мерките на кои министерот Тодоров се обврза“, соопштуваат од Иницијативата на жените од Шуто Оризари. /крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

